Казна во вредност од две илјади евра е предвидена за европратеникот од Бугарија Ангел Џамбазки најави денеска Европскиот Парламент. Станува збор за казна со повлекување на правото на дневници за шест дена, поради гестот со подадена рака налик на нацистички поздрав.
Казната за европратеникот од Партијата на европските конзервативци и реформисти Џамбазки ја соопшти претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола пред почетокот на пленарната седница.
Нацистички поздрав на бугарскиот пратеник Џамбазки во Европскиот парламент
Таа прецизира дека Џамбазки ќе биде казнет со шест дневници по 338 евра кои Европарламентот им ги плаќа на пратениците како надоместоци, кои меѓу другите трошоци го покриваат престојот во хотел или оброците. Џамбазки има право на жалба.
„На 16 февруари, пратеникот ја подигна десната рака во гест што беше сфатен како нацистички поздрав додека ја напушташе салата, епизода што го наруши достоинството и угледот на Парламентот“, изјави Мецола.
Инцидентот се случи по репликата на Џамбазки за време на дебатата во Парламентот за владеењето на правото, а по одлуката на ЕУ да и дозволи на Комисијата да ги скрати средствата на земјите кои не ги почитуваат вредностите и принципите на заедницата.
Џамбазки ја критикуваше таа одлука, која ја припиша на „омраза кон националните држави“ и ја обвини ЕУ дека се обидува да ги „засрами“ Унгарија и Полска. Тој по репликата повика на „долг живот на Орбан, Фидес, Качински, Бугарија и нашата национална држава“. Потоа додаде „Да живее Европа, Европа на народите“, и ја подаде раката со што го направи контроверзниот гест кога се качуваше по скалите во салата.
Џамбазки ги негираше обвинувањата дека упатил нацистички поздрав и рече дека тоа е само гест за збогум.