Дел од најголемите банки во светот одлучија да го прошират канцеларискиот простор и да го зголемат бројот на вработени во Франкфурт, засилувајќи го така финансискиот центар на Германија. Ова се случува по неколкумесечните преговори меѓу Велика Британија и ЕУ за излегување на Британија од Унијата, со што банкарската иднина на Лондон станува сè понесигурна, пишува Ројтерс.
Голдман и Сакс закупи канцелариски простор од 10 илјади квадратни метри во новата зграда Мариентурм во Франкфурт, што е една од најголемите проширувања во Франкфурт по референдумот за Брекзит. Голдман и Сакс ги закупи последните осум ката од 37-катницата која сè уште се гради, со што обезбеди простор за 1000 вработени, вели лице запознаено со ова прашање. Тоа е пет пати повеќе од сегашниот персонал од 200 вработени. Се смета дека овој гигант од Вол стрит, таму ќе ги интензивира активностите поврзани со трговијата, инвестициското банкарство и управувањето со средства.
Еден портпарол вели дека ова му дава простор на „планот за вонредни ситуации во случај на Брегзит“.
Морган Стенли исто така потпиша договор за закуп на канцеларии во кулата Омнитурм, која исто така е во изградба. Тие имаат 200 вработени во Франкфурт и очекуваат да го удвојат тој број, изјави соговорник запознаен со плановите. Банката засега е без коментар.
Џеј Пи Морган исто така размислува за изнајмување на два дополнителни ката од петте колку што сега ги има во висока кула во центарот на градот, вели човек запознаен со плановите. Банката, која во моментов има 450 вработени во Франкфурт, одби да коментира.
Сити, пак, најави дека ќе го зголеми бројот на вработени во Франкфурт за 150. Тие планираат да се прошират во зградата Веле каде што се сега сместени во близина на франкфуртската опера.
Ширењето е резултат на зголемената нервоза за иднината на финансискиот центар во Лондон во услови на бавни и тешки преговори меѓу британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис, и неговиот соперник од Европската комисија Мишел Барние.
Иако дел од политичарите во Британија се скептични дека банките ќе префрлат многу работни места во Германија, банкарите во финансискиот центар во Лондон сметаат дека треба итно да се дејствува. Влогот е голем. Финансиските услуги се најголемите британски даночни и извозни генератори.
Кога Велика Британија ќе излезе од ЕУ, што се планира за март 2019 година, на банките во Лондон можеби ќе им биде потешко да прават бизнис во Унијата, поради што голем дел од нив бараат засолништа како Франкфурт.
Британската влада соопшти дека сака преоден договор кој ќе го олесни патот за бизнисот, но висок претставник на централната банка - Банката на Англија вчера рече тој најверојатно треба да биде постигнат до Божиќ за да се спречи прелевањето на работните места во странство.
Високи германски политичари им се додворуваа на банките уште од гласањето за Брегзит, убедувајќи ги да се преселат кај нив зашто најголемата економија во Европа се покажа како најстабилна во финансиската криза.
Неодамнешната студија нарачана од главниот промотор на Франкфурт предвидува дека за четири години ќе има 10 илјади нови банкари во градот и оти нивното доаѓање може да отвори десетици илјади дополнителни работни места, од агенти за недвижнини до градежни работници.
Интересот за Франкфурт расте. Цените на новите луксузни станови во градот пораснаа за 25 проценти во изминатата година.