Најмалку 10 луѓе загинале во самоубиствениот бомбашки напад врз џамијата Калифа Сахиб во Кабул. Експлозијата, наводно, се случила за време на собранието познато како Зикр, чин на религиозно сеќавање што се смета за еретички од некои тврдокорни сунитски групи.
„Црн чад се крена и се рашири насекаде, мртви тела имаше насекаде“, изјави водачот на џамијата Саид Фазил Ага за Ројтерс.
Ага рече дека експлозијата во сунитската џамија во областа Дарул Аман во авганистанската престолнина одекнала откако некој за кој се верува дека е бомбаш самоубиец се приклучил на церемонијата по петочната молитва.
Во џамијата, поранешен суфиски манастир, се одржуваа богослужби во последниот петок од муслиманскиот свет месец Рамазан додека верниците се подготвуваат да го прослават Бајрам.
Расте насилството во Авганистан, убиени тројца пакистански војници во прекуграничен напад
Официјалната бројка на жртви, според портпаролот на владините полициски сили предводени од Талибанците, изнесува 10 загинати и повеќе од 30 повредени.
„Бројот на загинатите од експлозијата се искачи на 10, а бројот на повредени на 30. Безбедносните сили започнаа сериозна истрага за инцидентот“, изјави Калид Задран, портпарол на талибанската полиција во Кабул во СМС порака до РСЕ.
Очевидци за Радио Слободна Европа велат дека виделе десетици мртви и повредени на местото на експлозијата и дека бројот на загинати е поголем од она што го наведоа безбедносните власти.
Здравствен работник кој побара да остане анонимен за новинската агенција Ројтерс изјави дека болниците примиле повеќе од 65 мртви и најмалку 78 ранети.
Најмалку две деца повредени во експлозија во Кабул, петта оваа недела
Досега никој не презеде одговорност за нападот. Портпаролот на талибанците Забихула Муџахид на 29 април објави изјава во која рече дека сторителите ќе бидат пронајдени и казнети.
Специјалниот претставник на САД за авганистанските жени, девојки и човекови права Рина Амири на Твитер напиша дека е „длабоко тажна што слушнала за уште еден напад врз џамија во Кабул за време на светиот месец Рамазан“ и повика на ваквото насилство да се прекине и да се сторителите да одговараат.