Мировните преговори меѓу Украина и Русија ќе продолжат денеска преку интернет, најави вчера шефот на украинската делегација Давид Арахамија. Двете делегации во вторникот се сретнаа директно во Истанбул, по две недели онлајн преговори. Украинската делегација потоа ја претстави можната рамка за идниот мировен договор, заснован врз правно обврзувачки безбедносни гаранции кои ќе им овозможат на другите земји да интервенираат доколку Украина биде нападната.
Напади врз Чернигив, евакуација од Мариупол
Зеленски не им верува на руските наводи за повлекување
Делегатот на Украина, Олександар Чали, вчера изјави дека гаранциите треба да бидат слични на членот 5 од договорот за формирање на НАТО, кој ги обврзува членките на Алијансата да бранат други во случај некој да биде нападнат. Во замена за тоа ќе се откажат од кандидатурата во НАТО, што е едно од главните барања на Русија. Мировниот договор треба да биде потврден со референдум во Украина, но само откако сите странски војници ќе ја напуштат земјата. Шефот на руската делегација на преговорите Владимир Медински изјави дека „јасно формулираниот став и предлози“ добиени од украинската страна ќе бидат проучени и испратени до руското раководство.