Бројот на жртви од судирот на два воза во Пакистан се искачи на 62. Несреќата ги нагласи безбедносните проблеми во дотраената железничка мрежа во земјата во со децении малку се инвестира.
Десетици луѓе се повредени во несреќата која се случи вчера кога полн меѓуградски воз налета на друг експресен воз кој излета од шините во близина на градот Дерки во провинцијата Синд. Причината за првичното излетување од шините сè уште е непозната.
„Стравуваме дека уште луѓе ќе умрат“, рече Усман Абдула, шеф на локалната администрација во областа, додавајќи дека дел од повредените се во критична состојба.
Голем дел од оштетените вагони се тргнати, а се работи на поправка на оштетените шини, објавуваат пакистанските медиуми. Пругата треба повторно да биде пуштена за сообраќај во текот на денот, информира портпаролот на државниот железнички оператор.
Во Пакистан се забележани низа смртоносни железнички несреќи во изминатите години, честопати предизвикани од излетување од шините и судири на железнички премини без сигнализација.
Патувањето со воз е многу популарен начин на транспорт во оваа јужноазиска држава. Вагоните често се преполни, а многу од возовите се во лоша состојба.