Втор ден не сообраќаат патничките и товарните возови во државава откако машинскиот и извршниот персонал во Железници Транспорт вчера почна бојкот поради неисплатениот втор дел од платата за декември лани. Синдикалецот Душко Чакаровски, претставник на машинскиот персонал, вели дека бојкотот ќе трае се до исполнување на поставеното барање.
Машинскиот и извршниот персонал најави дека нема да ги извршува работите ако платата за претходниот месец не биде во целост исплатена до 25-ти во тековниот месец.Одлуката беше донесена по прекинот на работата во ноември, исто така поради доцнење со исплатата на платата. Поради истата причина бојкот имаше и во лани во август .
Од Железници Транспорт во соопштение штрајкот го оквалификуваа како незаконски прекинот на работата во Железницата. Во соопштението од кабинетот на генералниот директор на ЖРСМ Транспорт се наведува дека „прекинот на работата односно штрајкот не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје и оти не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машинскиот персонал“.
„ЖРС Транспорт ја известува јавноста дека во услови на пандемија како и енергетска криза редовно ги исплаќаат платите и надоместоците на вработените, иако друштвото се соочува со намалени приходи, а во исто време и зголемени трошоци по однос на користење на електричната енергија, кој инпут енормно ги зголемува вкупните трошоци во редовното работење“, наведуваат од ЖРСМ Транспорт и напоменуваат дека Железници на РСМ на вработените им го има исплатено првиот дел на плата за декември 2021 година.
Македонија и земјите од регионот потпишаа документ за развој на железниците
Во соопштението е посочено дека со целосниот прекин на железничкиот сообраќај им се нанесуваат огромни материјални и нематеријални штети на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје, ЈП за железничка инфраструктура на Република Северна Македонија и на целокупното стопанство во државата.