Достапни линкови

Фалсификатори и шверцери


Полицајци незаконски вработени, па инспектори, па осомничени криминалци. Истражни органи речиси секојдневни гости во Државна лотарија. Фалсификувана или вистинска историја, ќе утврдува нов состав на македонско – бугарската комисија. Њузлетер 30.08.2024

Незаконски вработен во полиција, станал инспектор, па фатен со фалсификувани евра

Полицискиот инспектор кој беше фатен како шверцувал лажни монети во Косово незаконски бил вработен во македонската полиција, дознава Радио Слободна Европа од два независни извори. Тој не ги поминал основните безбедносни проверки на Агенцијата за национална безбедност.
34 годишниот ресенчанец е во притвор во Косово поради сомневање за фалсификување на околу 2 милиони монети од по 2 евра, кои требало да бидат пуштени во оптек во Косово. Македонскиот полицаец работел како инспектор без при тоа да поседува безбедносен сертификат.
Од македонското Министерство за внатрешни работи велат дека Одделот за внатрешна контрола отворила предмет за неговото вработување.
„Во тек се проверки по наводи во поднесеното барање и други наводи од надлежност на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди“, се вели во кусиот одговор од МВР за Радио Слободна Европа.

Оттаму останаа неодговорени прашањата како и кога бил вработен без сертификат и кој го одобрил неговото вработување и унапредување во инспектор без да ги помине безбедносните проверки на Агенцијата за национална безбедност.
По приведување на македонскиот инспектор на 4 август во Косово, косовското и македонското обвинителство продолжија со потрагата по неговите соучесници. Во оваа меѓународна истрага се вклучени Европол и Европравда.
„Истрагите сега ќе бараат да се утврди целосниот обем на фалсификување монети,“ беше наведено во соопштението на Еуроправда.
Полицаецот е осомничен дека во неколку наврати внесол и пуштал во оптек по илјадници фалсификувани монети во вредност од по две евра. Извори од истрагата за Радио Слободна Европа тогаш изјавија дека тој бил дел од мрежата на фалсификатори, но не и „мозокот“ на операцијата.

„Осомничениот полициски инспектор не можел да делува сам, затоа што самата природа на кривичното дело фалсификување на монети вклучува и одредена организирана група, што создава сомнеж дека зад него можеби стоеле повисоки полициски а можеби и политички личности“, оценува професор Стефан Буџаковски.

Фалсификувани монети од 2 евра - како да ги препознаете?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:09 0:00


Претставници на истражни органи – секојдневни гости во Државна лотарија

Поранешниот директор Перпарим Бајрами на 5 август ја предаде функцијата генерален директор на Државната лотарија на неговиот наследник Александар Климовски. Оттогаш, речиси секој втор ден, во акционерското друштво гости се истражните органи - началници од МВР и истражители од Обвинителството за организиран криминал и корупција, кои во рамки на засебни предистраги, бараат информации и документација за низа одлуки кои биле спроведени од претходниот менаџмент, дознава РСЕ.

Документацијата која се бара е за спроведени огласи, тендери, склучени договори и секаква друга документација за јавни набавки.
Се проверува и (не)законското формирање на трите нови компании за организирање на игри на среќа - „Државна лотарија - 77 Битс“, „Државна лотарија Везув ДОО Скопје“ и „Државна лотарија - Моцарт ДОО Скопје“.

Во овие компании, државното акционерско друштво има 51 отсто сопственост, додека приватни фирми од Бугарија, Србија и Црна Гора се косопственици и имаат 49 отсто удел. За овие три нови субјекти, владејачкото мнозинство, на 11 јули, поднесе барање за автентично толкување на Законот за игри на среќа, сметајќи дека нивното основање е незаконско и дека треба да се затворат.

Истражните органи барале документи и за новоформираниот правен субјект Државна видео-лотарија - ВЛТ, која беше формирана од Државната лотарија на Северна Македонија и австрискиот гигант ХТЛ како и набавката на терминали за коцкање во вредност од 19 милиони евра.
Тоа претставува и своевидна институционална реакција за истражувања во низа на РСЕ објавувани во последното тримесечје од 2023 година. Обвинителството за организиран криминал и корупција се интересира и за договорот за закуп на објектот во Визбегово за месечна кирија од над 25.000 евра со ДДВ.
Истражителите ги проверуваат и тендерите на Државна лотарија за маркетинг и промоција, за кои истражуваше РСЕ, а кои ги добија компании чии сопственици се во блиски релации и семејни релации со сопствениците на издавачките куќи „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“.

Која е фалсификувана а која вистинска историја ќе утврдува нов состав на македонско – бугарската комисија

На 18 и 19 септември во Скопје треба да се одржи четвртата средба за оваа година на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Меѓутоа, прашање е дали таа воопшто ќе се реализира и во каков состав.
Премиерот Христијан Мицкоски неколку пати најави дека ќе назначат нови историчари во македонскиот тим.

Без разлика дали Владата во Скопје ќе го стори тоа или не, промените во составот се извесни бидејќи повлекувања најавуваат и самите членови. Мандатот им истекува на 15 септември, а копретседателот од македонска страна, Драги Ѓоргиев, вели дека не би се согласил да потпише нов договор.

„Јас лично веќе и не би продолжил договорот, но ете и очигледно е дека ќе има промени во Комисијата и дека Владата ќе назначи нови членови, според изјавите на премиерот. Но, искрено и малку се заситивме“, вели Ѓоргиев за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во комисијата има по седум члена од двете страни. Бугарскиот копретседател, Ангел Димитров уверува дека кај нив ќе остане истиот тим и иронично додава дека жали што нивните колеги ќе бидат сменети.
„Во Бугарија нема да има промени зошто нема причини за тоа. Бугарскиот состав на Комисијата е од сериозни научници без поврзаност со политичките партии. Промени кај нас нема да има и не гледам ниту една причина за тоа“, вели Димитров за РСЕ.
И покрај политичките случувања на двете страни од границата, членовите на ова тело одржуваа средби, но впечатокот во јавноста е оти работата е заглавена во ќорсокак. Последните препораки, за кои македонските и бугарските историчари ги усогласија ставовите, беа објавени пред две години. Последната средба тие ја одржаа во јуни и таа беше трета за годинава. Според годишниот план за работа, планирани се вкупно шест што значи дека покрај средбата на 18 и 19 септември во Скопје, до крајот на декември би требало да се одржат уште два состанока.

Во моментов дискусијата е заглавена кај учебниците по историја – шести клас кај бугарските и седмо одделение кај македонските учебници.
Покрај спротивставените ставови кои често ги истакнуваа и во јавноста, копретседателите од двете страни, Ѓоргиев и Димитров, се согласни дека политиката и за едните и за другите претставува проблем.

Од фалс јавувања до трагедии - еден ден во центарот за итни повици 112

Тимот кој крева слушалка на европскиот и македонски број за итни случаи 112, секојдневно е сведок на разни ситуации. Од необични повици кои преминуваат во анегдоти до итни случаи кои некогаш завршуваат трагично. Операторите во националниот центар во Скопје и оние во уште 7 други низ државата, понекогаш примаат и до 3000 повици дневно. На македонски, албански и англиски јазик, се трудат да помогнат секому, преку систем кој ги обединува сите служби за итни случаи, како полиција, брза помош, противпожарна... Оттаму апелираат граѓаните да се јавуваат само кога имаат итна потреба, за да се остави простор за помош онаму каде е неопходно.

Од анегдоти до трагедии - еден ден во центарот за итни повици 112
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:58 0:00


Стоп за шверцери и криминалци: Како ќе се влегува во ЕУ од ноември

Новиот ЕЕС систем, кој стартува на 10 ноември 2024, е воспоставен за да ги направи базите на членките на ЕУ по поврзани за да се олесни следењето на времето и местото на престој на патниците. Една од целите е и да се отежни влезот на криминалци или терористи во ЕУ со лажни пасоши. На влезот во земја од Шенген зоната, граѓаните од околу 60 земји, вклучително и земјите од Западен Балкан, ќе бидат фотографирани и ќе им се земаат отпечатоци.

За следното лето е најавена имплементацијата на вториот европски систем за информации и овластувања за патување (ЕТИАС), што ќе значи дека патниците од земјите кои имаат безвизен режим со ЕУ ќе мора да аплицираат онлајн за дозвола за влез, со плаќање на провизија од седум евра со банкарска картичка.
Пасошите во сите земји од Западен Балкан се биометриски, чиповите содржат отпечатоци од прсти и фотографии и целосно се усогласени со условите што ги бара ЕУ за земјите од Западен Балкан да добијат безвизен режим.
Формуларот ЕТИАС нема да мора да го пополнуваат лица кои имаат валидна виза - студентска, работна или слично - или дозвола за престој во земја на ЕУ. Подетално можете да прочитате ТУКА.

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG