Грчката Влада ги продолжи за уште една седмица, односно до 3 мај 2021 година, одлуките за привремено ограничување на копнените граници, како и за забраната за влез на државјани на трети земји.
Границите на Грција за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани се затворени над 13 месеци, откако лани, за време на првиот карантин во март, беше воведена одлуката, а оттогаш континуирано се продолжува.
Промена има во последниот член на одлуката, каде што е додаден нов став што се однесува на задолжителниот ПЦР тест што патниците треба да го покажат при влезот во земјата и наведено е дека важи и за деца кои наполниле пет години, нешто што не беше споменато во претходните одлуки.
Од задолжителниот карантин и забраната за влез, исклучок се државјаните на членките на ЕУ и државјаните на Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија, Руанда, Сингапур, Израел и Србија, кои задолжително треба да имаат или сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест.
Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во телевизиската порака до граѓаните во средата, соопшти олабавување на мерките и најави дека на 15 мај ќе биде отворен туризмот.
Според најавите од грчката Влада, за патување во земјата ќе биде потребно или сертификат за вакцинација или негативен тест или потврда за прележан ковид-19.