Кремљ денеска соопшти дека ништо страшно нема да се случи доколку САД и нивните сојузници успеат да ја исфрлат Русија од групата на дваесет големи економии- Г20 бидејќи многу од членките и онака се во економска војна со Москва.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги коментираше изјавите на американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека се залага за исфрлање на Русија од Г20, откако таа испрати десетици илјади војници во Украина.
„Форматот на Г20 е важен, но во сегашните околности, кога повеќето од учесниците се во состојба на економска војна со нас, ништо страшно нема да се случи“, рече Песков.
Тој додаде дека светот е многу поразновиден од САД и Европа. Според него, напорите на САД да ја изолираат Москва досега биле само делумно ефективни и тие ќе пропаднат.
Песков рече и дека некои земји заземаат потрезен пристап кон Русија и не палат мостови и дека Москва ќе изгради нови политички насоки во сите области. Американските разговори за тоа дека Русија евентуално прибегнува кон хемиско оружје во Украина, како што наведе, е тактика да се оттргне вниманието од непријатните прашања за Вашингтон.
Песков рече и дека војската ќе поднесе предлози до претседателот Владимир Путин за тоа како Русија треба да ја зајакне својата одбрана како одговор на НАТО да го зајакне своето источно крило.
Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари, а меѓународната заедница воведе низа санкции против земјата.