Британската влада соопшти дека ќе воведе карантин по хотелите за своите граѓани кои се враќаат од земји за кои се смета дека се ризични за ширење на коронавирусот. Мерката се однесува на патници кои доаѓаат од 22 земји во кои варијантите на коронавирусот „претставуваат ризик“. Меѓу тие земји се Јужна Африка, Португалија и некои земји од Латинска Америка. Веќе е забрането од тие земји да доаѓаат патници кои немаат престојувалиште во Велика Британија.
„Од сите патници на кои не можеме да им забраниме влез во земјата бараме да се изолираат во некои од владините сместувалишта, како што се хотелите“, рече премиерот Борис Џонсон во Долниот дом на Парламентот.
Тој додаде дека карантинот ќе трае десет дена.
Патниците кои доаѓаат од ризичните земји директно до аеродромите ќе бидат одведени до сместувалиштата за карантин.
Инаку, сите патници по влезот во Велика Британија мора да имаат негативен тест на коронавирис. Во земјата досега од вирусот починаа 100 илјади луѓе.