Достапни линкови

Беџети - Притвор не се изрекува пречесто


Интервју со Блерим Беџети
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:12 0:00

Интервју со Блерим Беџети

Статистиката на Министерството за правда покажува дека притвор се изрекува само во околу 5 проценти од случаите и нема аргументација да се каже дека е пречеста мерката притвор, вели министерот за правда Блерим Беџети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Беџети, какви ефекти се очекуваат од измените во кривичниот законик?

Па и кривичниот законик по барање на многу институции кои предлагаа да се разгледаат нивните барања во делот со усогласување со ЗКП кој е клучен закон и ефектите од новите измени кои ќе бидат во една поширока јавна дебата, се очекува, односно се прецизираат многу кривични дела кои што имаше потреба да бидат прецизирани во нашето законодавство.

Какви слабости имаше досегашниот закон што има потреба од измени од ваков тип?

Не се работи за слабости, туку за дополнувања, има дел и од препораките од Советот на Европа кои ги вметнуваме, знам дека клучно од дебатата ќе биде и делото со зголемување на казните, односно се предлага решение каде што максималната казна од 15 години се предлага да се зголеми на 20 и алтернативното решение за доживотниот затвор од 20 се зголемува на 40 години. Тоа е согласно искуствата на земјите од регионот и од земјите на ЕУ, затоа што наша цел и заложба е усогласување со законодавството на Европската унија. Значи, не се работи за слабости, туку за дополнувања и усогласување со законодавството на ЕУ.

Со измените во Законот за кривична постапка се очекува Јавното обвинителство да добие поголеми ингеренции, тоа е една системска реформа која требаше да се внесе во правниот систем, зошто досега толку се одолговлекуваше? Дали обвинителството нема пари или нема капацитет за една таква системска реформа?

Не е дека нема пари, или не е само до парите, туку и ако ги разгледаме искуствата на земјите членки на ЕУ, како на пример на Хрватска, каде што прво почна само во делот на организираниот криминал, бидејќи станува збор за суштинска измена согласно законските решенија кои се во сила и факт е дека е потребно повеќе време за примената на овој закон. Не случајно и кај нас имаше одлагање на примената на законот. Веќе конечно од декември годинава ќе почне да се применува Законот за кривична постапка. Ние како држава сме презеле низа активности, како во обезбедување на новата зграда на Јавното обвинителство, во Министерството за правда и во другите ресори е работено интензивно, бидејќи требаше да се усогласат повеќе закони со Законот за кривична постапка затоа што го менува концептот, фактички целата надлежност на истражниот судија преминува во надлежност на обвинителството и се даваат нови можности за спогодување и освен што се усогласуваме со законодавството на ЕУ, очекуваме и повеќе ефикасно судство и поголема транспарентност и пократки судски спорови. Ако добро ве разбрав, проблемот не е во парите, туку не е само во парите реков, факт е дека многу средства беа потребни додека да се стигне до примената на законот, но конечно ние работевме интензивно и убеден сум дека примената ќе биде соодветна.

Во последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, владеењето на правото беше оценето како најслаба алка во функционирањето на државата. Сега, во пресрет на новиот извештај, што очекувате, колку оваа оценка ќе се смени во новиот извештај?

Очекувам и во овој извештај, како и во претходните, да имаме позитивни оценки во делот на правосудството, факт е дека и во изминативе години сме имале позитивни чекори во оваа насока кои биле нотирани и од самата ЕК и убеден сум дека и во овој извештај ќе бидат нотирани позитивните чекори на нашата држава.

А што е со негативните забелешки?

Укажувања веројатно ќе имаме и ќе постапиме по нив како што сме постапиле и во претходните извештаи кога сме ги имале укажувањата.

Според податоците на НВО Коалиција за правично судење, во 8 од 10 случаи, судот изрекува мерка притвор за осомничените и тој трае со месеци. Која е причината за сè почестата ваква појава?

Статистиките го покажуваат обратното од ова што вие го поставувате како прашање реферирајќи на некое здружение. Статистиките покажуваат сосема обратно нешто кое е минорна бројка процентуално во смисла колку предмети има во судска постапка во оваа фаза.

Од она што се гледа во јавноста со последните големи акции речиси во секој случај се изрекува мерката притвор.

Не е за секој случај, токму затоа велам дека статистиките покажуваат дека апсолутно далеку е од тоа дека во секој случај се одредува мерка притвор. Станува збор за од прилика 5 проценти во случаите на давање на мерка притвор и нема аргументација да се каже дека е пречеста мерката притвор. Ние внимателно ја следиме примената на законите во континуитет и се разбира дека ги следиме и стручната јавност и медиумската јавност и кои се нивните коментари, но сепак законите се на маса и мора да се почитуваат.

Значи велите дека во 5 проценти од случаите се одредува мерката притвор?

Да, такви се статистиките на Министерството.

Стручната јавност честопати обвинува дека судиите селективно ја делат правдата во судот?

Не, и аргументите се дека ние работиме интензивно, дури и во високиот дијалог што се води од страна на ЕК и Македонија имавме дел од обврските да го следиме и приливот на предметите затоа што тоа е работа на судските власти, не е на владата ниту на Министерството за правда, но ние ги следиме законите во делот на спроведување и имаме голема ефикасност и во тој сегмент, особено во претходниот период кога имавме измени и дополнувања на некои законски решенија кои овозможија растеретување на судовите од многу голема бројка од предмети кои се во надлежност на нотарите и извршителите и особено со примената на законот за парничната постапка имаме голема ефикасност, и внимателно се работи преку предлагање на закони таа ефикасност да се зголеми. Пред судовите сите граѓани се во еднаква положба и не може да бидат привилегирани ниту министри ниту носители на функции, бидејќи се суди според законот и не може да има селективен пристап.

Како го коментирате тоа што долгиот притвор за новинарот Кежаровски и целиот процес „Ликвидација“, од страна на новинарската фела, но и до сите чинители на правниот систем се доживува како притисок врз нив?

Веќе се изјаснив за оваа проблематика. Во случајот Кежаровски не се работи за слобода на мисла, на говор итн, туку се работи за конкретен случај, кој исто така е чувствителен, се надевам дека сите ќе се согласиме дека е чувствителен. Никој во државава не треба да пристапува спротивно од законите, ниту функционер, ниту новинар, писател итн. Да беше за слободата на мисла, на говор, тогаш тоа ќе беше сосема поинаку, но имајќи предвид дека пред извесно време ние пристапивме кон декриминализацијата, нема потреба од дебатирање. Сите знаеме дека се работи за сосема друг случај, доста чувствителен, во кој се обвинети повеќе лица.

Имаше реакции и од меѓународната заедница, од разни организации, од ОБСЕ, имаше реакции и повици да се ослободи Кежаровски, а од друга страна и дел од адвокатите тврдат дека во „Ликвидација“ му се суди на судството, а не на обвинетите.

Сосема имате право, ако почнеме една таква солидаризација, новинарите за новинарот, судиите за судијата, адвокатите за адвокатот, што треба да направиме? Да пратиме порака за рушење на правниот поредок на државата? Затоа сметаме дека само во судска постапка правото треба да биде задоволено преку законска постапка.

Дали ги лоциравте причините зошто голем број предмети завршуваат пред Европскиот суд за човекови права?

Ако земете предвид и други земји кои се членки на ЕУ, можеби имаат и повеќе предмети во самиот Европски суд за човекови права, не случајно во Република Македонија, односно во Врховниот суд веќе е воведен принципот на судење во разумен рок, тоа значи дека и самиот Европски суд за човекови права ни ја пренесува таа надлежност да судиме, но се разбира дека сè уште има такви случаи. Ние во Министерството за правда имаме меѓуресорска комисија која што ја водам јас и ги разгледуваме сите пресуди од Европскиот суд за човекови права. Тој е суд за сите држава и тврдам дека во споредба со други држави, тоа не треба да нè задоволува, се разбира се трудиме како држава и правосудни органи да има што помалку такви предмети од таков вид, но факт е дека од многу држави кои во нашата јавност се сметаат за доста понапредни, имаат дури поголем број на предмети пред самиот Европски суд за човекови права.

Дали постои политичко влијание врз судството?

Од една таква наметната дебата... Веќе општо познато е дека улогата на министерот за правда во судскиот совет е минимизирана, со самиот факт дека е без право на глас. Во Советот на обвинители веќе не е ниту член, мислам дека не е исполитизирано и тврдам дека не е исполитизирано, бидејќи нема место во судството за политиката.

Како тогаш го коментирате тоа што ваш колега од коалицијата, министерот за здравство, се најде во извештајот на Фридом Хаус дека вршел притисок врз судот за определена одлука?

Секој граѓанин кој има предмет во судска постапка има правни инструменти да се жали и да бара одговор за конкретен предмет и се постапува по тоа. Не случајно ние како Министерство за правда и Судскиот совет и претседателите на судовите итн., добиваат претставки од самите граѓани кои добиваат соодветен одговор согласно законските решенија.

Не го искоментиравте моментот со тоа што министерот за здравство се најде во извештај на меѓународна организација дека вршел директен притисок врз судството.

Не ја гледам спрегата за да може да врши притисок.

Сметате дека тој не извршил притисок и извештајот не е точен?

Не ја гледам спрегата дека министерот за здравство може да врши притисок врз судството.

Последниот случај „Шпион“ го сврте вниманието на јавноста, но од судот новинарите добија предупредување за објавување на класифицирани информации, а од друга страна, што ако тоа се информации во интерес на јавноста. Како тоа тука ќе се пресече?

Како мислите во интерес на јавноста?

Со оглед на тоа што е ограничена слободата за известување за тој случај, поради осетливоста на случајот, што во ситуација кога тие информации би требало да се објават ако се во интерес на јавноста? Тоа е улогата на медиумите.

Така е, сè што е во интерес на јавноста ќе се објавува согласно укажувањата од надлежниот суд за осетливоста на случајот за да не се наштети на судската постапка.

Значи тука судот ќе одлучи што е во интерес на јавноста?

Судот ќе одлучи што е во интерес на јавноста за предметот, а не да се меша во тоа што медиумите пишуваат.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG