Британската министерка за надворешни работи во посета на Москва

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус денеска треба да ја посети Москва и да разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Европските лидери прават напори да ги смират тензиите меѓу Русија и Западот по информациите дека Русија распоредува многу војници на границата со Украина, за кое Западот се сомнева дека е вовед во инвазија.

„Ја посетувам Москва за да ја повикам Русија да продолжи со барање на дипломатско решение и јасно да стави до знаење дека уште една руска инвазија на суверена држава ќе донесе огромни последици за сите инволвирани“, рече Трус на 9 февруари.

Нејзината посета доаѓа на еден ден откако францускиот претседател Емануел Макрон заврши со одвоените разговори со рускиот и со украинскиот претседател. Тој денеска во Берлин имаше средби со германскиот канцелар Олаф Шолц и со полскиот претседател Анджеј Дуда. Макрон повика на продолжување на „цврстиот дијалог“ со Кремљ како единствен начин да се смират стравувањата дека Русија може да ја нападне Украина.

„Мораме заедно да најдеме начини и средства за да се вклучиме во цврст дијалог со Русија“, рече тој по разговорите со Шолц и Дуда.

Европските лидери ветија дека ќе останат обединети во нивната цел за смирување на тензиите поради руските потези.

Москва инсистира дека нема планови да ја нападне Украина, но продолжи да прави провокативни воени потези, истовремено барајќи гаранции од Западот дека НАТО нема да ги прими Украина и другите поранешни советски земји како членки, дека ќе го запре распоредувањето на оружје таму, а исто така ќе се повлече нејзините сили од Источна Европа.

И Вашингтон и НАТО ги отфрлија барањата.