Најмалку тројца луѓе загинаа, а повеќе се повредени денеска кога воз излета од шините во американската сојузна држава Монтана, објави железничката компанија Амтрак.
Седум од десетте вагони од композицијата излетале од шините околу 16 часот по локално време, односно околу полноќ по европско време во близина на местото Џоплин на северот на Монтана, наведува компанијата.
Во возот кој сообраќал од Сиетл до Чикаго имало 146 патници и 16 вработени.
Амтрак соопшти дека испратил тимови на местото на несреќата и дека тие соработуваат со локалните власти да ги префрлат повредените патници и безбедно да ги евакуираат останатите.
На видео снимките објавени на социјалните мрежи се гледа најмалку еден превртен вагон.
Координаторката на итната служба во Монтана за Њујорк Тајмс изјави дека најмалку 50 луѓе се повредени.
Причината за несреќата сè уште не е позната.