Американскиот пратеник задолжен за севернокорејски прашања Сунг Ким денеска ја повика Северна Кореја да прекине со најновата серија на ракетни проби и да се врати на преговорите. Повикот доаѓа откако Пјонгјанг изведе прво подводно лансирање на балистички ракети во последните две години.
Сунг Ким ова го изјави по состанокот со претставници на Јужна Кореја со кои разговарал за неодамнешните ракетни проби на Северна Кореја, кои се случуваат во време додека дипломатските односи меѓу Вашингтон и Пјонгјанг се во застој.
„Ја повикуваме Демократска Народна Република Кореја да прекине со овие провокации и другите дестабилизирачки активности и наместо тоа да се ангажира во дијалогот“, изјави Сунг Ким.
Тој додаде дека САД се подготвени да се сретнат со претставници на Северна Кореја без предуслови и дека јасно ставиле на знаење дека немаат непријателски намери кон Северна Кореја.
Северна Кореја на 19 октомври лансираше нова балистичка ракета од подморница, тоа беше петти круг на проби во последните неколку недели.