Секојдневни партиски препукувања преку прес конференции на двете најголеми партии, опозиционата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на локална власт, негативно се одразуваат врз животот на граѓаните, велат загрижените кумановци.
Сите политичари би ги затворила в затвор. Тие крадат, сешто прават, а сиротите луѓе од канти собираат за да јадат.Анкетиран граѓанин.
Невработените без партиски книшки, младите без работа и без перспектива, нискиот животен стандард, тешко преживување, на поголем дел кумановци им е преку глава. Велат дека повеќе не сакаат да ги слушаат меѓусебните обвинувања помеѓу партиите, оти како што велат, сите се борат само за нивни интереси. За оваа тешка состојба ги обвинуваат и едните и другите и велат дека се исти, а трета опција нема. Затоа политиката не ги интересира, туку само нивниот личен живот.
„Сите политичари би ги затворила в затвор. Тие крадат, сешто прават, а сиротите луѓе од канти собираат за да јадат“, вели една кумановка и додава дека ништо не е средено, ниту луѓето се безбедни дури и на улица кога ќе излезат.
Првите сметки кога ќе се откачат, потоа ги чекаш другите и си го туркаш животот. Политиката е за политичарите, работникот е за работа, не мора ниту името да им го знаеме, кој сака нека командува, само да биде добро за сите.Анкетиран граѓанин.
„Ќе те згази на пешачки премин.Се возат велосипеди на плоштадот каде што децата шетаат, не можеш внуче да прошеташ, ако им кажеш нешто тие пцујат, а полицијата зема мито наместо да ги казни и тоа е.“
„Најважно ми е да имам работа и семејството да ми е добро. А политиката влијае негативно пред се на финансиите, но и на безбедноста. Загрижена сум од внатрешниот фактор.“
„Првите сметки кога ќе се откачат, потоа ги чекаш другите и си го туркаш животот. Политиката е за политичарите, работникот е за работа, не мора ниту името да им го знаеме, кој сака нека командува, само да биде добро за сите.“
Кумановец кој 14 години е без работа вели дека се го загрижува.
„Не гледам никаков просперитет. Откако пропадна мојата фирма „Кожара“, никој не ме прашал како ми е, ако сте дошле вие да ми помогнете, така и некој друг. Што ми помогнала државата овие 14 години! А јас морам се да намирам кон државата. Политиката влијае врз нашиот живот.“
И друг запрашан кумановец вели дека општествено-политичкиот многу влијае врз личниот живот на граѓаните.
„Не гледам ништо подобро, ми се чини ќе биде уште полошо. Дај боже да биде подобро,ама јас лично не верувам ниту во тие,ниту во другите, само за нив е добро. Нема среќа од ниедна партија, само за нив е добро.“
И додека обичните граѓани постојано се во борба за гол опстанок, партиските активисти и функционери фрлаат огнени стрели едни кон други, се обвинуваат дека оние другите ништо не сработиле од ветуваното, дека ги оштетиле граѓаните поради нивната негрижа за нив.
А кумановци пак, не прават голема разлика, особено ако не се во ниту една партија, оти тие не можат да се надеваат дека животот ќе им се подобри. Веќе се е видено, привилегирани во општеството се само оние кои имаат партиски книшки, без оглед од која боја се. И како што додава повозрасен кумановец, дека балонот со партиски вработувања во државни институции премногу е надуван. Не се знае како ќе биде кога тој ќе пукне како меур од сапуница. До тогаш, ќе чекаме, вели тој.