Рекорден број новозаразени со ковид во Русија и Украина

Русија и Украина денеска пријавија рекорден број заразени со ковид-19 што се смета дека е поради сојот омикрон кој е многу позаразен. Во Русија, новите дневни случаи скокнаа на 168 201 од 155 768 ден претходно, соопшти работната група за борба против коронавирус на 4 февруари, додека владината работна група за коронавирус пријави 682 смртни случаи во последните 24 часа.

Украина забележа рекордно дневно ниво втор ден по ред при што Министерството за здравство објави 43 778 нови инфекции во изминатите 24 часа. Претходниот максимум од 39 620 случаи беше пријавен на 3 февруари.
Според Министерството, бројот на починати како последица на вирусот е 174. Вкупните инфекции во Украина во пандемијата изнесуваат 4,2 милиони досега, со 100 983 смртни случаи.

Шпанија на 4 февруари стана последната земја која објави дека ќе го прекине задолжителното носење маски на отворено следната недела.
Неколку европски земји со високи стапки на вакцинација, вклучително и Велика Британија, Данска и Норвешка, ги укинаа речиси сите ограничувања за коронавирусот откако наведоа дека омикронот го достигнал врвот, додека Шведска и Чешка објавија дека ќе ги намалат повеќето ограничувања од 9 февруари.

Во Индија, една од земјите во светот најтешко погодена од вирусот, официјалниот број на починати денеска надмина 500.000, бројка за која некои аналитичари велат дека е всушност многу поголема. Втората најнаселена земја во светот има втора највисока стапка на инфекција во светот по Соединетите Држави, со 41,5 милиони регистрирани случаи и четврта највисока стапка на смртни случаи.