Бојан Јовановски денеска во Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривични пријави на записник за злоупотреба на службена положба и овластување, изнуда, измама, давање на лажен исказ, можеби тортура и несовесно лекување.
Адвокатот на Јовановски, Сашо Дукоски пред Обвинителството изјави дека Јовановски го користи законското право од член 273 од Законот за кривична постапка, каде што е наведено дека секој граѓанин може да поднесе кривична пријава за кривично дело што се гони по службена должност. Досега, како што посочи, неколку пати барале да поднесат кривична пријава кај републичкиот обвинител.
„Сега поднесовме барање во Основното јавно обвинителство Скопје. Од страна на републичкиот обвинител ни беше делегиран заменик на обвинителката од истото обвинителство што го гони Јовановски и тој одби тогаш да поднесе на записник кривична пријава. Ова е второ барање“, изјави Дукоски и додаде дека на нивното барање судот коректно одговорил.
Дукоски посочи дека пријавите се за лица од државните институции и за лица што се надвор од овие институции, додавајќи дека станува збор за целосни нови кривични пријави што немаат никаква врска со предметот „Рекет“.
Јовановски за случајот „Рекет“ е осуден на девет години затвор, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева доби казна затвор од седум години.