ЕУ ќе испрати помош и опрема за справување со пожарите

Пожар во близина на Пехчево. Илустрација.

Еврокомесарот за хуманитарна помош и кризен менаџмент Јанез Ленарчиќ објави денеска дека ЕУ ќе испрати опрема и помош за справување со пожарите во Северна Македонија.

„ЕУ испраќа дополнителни противпожарни капацитети во Грција и Северна Македонија за поддршка на одговорот на локалните власти. Помошта доаѓа од Шведска, Франција, Австрија, Бугарија и од програмата Коперникус на ЕУ“, напиша Ленарчиќ на Твитер.

Помош за гасење на пожарите во земјава веќе испратија Бугарија и Словенија, како и Србија со четири хеликоптери кои веќе се ангажирани во гасењето на огнената стихија.

Владата на денешната 95-та седница донесе Одлука за постоење кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија во траење од 30 дена. Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.