Уставниот суд е во средиштето на вниманието на домашната јавност и на медиумите, откако политиката отворено се вмеша во неговата работа. ,,Не одлуките на Уставниот суд, туку изјавите на премиерот се катастрофа за демократијата,, - ги пренесува ,,Утрински,, оценките на претставници на правната мисла и практика, кои поради можноста од политички квалификации сакале да останат анонимни. Весникот потсетува дека ваквите реакции и оценки следуваат откако премиерот Груевски на двапати, во само два дена, обвини дека многу одлуки на Судот биле катастрофални и дека Уставниот суд бил ,,партиски диригиран,, од опозицијата како и на тоа дека изјавите на премиерот најверојатно биле предизвикани од новогодишната желба на преседателот на Уставен Трендафил Ивановски власта во иднина да се воздржи од мешање во работи што не се во нејзина надлежност. ,,Опасен удар врз принципот на поделба на власта, Владата не смее да му суди на Уставниот суд!,, пишува ,,Време,, кое ја објавува и информацијата дека ,,Откако паднаа пресудите за Бучковски и за Змиско око министерот за Правда Маневски удри по судијката Виолета Дума,,. Весникот го објавува и демантот на Маневски и изјавата дека неговото барање било поднесено пред тоа, поради постапувањето на судијката по еден друг предмет. ,,Вечер,, го објавува обвинувањето на СДСМ за поврзаноста на високи функционери од власта со сомнителен договор од пред 4 години, во вредност од околу 120 илјади евра, склучен меѓу Македонски Телеком и фирмата ,,Аналитико АИ,, за маркетинг услуги и за дистрибуција на СИМ картички, чиј газда бил телохранителот на директорот на Управата за државна безбедност, а управител новиот амбасадор во Кина, Оливер Шамбевски. СДСМ обвинува и дека целото сегашно раководство на ВМРО-ДПМНЕ било вработено во истата фирма. Истиов весник го објавува и демантот од владејачката партија. Висок третман кај медиумите предизвика информацијата на СДСМ дека професор Панде Лазаревски, директор на Центарот за управување со кризи и еден од иделозите на владејачката партија се' уште се водел како корисник на стан во Домот за постдипломци и докторанти на Универзитетот ,,Св.Кирил и Методи,,. Веројатно ова го предизвика Лазаревски да објави дека тој не живее во станот, туку неговите деца, и дека до крајов на месецов тие ќе се иселеле од него, откако тој си купил нов стан. Интересирање кај медиумите предизвика и најновата анкета на ИРИ според која рејтингот на владејачката партија е се уште висок, со 30 %, наспроти оној на СДСМ од 12%, додека рејтингот на Груевски бил смален од 27 на 24%, а пак рејтингот на Црвенковски зголемен од 6 на 9%. Медиумите информираа и за интерпелацијата што СДСМ ја поднесе во Собранието за претседателката на антикорупциска Мирјана Димовска поради тоа што со своето работење вушност ја штитела власта и нејзините незаконски дејанија.
Медиумите деновиве ја пренесоа изјавата на премиерот Груевски дека Уставниот суд е „партиски диригиран“. Некои од нив им отстапија простор и на реакциите од политичари и експерти.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете