Достапни линкови

Ердоган прогласи победа, ова ќе биде негов петти мандат


Турскиот претседател Таип Ердоган гестикулира додека им се обраќа на своите поддржувачи по резултатите од предвремените излезни избори за вториот круг од претседателските избори во Истанбул, Турција на 28 мај 2023 година.
Турскиот претседател Таип Ердоган гестикулира додека им се обраќа на своите поддржувачи по резултатите од предвремените излезни избори за вториот круг од претседателските избори во Истанбул, Турција на 28 мај 2023 година.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи победа по историскиот втор круг гласање во неделата на 28 мај, што претставуваше најголем предизвик за неговото 20-годишно владеење.

Речиси целосните резултати покажуваат дека Ердоган води пред опозицискиот ривал Кемал Киличдароглу за четири процентни поени.

„Ние ќе управуваме со земјата во наредните пет години“, им рече Ердоган на своите поддржувачи од автобус во неговиот роден кварт во Истанбул. „Со божја волја, ќе ја заслужиме вашата доверба“, додаде Ердоган, пренесе АФП.

Главните градови во Турција избувнаа во радост додека зборуваше Ердоган.

Сообраќајот на култниот плоштад Таксим во Истанбул е запрен и огромни толпи се собраа пред неговата претседателска палата во Анкара.

Поддржувачи на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган слават на плоштадот Таксим во Истанбул, на денот на вториот круг од претседателските избори во Истанбул, на 28 мај 2023 година.
Поддржувачи на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган слават на плоштадот Таксим во Истанбул, на денот на вториот круг од претседателските избори во Истанбул, на 28 мај 2023 година.

Врховниот изборен совет на Турција околу 20 часот соопшти дека преброиле 75,42 отсто од гласовите, а дека претседателот Ердоган води пред Киличдароглу со 53,41 наспроти 46,59 отсто.

Противникот на Ердоган одржа говор во Анкара, осудувајќи ја „авторитарната влада на претседателот Ердоган“ и како што ги нарече „нефер избори“.

Треба да знаете дека ќе се соочиме со тешкотиите што не очекуваат“, изјави Киличдароглу, кој не го призна поразот на изборите.

На жестокиот втор круг на изборите одѕивот на гласачите беше над 80 отсто.

Во неофицијалните резултати со преброени повеќе од 90 отсто од гласачките ливчиња, државната новинска агенција Анадолу објави дека Ердоган има 52,3 отсто, а неговиот противкандидат Киличдароглу 47,7 отсто од гласовите.

Во меѓувреме, ривалската новинската агенција АНКА, блиска до опозицијата, објави резултати од 51,5 отсто за Ердоган, а за Киличдароглу 48,5 отсто.

Официјалните конечни изборни резултати се уште не се објавени од турската изборна комисија.

Претходно, шефот на турскиот Врховен изборен совет Ахмет Јенер објави дека актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган води со 54,47 отсто од гласовите, а дека Киличдароглу има 45,53 отсто, откако се преброени 54,6 отсто од „отворените гласачки кутии“.

Некои лидери веќе му честитаа на актуелниот претседател на Турција.

Катарскиот емир Тамим Бин Хамад напиша на Твитер:
„Драг мој брат, ти ја честитам победата и ти посакувам успех во новиот мандат.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, исто така, се огласи на Твитер за да ја поздрави „несомнената“ победа на неговиот сојузник.

„Високо го цениме вашиот личен придонес за зајакнување на пријателските руско-турски односи и заемно корисна соработка на различни полиња“, рече рускиот претседател Владимир Путин во порака откако Ердоган прогласи победа, соопшти Кремљ.

Путин изјави дека „изборната победа е природен резултат на вашата несебична работа како шеф на Република Турција, јасен доказ за поддршката на турскиот народ за вашите напори за зајакнување на државниот суверенитет и водење независна надворешна политика“.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ во гостувањето на телевизија Пинк со честитки оцени дека „Ердоган покажа дека можеш да победиш на избори и по 20 години ако добро си работел за народот“.

Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, беше меѓу првите што упати честитка.

„Историска победа за Ердоган. Оваа одлука на гласачите не е важна само за Република Турција, туку и за светот! Честитки!“, напиша меѓу другото Додик на Твитер откако Ердоган прогласи победа.

Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Партијата за демократска акција, која до изборите во октомври 2022 година беше водечка бошњачка партија во Босна и Херцеговина, му честиташе и го нарече, меѓу другото, Ердоган брат и изјави дека „резултатот е потврда за исправноста на патот што го води Турција и турскиот народ“.

Поддржувачите во Истанбул, на плоштадот Таксим, го скандираа името на Ердоган и извикуваа „Алаху Акбар“ („Господ е голем“).

Повеќе од 64 милиони гласачи можеа повторно да гласаат на претседателските избори. Излезноста е за четири отсто помала од пред две недели, според агенцијата Анадолија, што би била околу 84 до 85 отсто.

Гласачите во вториот круг избираа меѓу двајцата главни кандидати, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу. Првиот круг од изборите се одржа на 14 мај, кога ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите.

Гласањето прво заврши за турската дијаспора,со што во Анкара пристигнаа милион и пол гласови од странство, пред отворањето на избирачките места во Турција.

Претседателот Ердоган водеше во првиот круг со два и пол милиони гласови пред опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу, кој е поддржан од шест партии.

Резултатите во првиот круг ја покажаа целата нестабилност на предизборните прогнози. Иако на Киличдароглу најмногу му се даваше предност, се покажа дека Ердоган за малку не стана нов/стар претседател и дека неговата партија, заедно со ултранационалистичката партија МХП, остана најсилна во турскиот парламент.

Во меѓувреме, меѓу двата изборни круга, третиот претседателски кандидат во тоа време, Синан Оган, најави дека ќе го поддржи Ердоган, што му дава предност на долгогодишниот турски лидер во сегашните прогнози.

Додека Ердоган нуди стабилност, силен лидер за силна Турција, со слоганот „Вистинскиот човек во вистинско време“, Киличдароглу радикално ја промени својата стратегија меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори.

Киличдароглу пред првиот круг вети дека ќе ги отвори рајските порти, а по 14 мај, вели, ако победи, ќе ги затвори портите на пеколот. Тој вели дека е најголемиот националист во Турција.

Турција се справува со висока инфлација, девалвација на лирата, последици од земјотреси и милиони бегалци, повеќе од 3,5 милиони само од Сирија.

Претседателските избори ќе одлучат не само кој ја води Турција, туку и како ќе се управува и каде ќе се движи нејзината економија во услови на длабока криза за трошоците на животот.

Киличдароглу сака бегалците да ги врати во нивните земји на потекло. За ова доби поддршка од лидерот на партијата Зафер.

А партијата Зафер во рамките на алијансата АТА застана во првиот круг зад третиот кандидат Синан Оган, кој по првиот круг го поддржа претседателот Ердоган.

Независниот кандидат поддржан од алијансата АТА ги повика гласачите да гласаат за претседателот Ердоган во вториот круг.

Надворешната политика беше важен елемент во последната кампања пред првиот круг од изборите. Киличдароглу се смета за префериран кандидат на Западот, а Ердоган се обидува да води балансирана политика.

Изборите ќе одговорат на прашањето дали долгогодишниот лидер ќе преземе уште еден претседателски мандат, имајќи предвид дека во првиот круг имаше добар резултат во однос на прогнозите. Успеа и покрај бранот инфлација во земјава и разорниот февруарски земјотрес со голем број жртви.

На 14 мај актуелниот турски претседател освои 49,5 отсто, а Кличдароглу речиси 45 отсто од гласовите.

XS
SM
MD
LG