Ерменија пријави дека тројца нејзини војници загинале во борби долж границата со Азербејџан, со што се зголемуваат стравувањата дека соседните земји на Кавказот можеби одат кон нова војна.
Ерменското Министерство за одбрана на 12 јануари соопшти дека телото на третиот војник е пронајдено во област каде што беа пријавени тешки судири еден ден претходно, а за кои Ереван и Баку меѓусебно се обвинуваат, во услови на предупредувања дека тензиите долж границата ескалираат.
Азербејџанските власти веќе соопштија дека еден од нивните војници загинал во судирите. Ерменските власти претходно објавија за смртта на двајцата војници, пред да биде пронајдено телото на третиот војник со смртоносни прострелни рани.
Ерменското Министерство за одбрана ги обвини азербејџанските сили за предизвикување на насилството со отворање оган на 11 јануари во пограничната област во близина на Верин Шоржа во источната провинција Гегаркуник во Ерменија. Исто така, Министерството ги обвини азербејџанските сили за стрелање со артилерија преку границата и за користење на беспилотни летала.
За возврат, Министерството за одбрана на Азербејџан објави дека еден азербејџански војник бил убиен долж границата со Ерменија „како резултат на ерменска провокација во правец на азербејџанската област Калбачар“.
Министерството за одбрана на Азербејџан негираше дека нејзината војска користела артилерија или беспилотни летала, велејќи дека нивните сили „одговориле на провокација од непријателот“.
Исто така, се вели дека ерменскиот оган бил „потиснат поради соодветни дејствија преземени од единиците на азербејџанската армија“.
Баку соопшти дека „целата одговорност за последните тензии е на воено-политичкото раководство на Ерменија.“
Тензиите околу Нагорно-Карабах траат со години. Регионот е етнички ерменски меѓународно признат како дел од Азербејџан, а во раните 90-ти се отцепи од контролата на Баку.
Есента минатата година избувна шестнеделна војна, која однесе повеќе од 6.500 животи.
Борбите завршија со прекин на огнот со посредство на Русија, според кој Ерменците му отстапија на Азербејџан територии што ги контролираа со децении. И покрај договорот, ситуацијата на граничните линии остана тензична.