САД треба да развијат повеќе бази во Источна Европа за да се заштитат од руска агресија, изјави денеска пред Конгресот највисокиот американски воен офицер Марк Мили.
Командантот на американските здружени сили рече дека базите би можеле да бидат финансирани од други земји, како што се Полска и балтичките земји кои сакаат поголемо присуство на американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин рече дека напорите за проширување на безбедносните сили во Источна Европа „се во тек“ и за тоа веројатно ќе се разговара на самитот на НАТО во јуни.
Мили и Остин говореа пред Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом за предлог-буџетот за 2023 година, а фокусот сепак беше ставен на војната на Русија против Украина и на тоа што САД можат да направат за поголема помош за Украина и зајакнување на безбедноста низ Европа.
Мили беше прашан за потребата од прераспределба на силите на источното крило на Европа, со оглед на тоа што сојузниците на НАТО се загрижени дека тоа може да биде следната цел на Русија.
„Мојот совет би бил да се создадат постојани бази, но не да се стационираат силите, туку да се добие ефектот на постојаност со ротирачки сили кои циркулираат низ постојаните бази“, одговори Мили.
Ротирачките сили се применуваат за пократки временски периоди. Постојаните сили често се распоредуваат на две до три години.
„Верувам дека многу од нашите европски сојузници, особено оние како што се балтичките земји или Полска и Романија и на други места - се многу, многу подготвени да воспостават постојани бази. Тие ќе ги изградат, ќе платат за нив“, додаде Мили.
Мили се залагаше за поголема употреба на ротирачки сили ширум светот за да се намалат трошоците за трајно стационирање на војници и нивните семејства во сојузничките земји изложени на ризик од војна, како што се Јужна Кореја и земјите од Персискиот Залив. Тој рече дека со тоа ќе се елиминираат дел од трошоците поврзани со училиштата, домувањето и други слични услуги.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, минатиот месец изјави дека НАТО создава четири нови борбени групи, кои обично брјат меѓу 1.000 и 1.500 војници, кои ќе бидат испратени во Унгарија, Словачка, Романија и Бугарија. Сојузниците на НАТО на претстојниот самит ќе разговараат за дополнителни безбедносни мерки.