Достапни линкови

Вести

Волонтери го чистат Јабланичкото езеро по поплавите во БиХ

Босна и Херцеговина - чистење на Јабланичко езеро, 19 октомври 2024 година.
Босна и Херцеговина - чистење на Јабланичко езеро, 19 октомври 2024 година.

Околу 60 волонтери почнаа да го чистат ѓубрето од брегот на езерото Јабланица на југот на Босна и Херцеговина(БиХ).

Акцијата ја организираа еколошки активисти и локални туристички заедници по пороите и свлечиштата на почетокот на месецот, кои го преплавија езерото со отпад.

За следниот викенд е планирано чистење на Грабовичко езеро.

Во поплавите и свлечиштата што на 4 октомври го зафатија овој дел на Босна и Херцеговина, загинаа 19 лица.

Надлежните во Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина тврдат дека уривање на каменолом е причина за големиот број жртви во Долна Јабланица.

На почетокот на октомври дождот активираше бројни одрони, а најтешка беше состојбата во Долна Јабланица на југот од земјата.

Поплавите и свлечиштата уништија најмалку 230 објекти во Јабланица. Штетата е проценета на 25,6 милиони евра.

Ненадејните дождови се случиле додека жителите спиеле, а водата се кренала над покривите на куќите и остави цели села затрупани во кал.

Општината, главна туристичка дестинација лоцирана покрај реката Неретва и езерото Јабланица во Херцеговско-неретванскиот кантон, беше уништена од овие поплави.

види ги сите денешни вести

Тошковски: Уапсени се 17 лица за инцидентите со знамињата

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Вкупно 17 лица се уапсени за инцидентите што се случија на прославата на Денот на албанското знаме, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Четири малолетници во Скопје во текот на вчера се уапсени, од кои двајца биле поврзани со кинење на македонското знаме. Истите помагале на сторителот кој го кине знамето. Двајца малолетници се поврзани со симнување на македонско знаме од јарбол кои подоцна се пали. Три лица во текот на вчерашниот ден се лишени од слобода во Прилеп кои што го сквернават албанското знаме. Еден од нив е малолетник, додека двајца се полнолетни. Времето на зимски сон на институциите заврши. 17 луѓе уапсивме за овие два дена. Нема да застанеме овде. Секој што ќе сквернави државен симбол ќе одговара“, рече Тошковски.

МВР информира дека е одреден притвор за три лица кои во четвртокот учествуваа во инцидентот со палење на македонското знаме на прославата на Денот на албанското знаме.

„Од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал се преземени оперативни мерки и активности, како и прегледи на видеоснимки од безбедносни камери и видеа објавени на социјални мрежи, при што е обезбеден доказен материјал и документирани се дејствијата на лицата Ф. И., Е. Д. и С. М. Во координација со ОЈО Скопје, против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа и се изнесени пред судија за претходна постапка, кој им одреди мерка притвор во траење од осум дена“, се вели во соопштението.

Претходно, опозицискиот СДСМ бара оставка на Тошковски од министерската позиција.

„Уште еднаш се потврдува дека Тошковски и МВР немаат контрола врз безбедноста, институциите не можат да ја гарантираат безбедноста на граѓаните како што треба. Во последните 5 месеци се случиле 20 вооружени инциденти и убиства. Тошковски е најнеспособниот министер во историјата и мора да поднесе оставка“, се вели во соопштението на СДСМ.

Демократската унија за интеграции (ДУИ) најави дека ќе поднесе интерпелација до Собранието за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по иницидентите што се случија на Денот на албанското знаме.

„Ако нема оставка ние овие денови до Собранието ќе поднесеме интерпелација против Тошковски и неговиот заменик со која ќе ја докажеме нивната неодговорност, неспособност и штетата што ја нанесоа врз мирот стабилноста и етничката кохезија“, велат од ДУИ.

Во однос на најавената интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, вицепремиерот Изет Меџити рече дека треба да се остават институциите да го расветлат случајот и на крај, како што кажа, ќе бидат евидентни одговорите „зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација“.

„Треба да оставиме на органите да го расветлат случајот и ситуацијата и на крај ќе бидат евидентни одговорите зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација, се вработени во нивните претпријатија и ред други работи. Подобро е прво јавноста да се соочи со аргументите, фактите кој и како делувал во текот на прославата. Ќе оставиме на органите да ги дадат информациите, но случајно или не испаѓа дека се луѓе блиски до ДУИ, работат во нивните јавни претпријатија каде што се нивни директори и се сликани со нив“, рече Меџити.

Прославите за албанското знаме низ Северна Македонија предизвикаа инциденти и сквернавење на македонското и албанското знаме, што доведе до политички тензии и апсења.

СДСМ бара лидерска средба, Мицкоски вели ќе размисли

Христијан Мицкоски и Венко Филипче
Христијан Мицкоски и Венко Филипче

Премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го денешното барање на СДСМ за лидерска средба, нагласи дека во моментов не гледа причина за такво нешто.

„Во овој момент не сум размислувал. Но, деновиве што се пред мене, ќе размислувам на таа тема. Доколку навистина има аргументи кои одат во таа насока, зошто да не. Но, во моментов не гледам причина за такво нешто, ако гледам објективно“, рече Мицкоски при неговата посета во Општина Јегуновце.

Претходно дента, потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски на прес-конференција побара итно одржување на лидерска средба на парламентарни политички партии.

Според него, лидерската средба е можност да се обединат сите политички субјекти околу пораката дека „Македонија останува стабилна и посветена на мирот, соживотот и почитувањето на различностите“.

„Како партија која секогаш го ставала интересот на граѓаните и стабилноста на државата на прво место, СДСМ предлага итно одржување на лидерска средба на лидерите на сите парламентарни политички партии. Ова е обврска што ја имаме кон граѓаните – обврска да покажеме дека сме подготвени заеднички да се справиме со сите предизвици и да ја зачуваме нашата држава стабилна и мирна“, рече Илиевски на прес-конференција.

СДСМ, како што кажа, цврсто верува дека дијалогот, разбирањето и заедничката акција се единствениот пат напред.

Кривична пријава за македонски државјанин кој за 3.000 евра заминал во Москва да се приклучи на руската војска

Илустрација
Илустрација

Кривична пријава против македонскиот државјанин Ј.К. за сторено кривично дело учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, кој според сознанијата на полицијата, заминал во Москва за да и се приклучи на руската војска, но, на 11 октомври се вратил во земјата.

Кривичната пријава во Обвинителството ја поднесоа Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во соработка со Агенцијата за национална безбедност.

„Пријавениот, откако претходно се запознал со пропаганден материјал со повик за служење во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации за потребите на Руската Федерација, преку интернет платформа за комуникација стапил во контакт со НН машко лице кое му се претставило дека бил задолжен од страна на Руската војска да регрутира војници за служба во руската војска за паричен надоместок од 3.000 евра. Искажувајќи подготвеност за приклучување на новоформиран одред во рамки на руската армија наменет за борба на воените фронтови во Украина, пријавениот на 5 октомври годинава од Меѓународен аеродром Скопје преку Белград заминал во Москва, Руската Федерација“, соопштува МВР.

По добиено сознание дека Ј.К на 11 октомври ќе се врати во Северна Македонија, преземени се оперативно тактички мерки и по негово пристигнување на Меѓународен аеродром Скопје извршен е разговор со него, во кој го појаснил начинот на кој заминал во Руската Федерација каде што престојувал една недела во обид да се вработи како војник во Руската војска.

Како што се наведува во соопштението од МВР, откако пристигнал во Москва бил сместeн заедно со уште три лица странски државјани и при тоа бил известен дека треба да го даде пасошот за да биде средена документацијата, а по извршен медицински преглед ќе потпишел договор за работа во Руската војска и ќе бил однесен во камп за обука каде ќе се обучувал за борба во Украина.

Во координација со Јавен обвинител од ОЈО ГОКК, од кривично пријавениот одземени се повеќе предмети и документација врз кои е извршено форензичко вештачење и анализа.

Врз основа на издадена наредба од Судија на претходна постапка, вчера е извршен претрес во домот и други простории на лицето Ј.К, кој е лишен од слобода и изнесен пред Судија на претходна постапка, од чија страна му е одредена мерка куќен притвор во траење од 30 дена.

Зеленски: Приемот на Украина во НАТО може да стави крај на „жешката фаза на војната“

Володимир Зеленски, претседател на Украина
Володимир Зеленски, претседател на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека пристапот на Украина во НАТО може да стави крај на, како што рече, „жешката фаза на војната“ што ја води Русија.

Тој во интервју за Скај њуз (Sky News) на 29 ноември рече дека ќе биде подготвен да размисли за прекин на огнот доколку неокупираните територии на Украина „паднат под чадорот на НАТО“, под услов поканата за членство во алијансата да ги признае меѓународните граници на Украина.

Русија го анектира украинскиот полуостров Крим во 2014 година и од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година окупираше 20 отсто од територијата на Украина.

„Ако сакаме да ја запреме жешката фаза на војната, мора да ги земеме териториите на Украина што ги имаме под наша контрола под чадорот на НАТО“, рече Зеленски.

„Мораме да го направиме тоа брзо. А што се однесува до окупираниот дел од земјата, Украина потоа може да ги врати преку дипломатски канали“, додаде тој.

Ова се случува во време кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја критикува актуелната администрација на САД која од почетокот на руската инвазија има инвестирано милијарди долари во Украина.

Трамп, исто така, рече дека може да ја заврши војната во рок од 24 часа по враќањето во Белата куќа, што се толкува како Украина да ги предаде териториите окупирани од Русија.

Трамп неодамна го назначи Кит Келог, пензиониран генерал-полковник кој веќе беше негов советник за одбрана, за негов специјален пратеник за Украина и Русија.

Келог се залагаше да им каже на Украинците дека ако не дојдат на преговарачка маса, американската поддршка ќе ослабне, додека на рускиот претседател Владимир Путин му рече дека ако не дојде на маса, САД ќе им дадат на Украинците „се што им треба да те убие на земја“.

Русија во последните неколку месеци ги бомбардира украинските градови со беспилотни летала и проектили, предизвикувајќи жртви и штети на енергетската инфраструктура.

Претходно овој месец, високиот претставник на ОН, Розмари Ди Карло, предупреди дека целните руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина може да ја направат оваа зима „најсуровата од почетокот на војната“ пред речиси три години.

Украина започна неколку контранапади откако администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, главниот странски сојузник на Украина во борбата против руската инвазија и европските сојузници на Киев одобрија употреба на ракети со долг дострел против цели во Русија.

Почна санацијата на пругата во Јабланица два месеца по поплавите

Пругата во Јабланица
Пругата во Јабланица

Во областа Јабланица, на југот на Босна и Херцеговина, во саботата на 30 ноември започна санацијата на железничката пруга, која беше оштетена пред речиси два месеци во поплавите.

Од рано утрото на терен се багери и камиони.

Почетокот на работите е најавен на средба на министерот за транспорт и врски на Федерацијата Босна и Херцеговина и раководството на компанијата „Желјезнице ФБиХ“, железничкиот оператор во Босна и Херцеговина.

На средбата беше посочено дека станува збор за чистење на локациите на кои е оштетена железничката пруга како прва фаза за санација и реконструкција на инфраструктурата.

Работите на финалната реконструкција на железничката пруга, како што е најавено, ќе се изведуваат по добивање одобрение за реконструкција. Но, ниту од раководството на Железницата, ниту од надлежното министерство не кажаа децидно колкав е рокот за реконструкција на пругата.

Во соопштението по состанокот во Мостар во петокот, беше посочено дека Железниците ФБиХ и ентитетското Министерство за транспорт и врски добиле писмо со намери од турската градежна компанија Џенгиз Инсаат Санаи ве Тиџарет да донираат работи за чистење, рехабилитација и реконструкција на пругата.

Се понудија и да се обезбеди проектна документација за извршување на работите.

Прекинатата железничка комуникација на југот на БиХ ја претставува економската енергија на земјата, поврзувајќи ја БиХ со Европа и светот преку пристаништето Плоче.

Поради бавноста на реконструкцијата, во неколку наврати протестираа жителите на Долна Јабланица, како и работниците на некои од фабриките во Босна и Херцеговина чие работење е доведено во прашање поради долгиот прекин на железничкиот сообраќај.

На овој потег претходеа бројни и отворени критики во јавноста, бидејќи реконструкцијата не започна ниту два месеци по поплавите кои ја зафатија и Долна Јабланица.

Владата на БиХ го разреши раководството на Железниците на ФБиХ и назначи привремено.

Во неколку наврати се организираа протести поради непреземање конкретни чекори за поголема помош на жителите.

Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина на 20 ноември го разреши поранешниот директор на Железниците на Федерацијата Босна и Херцеговина, обвинувајќи го дека не започнал со реконструкција на пругата во Јабланица.

Тогаш владата ги задолжи министерствата за финансии и транспорт и врски да обезбедат пари за санирање на штетите на железницата.

Во поплавите и одроните што на 4 октомври ги погодија Херцеговина и централниот дел на БиХ загинаа вкупно 27 лица, а вкупната штета изнесува 270 милиони марки (околу 138,5 милиони евра).

МВР го приведе малолетникот што ја откорна таблата од Конзулатот на Република Србија во Куманово

МВР (архивска фотографија)
МВР (архивска фотографија)

Полициски службеници од СВР Куманово лишија од слобода 17-годишен малолетник од Куманово, постапувајќи по добиена пријава дека на 29 ноември во 09.05 часот е откорната табла од канцеларијата на Конзулатот на Република Србија во земјава, лоциран во Куманово, соопшти МВР.

Малолетникот е приведен во полициска станица и по документирање на случајот СВР Куманово ќе поднесе кривична пријава по член 319 од КЗ до кумановското обвинителство.

Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија вчера преку соопштение најостро го осуди, како што го нарече вандалски чин, кога од фасадата на зградата на Конзулатот на Република Србија во Куманово, младо машко лице обвиено со албанско знаме, насилно ја отстранило таблата со грбот на Република Србија и натписот „Конзулат на Република Србија во Куманово - Почесен конзул“, напишан на српски и македонски јазик.

ОЈО со истрага против 33 годишен македонски државјанин за убиство во Ханиоти

Јавно обвинителство
Јавно обвинителство

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека повела истрага против 33 годишен македонски државјанин за убиство во Ханиоти кое се случило минатата година.

Како што посочуваат од Јавното обвинителство, осомничениот 33-годишник на 15 јули 2023 година, во Ханиоти, Република Грција, заедно со уште едно засега непознато лице, со умисла го лишиле од живот сега покојниот Орхан Бајрами, а ги довеле во опасност и животите на уште четири лица.

По претходен договор, осомничениот и неговиот соизвршител маскирани пристигнале во туристичкиот комплекс каде била сместена жртвата и се приближиле до отворената задна балконска врата.

„Осомничениот од огнено оружје – пиштол „Црвена застава“ со калибар 7,65 мм со пригушувач испукал 11 куршуми, а неговиот соучесник со пиштол од ист калибар уште 8 куршуми во правец кон оштетените. Од куршумите, три завршиле во телото на сега починатиот, нанесувајќи му смртоносни повреди. Грчките истражни органи имаа издадено налог за апсење на осомничениот, како и Европски налог за апсење и меѓународна потерница поради сомненија за кривични дела – намерно убиство со соучесништво и обид за сериско и соучесничко убиство на територијата на Република Грција“, велат од Обвинителство.

Како што наведуваат од ОЈО, со оглед на тоа што станува збор за македонски државјанин за кого не постои можност за екстрадиција, врз основа на инструментите за меѓународна правна соработка, грчките власти го отстапиле кривичното гонење на Основното јавно обвинителство Скопје.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Сириските бунтовници тврдат дека го освоиле Алепо

Сириските бунтовници во близина на Алепо, Сирија, 29 ноември 2024 година.
Сириските бунтовници во близина на Алепо, Сирија, 29 ноември 2024 година.

Сириските бунтовници, противници на претседателот Башар ал-Асад, во петокот објавија дека стигнале до центарот на Алепо, најнаселен сириски град на северот од земјата, по ненадејниот пробив низ територијата под контрола на владата и речиси една деценија откако беа протерани од градот.

Бунтовничките групи, предводени од исламистичката Хајат Тахрир ал-Шам, минатата недела започнаа напади врз десетици места во северната провинција Алепо, контролирани од владата на Асад поддржана од Иран и Русија.

Бунтовниците брзо напредуваа низ територијата на сириската влада, а доцна во петокот објавија дека се наоѓаат во неколку населби на Алепо.

Сириската опсерваторија за човекови права објави дека бунтовниците и нивните сојузници во петокот го освоиле и стратешкиот град Саракиб во северозападна Сирија.

Саракиб се наоѓа во провинцијата Идлиб, а неговото заземање е важно за бунтовниците и нивните сојузници бидејќи ќе им помогне „да го спречат напредувањето на режимот кон Алепо“, пишува Франс прес.

Башар ал Асад ја врати контролата над Алепо на крајот на 2016 година, со помош на Русија, Иран и регионалните шиитски паравојски.

Тогаш бунтовниците се согласија да се повлечат по долга опсада.

Мустафа Абдул Џабер, командант на бунтовниците од бригадата Џаиш ал-Иза, рече дека нивните сили напредувале брзо поради недоволната поддршка од проиранските елементи во областа.

Сојузниците на Иран во регионот претрпеа серија удари од Израел, откако офанзивата во Појасот Газа се претвори во поширока војна на Блискиот Исток, пишува Ројтерс.

Извори од опозицијата изјавија за Ројтерс дека Турција дала зелено светло за офанзивата на бунтовниците, но портпаролот на турското Министерство за надворешни работи рече дека Анкара сака да избегне поголема нестабилност во регионот и предупреди дека неодамнешните напади ги поткопуваат договорите за деескалација.

Минатонеделните напади се најголеми од март 2020 година, по што Русија и Турција се договорија за деескалација.

Сириската државна телевизија ги отфрли тврдењата дека бунтовниците стигнале до градот и објави дека Русија и дава воздушна поддршка на сириската армија.

Сириската армија извести дека продолжува да се спротивставува на нападот и дека им нанела тешки удари на бунтовниците во околината на Алепо и Идлиб.

Руски и сириски авиони ја бомбардираа областа долж границата со Турција во четвртокот, обидувајќи се да го запрат напредувањето на бунтовниците.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва го смета нападот за кршење на суверенитетот на Сирија и нагласи дека Русија „сака сириските власти да ја вратат контролата и уставниот поредок“ во областа што е можно поскоро.

Запрашан за непотврдените извештаи од апликацијата Телеграм дека Асад отпатува во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, Песков рече дека „нема што да каже“ на оваа тема.

На Сирија и е ветена дополнителна воена помош од Русија во борбата против бунтовниците кои се противат на претседателот Асад во близина на Алепо, изјавија два воени извори за Ројтерс.

Дамаск очекува оружјето да почне да пристигнува во руската база Хмејмим во близина на крајбрежниот град Латакија во следните 72 часа, додаваат изворите.

Најмногу снег во Берово, најстудено на Попова Шапка

Скијач на Попова Шапка (архива)
Скијач на Попова Шапка (архива)

Најниска темпратура утрово е измерена во на Попова Шапка - 5 степени. Во Маврови Анови се измерени -3, во Крушево -2, во Берово -1, во Охрид, Претор и Прилеп 0 степени.

Во Тетово, Битола, Дебар и Крива Паланка 1 степен, во Струмица и Виница 2, во Скопје-Зајчев Рид, Куманово и Штип 3, во Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија и Кавадарци 4 и во Гевгелија 5 степени.

Најмногу снег има во Берово 22 сантиметри, во Маврови Анови и на Попова Шапка 10, во Крушево седум и во Претор еден сантиметар. Најмногу дожд наврнало во Струмица, во Берово и во Крушево.

Времето денеска ќе биде претежно облачно и постудено со повремени врнежи, кои во западните и јужните делови ќе бидат поројни и обилни..

На планините врнежите ќе бидат од снег од 40 до 50 см, на повисоките места од 10 до 30 см, а во некои пониски места од дожд и снег и ќе се формира помала снежна покривка. Во југоисточните делови ќе бидат само од дожд. Ќе дува умерен, а на планините силен северен ветер. Максималната температура ќе достигне од 2 до 6 степени.

Во Скопје времето ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд и снег, а на околните планини од снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец кој краткотрајно ќе засилува. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.

Истражување на Евробарометар: Мнозинството македонски граѓани имаат доверба во ЕУ

Илустрација
Илустрација

Мнозинството граѓани на Северна Македонија или 56 отсто имаат доверба во Европската Унија, покажуваат резултатите од есенското истражување на Евробарометар за 2024 година.

Исто ниво на доверба кон ЕУ како македонските државјани, изразуваат и граѓаните на Босна и Херцеговина. Меѓу останатите земји кандидати за членство, довербата кон ЕУ е најголема во Албанија со 81 отсто, пред Црна Гора со 75, Косово со 70 и Грузија со 58 проценти.

Пониска доверба кон ЕУ од македонските државјани изразуваат Молдавците и тоа од 52 отсто, што сепак укажува дека мнозинството граѓани на Молдавија, како и на останатите споменати земји кандидати веруваат во Унијата.

Пониска доверба кон ЕУ од 50 отсто имаат државјаните на Турција и тоа од 42 проценти и граѓаните на Србија од 38 отсто. Сепак, и ова податоци претставуваат пораст на довербата во ЕУ за четири проценти во Турција и за два отсто во Србија споредено со овогодишното пролетно истражување.

Доверба кон ЕУ од 38 проценти изразуваат и жителите на Велика Британија, што претставува пораст за шест отсто.

Кога станува збор, пак, за граѓаните на ЕУ, мнозинството од нив или 51 отсто веруваат во Унијата, што претставува највисоко измерено ниво на доверба на Европејците кон блокот во последните 17 години.

Според овие податоци, на рекордно највисоко ниво е и поддршката на Европејците за еврото, тие имаат пооптимистички поглед кон иднината и би сакале да видат посилна и понезависна ЕУ, особено во услови на актуелните глобални предизвици. Најголема поддршка кон ЕУ или 59 отсто од испитаниците искажале младите Европејци на возраст од 15 до 24 години.

Иста поддршка како кон ЕУ од 51 отсто, Европејците изразуваат и кон Европската комисија, со што таа е на највисоко ниво од 2007 година.

Речиси три четвртини од испитаниците или 74 проценти од државјаните на земјите членки на ЕУ изјавиле велат дека се чувствуваат како граѓани на ЕУ, што претставува највисоко ниво во повеќе од две децении, додека 61 отсто од Европејците се оптимисти околу иднината на ЕУ.

Речиси седум од десет испитаници или 69 отсто се согласуваат дека ЕУ има доволно моќ и инструменти за да ги брани економските интереси на Европа во глобалната економија, а ист процент се согласуваат дека Европската Унија е место на стабилност во денешниот проблематичен свет.

Една третина од Европејците или 33 отсто сметаат дека главен приоритет на дејствувањето на ЕУ на среден рок треба да бидат безбедноста и одбраната, 29 проценти тоа треба да биде миграцијата, за по 28 отсто економијата и животната средина, а за 27 проценти здравјето. Во исто време, 44 отсто од европските граѓани сметаат дека обезбедувањето мир и стабилност ќе има највисоко позитивно влијание врз нивниот живот на краток рок, следено со обезбедување на храна, здравствена заштита и индустриски резерви и со справувањето со миграцијата, со по 27 проценти.

Кога станува збор за специфични области за дејствување на ЕУ во областа на заштитата на животната средина, 38 отсто од Европејците веруваат дека приоритет треба да се даде на користењето на енергија од обновливите извори, 31 проценти на инвестициите во одржливо земјоделство, а по 28 отсто во изградба на енергетска инфраструктура и инвестирање во чиста технологија.

Истражувањето регистрира и досега најголемата поддршка за заедничката европска валута, која на ниво на цела ЕУ изнесува 74 отсто и само во Еврозоната 81 процент. Кога станува збор за перцепцијата за состојбата на европската економија, 48 отсто од Европејците сметаат дека таа е добра, додека 43 проценти оценуваат дека е лоша.

Дури 76 отсто од европските испитаници сметаат дека руската инвазија врз Украина претставува закана за безбедноста на ЕУ.

Од таму, 87 проценти од анкетираните се согласуваат со обезбедување хуманитарна поддршка на луѓето погодени од војната во Украина, 71 отсто ги поддржуваат економски санкции кон руската влада, компании и поединци, а 68 проценти се согласуваат со обезбедување финансиска поддршка за Киев. Околу 60 отсто од Европејците одобруваат ЕУ да и додели кандидатски статус на Украина, а 58 проценти се согласуваат Унијата да го финансира купувањето и снабдувањето со воена опрема за земјата.

Ова есенско истражување на Евробарометар е спроведено помеѓу 10 октомври и 5 ноември во 27-те земји членки на ЕУ, во девет од земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата (сите освен Украина), како и во Велика Британија. Само во ЕУ со анкетата биле опфатени 26.525 граѓани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG