Откриени автобуси и возила кои вршеле меѓународен превоз без соодветни документи

Граничниот премин Табановце.

Четири автобуси и две патнички возила вршеле меѓународен превоз на патници без да поседуваат соодветна документација, откриле вчера при контрола полициски службеници од Полициската станица за Граничен премин Табановце и од Одделението за прекуграничен криминал.

Од Државниот инспекторат за транспорт изречени се соодветни санкции за возачите и возилата.

При контролата откриени се четири автобуси со гостиварски, тетовски, скопски регистарски ознаки и автобус со данска национална ознака. Тие вршеле меѓународен превоз на патници без поседување на соодветна документација, информираат од МВР.

Исто така, при контрола во патничко возило „мерцедес“ со струмички регистарски ознаки и патничко возило – комби „цитроен“ со скопски регистарски ознаки било констатирано дека вршат меѓународен превоз на патници без поседување соодветни документи.

Контролите на патнички возила се засилија по автобуската несреќа на превозник од Македонија, која се случи на 23 ноември во Бугарија, при што загинаа 45 луѓе. Истрагата потоа покажа дека автобусот преминувал граница без соодветна документација.