Од казни и награди само казни

Илустрација.

Новите методи на владата за казни и награди служат за притисок врз политички неподобните административци, коментираат упатените.
Вреднување на трудот на лекарите, наставниците и административците со намалување или зголемување на нивната плата, според експертите не е вистинскиот начин да се стимулираат работниците. Новите методи на владата за казни и награди започнаа со воведувањето плата по учинок за лекарите. Потоа на ред дојдоа наставниците чија јануарска плата зависи од тоа како нивните ученици поминале на екстерното тестирање. Административците, пак, на секои шест месеци ќе мора да го оправдуваат своето работно место, но ќе добиваат и можност за унапредување.
Таа работа под притисок непродуктивно влијае врз нивниот труд, а од друга страна е корисен инструмент во рацете на нивните претпоставени, како би можеле во иднина да им вршат мобинг.
Димитар Апасиев, Движење за социјална правда Ленка.

Поранешниот синдикалец и правник Драге Јовановски вели дека кога нешто не е системски решено, сигурно дека се посегнува по метод на казнување.

Архивска фотографија: Штрајк на лекарите во Клинички центар во Скопје.


„Тие методи биле присутни и познати да не речам во првиот век, во римско време, во некои други системи. Очигледно е дека нема социјален дијалог. Социјалниот дијалог ги решава на едноставен начин сите прашања, проблеми и дилеми“, вели Јовановски.

Димитар Апасиев од Движењето за социјална правда Ленка вели дека проблемот е во тоа што наместо плаќањето по учинок да биде награда, стана казна која ги дестимулира работниците.
Очигледно дека сите тие се под стрес, под мобинг целосен, бидејќи со ваква шантава регулатива која не е усогласена со ЕУ нормално дека дискреционите права се премногу користени и на тој начин администрацијата премногу се казнува.
Драге Јовановски, поранешен синдикалец.

„Имено, таа работа под притисок непродуктивно влијае врз нивниот труд, а од друга страна е корисен инструмент во рацете на нивните претпоставени, како би можеле во иднина да им вршат мобинг“, вели Апасиев.

Јовановски смета дека работникот мора да се вреднува според одредени критериуми, при што или ќе добие некакво унапредување или отказ. Но, намерите на владата очигледно се поинакви, вели тој.

„Очигледно се сака да се дисциплинира потчинетиот, да биде послушен, а тоа е многу лошо. Знаете, добра администрација е кога има дискрециони права, да може да му се спротивстави на премиерот, на претседателот на државата, на кого било. Очигледно дека сите тие се под стрес, под мобинг целосен, бидејќи со ваква шантава регулатива која не е усогласена со ЕУ нормално дека дискреционите права се премногу користени и на тој начин администрацијата премногу се казнува, што не е добро“, вели Јовановски.

Според Апасиев, она што често се занемарува е и зголемувањето на бирократијата, особено присутно во здравството.

„Имено, во разговор со еден офтамолог, тој ми кажа дека неговата операција трае 15 минути, а пополнувањето на документите за овој учинок трае 45 минути. Значи, наместо тој да направи уште три операции и да биде корисен за општеството, тој ќе се занимава со пополнување на оваа листа за потоа да се оправда пред својот работодавач дека бил корисен во изминатиот период“, вели тој.

Апасиев порачува дека и не може да се бара колективна вина на цела фела, односно работникот треба поединечно да одговара.