Претседателот на СДСМ Зоран Заев ја оцени како лажна изјавата наБојан Јовановски – Боки 13, кој денеска беше осуден на девет години затвор за случајот „Рекет“. Јовановски по изрекувањето на пресудата во судот рече дека е донесенаполитичка пресуда, а рекетираните пари да ги бараат кај Зоран и Вице Заеви.
„Денешната пресуда за овој случај е потврда дека правдата функционира независно за кого станува збор. Заврши времето кога политичари се јавуваа во правосудството за да заштитат прекршители на законот. И покрај тоа што сите докази за случајот познат во јавноста како „Рекет“ и се добро познати на јавноста, сепак Бојан Јовановски вака јавно да лаже од единствена причина, според мене, што токму јас го пријавив овој случај и секако ги одбив сите барања од него преку посредници за да му помогнам во судскиот процес“, вели Заев за „Фокус“.
Претседателот на владејачката партија вели дека очекува да се објават „сите закани за некаква негова комуникација со Бојан Јовановски“ кои вели дека ги доставил до највисокото раководство на ВМРО ДПМНЕ адвокат на Боки 13, преку посредници. Тој тврди дека од таа комуникација ќе се видело која е вистината и дека неговата и определбата на СДСМ за правна држава биле безкомпромисни.
„Никакви закани или вакви лажни изјави нема да не одвратат од определбата за одговорност на секој кој се огрешил пред законите“, вели Заев.
Инаку покрај Јовановски денеска во истиот случај на седум години затвор беше осудена поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева. Јовановски е осуден за незаконско примање награда и перење пари, а Јанева за злоупотреба на службена положба и овластување. Третиот обвинет Зоран Милевски откако ја призна вината беше осуден на три години затвор.