Словенечката министерка за надворешни работи, Тања Фајон по денешната средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи во Скопје ја осуди изјавата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.
„Министерот Османи утрово ме извести и за овој немил настан на Џамбаски и се надевам дека денеска ќе испрати дипломатска нота. Станува збор за навреда на граѓаните на Република Северна Македонија и јас бев сведок и ги осудував неговите активности, односно изјави и сите тие провокации во период кога државите обезбедуваат една позитивна средина во вакви услови. Ги повикувам сите пријатели во соседна Бугарија да се воздржат од несоодветни коментари кои внесуваат раздор, нерасположение и конфликти меѓу населението“, рече Фајон на заедничката прес-конференција со Османи.
Таа додаде и дека секоја провокативна, навредлива изјава бара реакција и дека ја поддржува вербалната нота.
„Во слична ситуација би реагирала и јас така“, рече Фајон.
Министерот Османи рече дека денеска ќе реагираат со вербална нота за изјавата на Џамбаски како говор на омраза, кој, како што рече, што според сите меѓународни и билатерални договори е основа за да се реагира.
„Целта е себепромоција и овој пат ги надмина сите граници и тоа сигурно нема да го премолчиме“, рече Османи за изјавата на Џамбаски.
Џамбаски во видео на кое во позадина се гледа карта на голема Бугарија реагираше на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека не го познава европратеникот и дека македонизмот секогаш ќе го има. Џамбаски му порача на Ковачевски дека неговите сопартијци од бугарското ВМРО знаеле кој е и од какво семејство потекнува.
„Ковачевски тврди дека македонизмот бил изворен, но тој е антибугарска, нацистичка, фашистичка и болшевичка иделогија која има задача да ја искорени бугарската традиција, култура и историја во Македонија. Тоа е фалш идентитет кој е антибугарски“, тврди Џамбаски.
Фајон упати и честитки до Владата и македонските граѓани за отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ. Таа посочи и дека ја поддржува РСМ да стане членка на ЕУ до 2030 година. Фајон додаде дека повеќе од 40 отсто од законодавството на земјава е усогласено со европското.
Османи нагласи дека средбата со Фајон ќе внесе нова динамика и нова содржина во односите и интересите на граѓаните од двете земји. Тој информираше дека на средбата се говорело за почетокот на скринингот, резултатите од Извештајот на ЕК и надминување на политички прашања, како и за претседавањето со ОБСЕ на Република Северна Македонија.