Најмалку десет жртви во сообраќајна несреќа во Иран

Илустрација: Сообраќајка во Иран

Најмалку 10 лица загинаа во сообраќајна несреќа во југозападен Иран, соопшти официјалната државна новинска агенција ИРНА. Несреќата се случила кога камион удрил во минибус што превезувал работници на патот што го поврзува градот Хорамшахр со градот Ахваз во провинцијата Кузестан.

Повеќе од пет повредени се пренесени во локалните болници, јавуваат домашните медиуми.

На патиштата во Иран редовно се случуваат сообраќајни несреќи, бидејќи во земјата не се почитуваат сообраќајните закони и се возат небезбедни возила. Во земјата има околу 17 илјади смртни случаи во сообраќајки годишно.

Над 8.200 луѓе загинале во сообраќајни несреќи во првите седум месеци од тековната иранска година, соопшти полицијата. Персиската Нова година започнува на 21 март, што значи дека во Иран има уште речиси четири месеци до крајот на годината.