По повеќе од година од првото закажано рочиште за судењето за предметот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Кривичниот суд во Скопје странките дадоа воведни говори. Случајот, поради промена на составот на судечкиот совет почна од почеток и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителката Ленче Ристевска.
Поради промена на составот на судечкиот совет, Судот на почетокот на денешното рочиште ја потврди одлуката за судење во отсуство на обвинетиот Никола Груевски, а обвинителството и одбраната, рекоа дека остануваат на предложените листи со докази. Обвинетиот Миле Јанакиески, образложувајќи ја листата на докази, рече дека предлагаат графолошко вештачење, но тоа ќе го изработат и достават кога во земјата ќе има лиценциран графолог, укажувајќи дека од 2018 нема графолог со уредна лиценца.
„Предложените 839 сведоци се повикани во насока да се покаже дека сите уплати се уредно вршени во присуство на сведоци, вработени во банки и членови на месни и извршни комитети“, рече Јанакиески.
Првото рочиште за случајот „Талир“ се одржа на 18 февруари 2019 година. Во случајот обвинети се Груевски, Кирил Божиновски и Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. Чингаровска призна вина и се спогоди со обвинителството, за што доби условна казна од две години. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.