Синот на Бајден, Хантер, обвинет за нелегално поседување оружје

Претседателот на САД, Џо Бајден и неговиот син Хантер.

Хантер Бајден, син на американскиот претседател Џо Бајден на 14 септември е обвинет за кривично дело. На ова му претходеа обиди да се постигне спогодба за признавање вина, но тие не успеаја, па тоа доведе до прво кривично гонење на дете на актуелен претседател на САД во историјата

Обвинението е подигнато на 14 септември во Окружниот суд на САД во Делавер по три точки за давање лажни изјави во врска со набавка на огнено оружје и нелегално поседување огнено оружје додека бил под дејство на дрога.

Обвинителите го обвинија Хантер Бајден дека лажел за употребата на дрога кога купил пиштол Колт Кобра во октомври 2018 година.

Обвинението на американскиот специјален обвинител Дејвид Вајс доаѓа откако Хантер Бајден, кој има 53 години се изјасни за виновен по две точки од обвинението за даночни прекршувања во спогодбата што пропадна на сослушувањето во јули.

Ројтерс пишува дека драмата во судницата ќе игра голема улога во кампањата за претседател на САД во 2024 година, бидејќи Џо Бајден, кој има 80 години, бара реизбор во веројатниот реванш со неговиот републикански претходник Доналд Трамп, кој исто така се соочува со неколку обвиненија.

Обвинението доаѓа два дена откако републиканците во Претставничкиот дом започнаа истрага за импичмент на Џо Бајден поради надворешните бизниси на Хантер Бајден.

Адвокатот на Хантер Бајден не беше веднаш достапен за коментар.
Вајс во август беше унапреден во статус на специјален советник, откако со години го истражуваше бизнисот на Хантер Бајден како американски адвокат во Делавер, родната држава на демократскиот претседател. Вајс првично беше номиниран од Трамп.

Со години, Хантер Бајден е во центарот на немилосрдните напади од Трамп и неговите републикански сојузници, кои, меѓудругото, го обвинуваат за злодела поврзани со Украина и Кина.

Видете и ова: Американскиот обвинител назначи специјален советник во истрагата за синот на Бајден


Хантер Бајден работел како лобист, адвокат, инвестициски банкар и уметник, и јавно ја опишал својата битка со злоупотребата на супстанции.

Иако републиканските пратеници собраа сведоштва дека Џо Бајден повремено разговарал со деловните соработници на неговиот син, тие допрва треба да дадат докази дека претседателот лично имал корист.
Хантер Бајден откри во декември 2020 година дека канцеларијата на Вајс ги истражувала неговите даноци. Тој ја негираше вината.