Во администрацијата треба да се вработат 31,54 отсто Албанци, според правична застапеност, затоа што Министерството за информатичко општество и администрација за основа го зело вкупното попишано население, а не само резидентното население. Според пописот, 24,3 отсто од жителите на Македонија се Албанци.
На веб страницата на МИОА на 5 август беше објавено соопштение дека е направена промена во веб алатката „Балансер“ согласно резултатите од спроведениот Попис во 2021 година. Министерството е надлежно за Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно принципот на правична и соодветна застапеност донесена од 2016 година.
„За основа се земени предвид, податоците добиени од вкупниот број на попишани лица“, стои во одговорот од МИОА за МИА на прашањето дали алатката „Балансер“ ги користи податоците само од резидентото население или ги зема предвид резидентно и нерезидентно.
Претходно, порталот СДК објави дека според Методологијата која ја усогласил министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, отсега во државните институции ќе се вработуваат 31,54 отсто Албанци, иако во Македонија живеат 24,3 отсто Албанци.
Според Законот, во јавната администрација мора да има правична застапеност на етничките заедници.
Резултатите од Пописот, кои беа објавени во март покажуваат дека вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица, од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци.
Во резидентно население се вклучени и 132 269 граѓани кои не биле попишани, што претставува 7,3 отсто од вкупниот број евидентирани 1 836 713 лица.
Бројот на вкупно попишаното население, пак, изнесува 2 097 319 лица, а на нерезидентното 260 606. Од вкупниот број попишани, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи.