Турција и Ерменија со специјални пратеници ќе ги нормализираат односите

Затворен граничен премин меѓу Турција и Ерменија

Турција и Ерменија, кои се соседни земји, најавија дека ќе назначат специјални пратеници за да ги поправат меѓусебните односи затегнати со децении.

Ереван и Анкара никогаш не воспоставиле официјални дипломатски врски. Турција, која е клучен регионален сојузник на Азербејџан, ја држи затворена границата со Ерменија од 90-тите години на минатиот век, поради, како што наведува, окупацијата на Нагорно-Карабах и околните региони од страна на Ерменија.

Ерменија е подготвена за процес на нормализирање на односите со Турција „без предуслови“, изјави денеска портпаролот на ерменското Министерство за надворешни работи, Вахан Хунанијан.

Тој потврди дека Ереван ќе назначи специјален претставник за нормализирање на односите со Турција, еден ден по сличната најава на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

„Со Ерменија соодветно ќе номинираме специјални претставници за нормализација на односите. А во наредниот период ќе започнеме и чартер летови Ереван-Истанбул“, рече Чавушоглу пред турските пратеници.

Ерменија и Турција во 2009 потпишаа договор за нормализирање на односите и за обновување на врските што би довело до отворање на нивната заедничка граница, но договорот не беше ратификуван.

Нивните односи се затегнати и поради масовните колежи и депортации на Ерменците од отоманските Турци од времето на Првата светска војна. Ерменија инсистира дека станува збор за геноцид, а Турција жестоко го отфрла тоа.