Осумнаесеттиот „Зимски салон“ во потрага по „Првиот грев - првата доблест“

„Првиот грев - првата доблест“ е темата на 18-то издание на „Зимски салон“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија чие отворање е закажано за понеделник, 3 февруари во 20 часот, во Национална галерија, објект Чифте амам. Селектор е историчарот на уметност Проф. Д-р. Кирил Пенушлиски.

Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ, Кирил Гегоски, Тања Балаќ, Марјана Костојчиноска Узунчева, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Борче Богоевски, Илина Арсова, Филип Фидановски, Петра Јовановска, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска Кочоска, Виолета Чаповска и Слободан Живковски се уметниците чии дела ќе се најдат на изложбата на 18-то издание на манифестацијата „Зимски салон“ која Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ја организира под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија и град Скопје, а во соработка со Национална галерија.

Тие беа одбрани на конкурсот на кој зададената тема беше „Првиот грев - првата доблест“, а чиј потписник и селектор беше историчарот на уметност проф. Д-Р Кирил Пенушлиски.

Во повикот за аплицирање на уметниците за 18-от „Зимски салон“, а со цел да бидат дадени одредени насоки за зададената тема „Првиот грев - првата доблест“ селекторот Пенушлиски ќе забележи:

Првиот грев е гревот на непослушност. Прикажан во првата книга од стариот завет на Библијата, првиот грев е непослушноста на Адам и Ева, прекршувањето на Господовата заповед да не ги јадат забранетите плодовите од дрвото на знаењето.

Дополнува дека „и покрај тоа што на непослушноста често се гледа како лоша карактерна особина, непослушноста може да биде и доблест“. Во 1893 година, Оскар Вајл ќе напише: „Непослушноста, во очите на некој што ја прочитал историјата, е оригиналната доблест на човекот. Преку непослушноста е постигнат напредок, преку непослушност и бунт“. Ерих Фром во својата книга „За непослушноста. Зошто слободата значи да се каже не на моќ“ ќе додаде:

„Човечката историја започна со чин на непослушност и не е неверојатно дека ќе заврши со чин на послушност“.

Со непослушност и противење, луѓето ги покажуваат неправдите. Без непослушност, работите не се менуваат и нема социјален напредок. Ако нема непослушност, ако нема бунт, ако нема противење, што ќе ги поттикне луѓето да ги променат неправдите?

Конечно, тој и со појаснување дека Темата на Осумнаесеттиот зимскиот салон на ДЛУМ, ORIGINAL SIN – ORIGINAL VIRTUE, повикува на дискурс за разните гледишта на непослушноста како Грев и како Доблест. Уметниците се слободни да ја истражуваат двојноста на непослушноста во значењето на поимот во јудејско-христијанската традиција како и потребата за непослушност во модерното општество.

Инаку, Зимскиот Салон“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија-ДЛУМ е врвна ликовна манифестација и единствена од тој вид во нашата земја. Замислен и основан во 1991 година како ликовна посебност со свои правила и критериуми и прифатена во културниот живот со огромен интерeс и голема медиумска поткрепа.

Денешната физиономија на „Зимскиот Салон“ ги има задржано основните карактеристики: професионалност, строга селекција на учесници, квалитетен каталог и соодветна медиумска покриеност. Почнувајќи од 2003 година, наградата „Гранд-При“ (престој во атељето на„Citè des Arts“ во Париз) ја овозможува Министерството за култура на Република Македонија, а од 2006 година ДЛУМ вградува уште еден критериум а тоа е конкретна тема на „Зимски Салон“, со што ги ангажира уметниците на индивидуален творечки чин. Од 2009 година оваа манифестација прераснува во меѓународна.

И, кон ова само уште информацијата дека од страна на кураторот на изложбата Кирил Пенушлиски , на 18-то издание на „Зимски салон“ како поканет гостин ќе се претстави уметникот Алекандар Зафировски.

Роден 1984 година во Скопје, Александар Зафировски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во класата на професор Антони Мазневски, оддел сликарство, и моментално ги завршува постдипломските студии. Зад себе има дваесеттина изложби, а учествувал и на тројно повеќе групни постановки на слики, плакати и инсталации.

Освен во Македонија се претставувал и во САД, Русија, Чешка, Белгија, Австрија, Турција, Шведска, Италија, Словенија ...а за своето творештво добитник е на многу награди и признанија во земјава и во странство. Од позначајните треба да се издвојат онаа на фондацијата „Борко Лазески“ за најинвентивен студент на Факултето за ликовни уметности во 2007 година, првите места на конкурси во Темпи и Охајо во САД и наградата „13 ноември“ на град Скопје за постигнати резултати на полето на сликарството на локално и меѓународно ниво.