Русија и нареди на војската да се врати назад во базите по вежбите во Крим

Илустрација. Украина- Руски воени возила на маневрите во Крим, 22 април 2021 година

Москва соопшти дека им наредила на своите војници да започнат да се враќаат во своите постојани бази по обемните воени вежби во јужна Русија и во и околу окупираниот украински регион Крим, кој Москва го анектираше во март 2014 година.

Објавата доаѓа во време на зголемени тензии со Западот околу големото воено натрупување на Русија околу областите на источна Украина каде што во борбите меѓу украинските владини сили и сепаратистите поддржани од Русија загинаа повеќе од 13 000 луѓе од април 2014 година.

Министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека целите на предвремената инспекција „се целосно постигнати“ и дека трупите ќе се вратат во своите бази до 1 мај.

Сепак, од објавата на Шојгу беше нејасно дали наредбата за враќање ги опфаќа сите трупи вклучени во рускиот состав покрај јужната граница на Русија и во окупираниот Крим.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер објави дека „намалувањето на трупите на границата пропорционално ќе ги намали тензиите“.

"Украина е секогаш будна, но сепак ги поздравува сите чекори за намалување на военото присуство и деескалација на ситуацијата во Донбас. Украина бара мир. Благодарни сме на меѓународните партнери за нивната поддршка", се вели во твитот на Зеленски.

НАТО останува претпазлив и по најавите за повлекување на руските сили

Неименуван официјален претставник на НАТО во Брисел рече дека „сите чекори кон деескалација од Русија ќе бидат важни и долгоочекувани“, додавајќи дека западниот сојуз „останува буден“.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс изјави дека Соединетите држави ќе чекаат да видат дали Русија ќе го испочитува тоа што го најаваи Шојгу.

"Ги слушнавме зборовите. Мислам дека она што ќе го бараме е акција", изјави Прајс пред новинарите.