НАТО соопшти дека останува буден и по објавувањето на повлекувањето на руските трупи распоредени во близина на украинската граница и на Крим и ја повика Москва да ги повлече сите свои сили од територијата на Украина.
„Секоја мерка за ублажување на тензиите од Русија е важна и требаше да се спроведе одамна. НАТО останува буден. Ние ја повикуваме Русија да ги повлече сите свои сили од територијата на Украина", изјави неименуван претставник на Алијансата. Според него, НАТО ќе продолжи да ја следи „неоправданата“ акумулација на руски сили во и околу Украина. Руската армија објави дека од денеска ќе ги повлече своите сили во близина на границата со Украина и Крим, кој беше припоен кон Русија во 2014 година.
Путин е подготвен да го угости украинскиот претседател
„Силите покажаа можност да обезбедат сигурна одбрана на земјата. Затоа решив да ги завршам активности за инспекција во воените области на југ и запад, на границата со Украина“, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Со оглед на тоа што целите на воените вежби се „целосно постигнати“, Шојгу нареди „повлекување на силите“ од денеска, додека армијата од Крим ќе се повлече во своите бази до 1 мај. Според Министерството за одбрана, во маневрите учествувале 10.000 војници, воздухопловните сили, околу 40 воени бродови, ПВО и воздушните сили. Киев, кој се бори против проруските сепаратисти на истокот, стравува од инвазија насочена кон „уништување“. Москва, сепак, уверува дека „никому не му се заканува“, а во исто време ги осудува „провокациите“ и „заканувачките“ активности на Киев.