Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара денеска претседателот на Собранието Талат Џафери да закаже пленарна седница со, како што изјави координаторот Никола Мицевски, една и единствена точка на дневен ред – распуштање на Собранието, согласно со договорот што беше постигнат од политичките партии за одржување предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесе Предлог на Одлука за распуштање на Собранието на Република Македонија на 5 – ти февруари и бараме истата денес да биде ставена на одлучување пред пратениците“, рече Мицевски.
Сакаме да го потсетиме господинот Џафери, дополни Мицевски, дека токму тој кажа дека Собранието мора да се распушти на 12 февруари со што би се испочитувале роковите предвидени со законот и Уставот.
Распуштањето на Собранието, првично најавено за денеска, се одложи поради обидот на власта да се донесе Законот за јавно обвинителство, кој претставниците на меѓународната заедница неколкупати го споменаа како важен, но не и услов за европските интеграции. Според претседателот на Собранието Џафери, кој рече дека се консултирал со Државната изборна комисија, крајниот рок да се распушти Собранието, а да не се одложат изборите договорени за 12 април е 16 февруари.