Едно лице почина, полицаец во критична состојба по протестите во Лас Вегас

илустрација

Едно лице почина, а еден полицаец е во критична состојба откако беше ранет во одделни вооружени инциденти во Лас Вегас за време на протестите по повод смртта на Џорџ Флојд, соопштија официјалните лица.

Шерифот на полицијата во Лас Вегас, Џо Ломбардо, изјави дека првиот инцидент се случил кога полицијата се обидела да разбие голема група која протестирала пред хотел и казино. Еден член на полицијата е сериозно ранет и приклучен на апарати за одржување во живот. Осомничениот е идентификуван и приведен, јави Би-Би-Си.

Ломбардо рече дека во друг инцидент едно лице било погодено во полициска интервенција кога се обидел да извлече оружје за време на судирите недалеку од сојузната зграда. Подоцна лицето починало.

„Она што се случи е целосно неприфатливо. Се надевам дека и заедницата го гледа ова на истиот начин“, изјави Ломбардо.

Во пукање во Сент Луис повредени се четворица полицајци, а во Њујорк еден полицаец е повреден при удар од автомобил, додека возачот побегнал, јави Си-Ен-Ен. На протестите сè уште има насилство, иако семејството на убиениот Флојд ги повика демонстрантите да се воздржат од насилство.

Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера изјави дека ќе ја ангажира армијата за да ги смири немирите доколку локалните власти не можат да ја контролираат ситуацијата.