Достапни линкови

Вести

Бројот на загинати во израелскиот воздушен напад врз предградието на Бејрут се искачи на 31

Луѓе и членовите на војската го проверуваат местото на израелскиот напад во јужните предградија на Бејрут, Либан, 20 септември 2024 година.
Луѓе и членовите на војската го проверуваат местото на израелскиот напад во јужните предградија на Бејрут, Либан, 20 септември 2024 година.

Либанскиот министер за здравство на 21 септември изјави дека бројот на загинати во израелскиот воздушен напад врз предградие на Бејрут претходниот ден се искачи на 31, меѓу кои седум жени и три деца.

Фирас Абиад изјави за новинарите дека 68 лица биле ранети, од кои 15 се во болница, во најсмртоносниот израелски воздушен напад врз Бејрут од војната Израел-Хезболах во летото 2006 година.

Меѓу загинатите е Ибрахим Акил, командант на Хезболах кој беше задолжен за елитните сили на групата Радван.

Исто така загинати се и десетина членови на милитантната група кои се состануваа во подрумот на зградата што беше уништена.

види ги сите денешни вести

Иран: Милитантните групи ќе продолжат со борбата против Израел

Претседателот на иранскиот парламент Мохамад Бакер Калибаф изјави дека милитантните групи ќе продолжат да му се спротивставуваат на Израел со помош на Техеран, по убиството на шефот на Хезболах Хасан Насрала, објавија иранските државни медиуми.

Сојузот познат како „Оската на отпорот“, децении граден со иранска поддршка, ги вклучува палестинската група Хамас, либанскиот Хезболах, јеменските Хути и различни вооружени групи шиитски муслимани во Ирак и Сирија.

Израел на 28 септември објави дека го убил Насрала во воздушен напад врз штабот на Хезболах во јужните предградија на Бејрут на 27 септември. Хезболах ја потврди оваа информација.

„Нема да се двоумиме да одиме на кое било ниво за да му помогнеме на отпорот“, рече Калибаф во неделата, 29 септември.

Тој исто така упати предупредување до САД.

„САД се соучесници во сите овие злосторства и ... мора да ги прифатат последиците“, додаде тој.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека убиството на шефот на Хезболах е „мерка за правда за неговите многубројни жртви“.

Исто така, коментирајќи го убиството на Насрала, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи рече дека Израел „нема да застане“ и дека акцијата нема да остане без одговор, објавија државните медиуми на 29 септември. Тој рече дека регионот е во опасна ситуација.

Заменик-командантот на иранската револуционерна гарда, Абас Нилфорушан, исто така беше убиен во израелските напади врз Бејрут на 27 септември, објавија иранските медиуми во саботата (28 септември).

По убиството на Насрала, иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи ги повика муслиманите да застанат со Хезболах и да се спротивстават на како што вели „злобниот режим“.

„Славната линија на лидерот на отпорот Хасан Насрала ќе продолжи, а неговата света цел ќе биде постигната со ослободување на Ерусалим, ако даде Бог“, рече на 28 септември портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.

Смртта на Хасан Насрала е значаен удар за Хезболах и клучниот спонзор на организацијата, Иран.

Хезболах, која САД ја сметаат за терористичка организација, а само неговото вооружено крило е ставено на црната листа на Европската унија, е водечки член на иранската таканаречена оска на отпорот, лабава мрежа на ирански посредници и милитантни групи поддржани од Техеран против Израел и САД.

Смртта на Насрала е „голема загуба и срам“ за Иран, рече Али Фатолах-Неџад, директор на Центарот за Блискиот Исток и глобален поредок со седиште во Берлин.

Тоа го претставува „најтешкиот удар за регионалната позиција на Техеран“ од убиството на иранскиот врховен командант Касем Сулејмани во американски воздушен напад во Ирак во 2020 година, изјави Фатолах-Неџад за Радио Фарда, иранска програма на Радио Слободна Европа.

Експлозија во близина на бензинската пумпа во Звечан

Илустрација
Илустрација

Косовската полиција на 29 септември објави дека на полноќ се случила експлозија во близина на бензинска пумпа во центарот на Звечани, општина на северот на земјата во која живеат мнозинство Срби.

„Околу полноќ, во близина на бензинската пумпа лоцирана во центарот на Звечани, се случи експлозија“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) заменик директорот на косовската полиција за север, Ветон Елшани.

Елшани рече дека во оваа експлозија нема повредени и дека полициските единици веднаш излегле на местото на експлозијата.

„Случајот е окарактеризиран како предизвикување општа опасност“, потенцира Елшани.


„Не е познато што ја предизвикало оваа експлозија, која предизвикала материјална штета на објектот на бензинската пумпа и неколку автомобили во близина“, рече тој.

Бензинската пумпа била затворена за работа во моментот на експлозијата. Вакви случаи не се ретки на северот на Косово во последните години. Звечан, заедно со Зубин Поток, Северни Митровица и Лепосавиќ, се четири општини со српско мнозинство на север.

Тензиите во овој дел од земјата во последниве месеци беа засилени, поради тоа што Владата на Косово повлекува чекори кои ги смета за воспоставување суверенитет во тој дел на Косово.

Франција бара од Израел да ги прекине нападите врз Либан

Израел пресретнa ракети на Хезбалах и го бомбардира јужен Либан
Израел пресретнa ракети на Хезбалах и го бомбардира јужен Либан

Франција на 29 септември побара од Израел веднаш да прекине со нападите врз Либан. Во соопштението на француското министерство за надворешни работи е наведено дека се противи на секаква копнена операција во таа земја.

„Се повикуваат други фактори, посебно (исламистичкото либанско движење) Хезболах и Иран да се воздржат од секаква акција која може да доведе до дополнителна дестабилизација и ширење на конфликтот во регионот“, се вели во соопштението на француското министерството за надворешни работи.

Хезболах се смета за терористичка организација од САД, иако Европската унија го стави само на црната листа вооруженото крило, не и политичката партија.


Израелската војска минатиот понеделник почна со кампања за бомбардирање на цели на Хезболах во Либан, по една година размена на оган преку границата меѓу јужен Либан и северен Израел, што предизвика населението во северен Израел да избега на југ за да се засолни.

Израелската армија соопшти дека лидерот на Хезболах, Хасан Насрала е убиен вчера во воздушен напад во близина на Бејрут.

„Безбедноста и заштитата на цивилите во Либан, како и во Израел треба да бидат гарантирани“, соопштено е во Париз, но името на Насрала не беше спомнато.

Либанската ескалација доаѓа кога израелската војна во Газа се приближува на една година од нејзиниот почеток. На 7 октомври лани милитатнтаната група Хамас, која е означена како терористичка од САД и ЕУ, започна прекуграничен напад во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе во Израел, од кои многумина цивили.

Парламентарни избори во Австрија

Парламентарни избори во Австрија
Парламентарни избори во Австрија

Гласачките места се отворени на националните избори во Австрија, членка на ЕУ, каде што антиимигрантската Партија на слободата (ФПО) се обидува да стане првата екстремно десничарска партија што победила на изборите таму по Втората светска војна и да ја собори конзервативната-зелена коалиција.

Австриската крајна десница со финален изборен митинг среде протестите на опозицијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:04 0:00

Поранешниот министер за внатрешни работи Херберт Кикл ја доведе својата националистичка, евроскептична партија до благо водство пред владејачката конзервативна Народна партија во гласањето пред гласањето за пополнување на 183-члениот долен дом на парламентот, Националниот совет.

Но, ниту една партија не се очекува да освои целосно мнозинство и многу партии ветија дека нема да дозволат Кикл да ги држи уздите на власта.

Австриските избори следуваат по добивките на десничарските партии на француските национални и германски регионални избори, како и на јунските парламентарни избори.

Балтикот и Полска бараат пари од ЕУ за одбранбена линија со Русија

Илустрација, гранична полиција на преминот меѓу Литванија со Белорусија
Илустрација, гранична полиција на преминот меѓу Литванија со Белорусија

Членките на НАТО, Естонија, Латвија, Литванија и Полска ќе бараат финансирање од Европската унија за изградба на мрежа од бункери, бариери, дистрибутивни линии и воени магацини долж нивните граници со Русија и Белорусија, соопштија на 28 септември естонските власти.

Трите балтички земји првично го објавија планот за „Балтичка одбранбена линија“ во јануари.

Во мај, Полска објави сличен проект наречен „Источен штит“ со цел да ги зајакне своите граници со руската ексклава Калининград и со Белорусија.


„Потребата за (балтичка) одбранбена линија произлегува од безбедносната ситуација и го поддржува новиот концепт на НАТО за напредна одбрана“, рече естонскиот министер за одбрана Хано Певкур во изјавата, додавајќи дека „исклучително е важно да ги координираме нашите активности со Полска“.

„Истовремено, ја зајакнува безбедноста на Европската унија и воената одбрана на нејзините граници, поради што јасно гледаме дека ЕУ може и финансиски да го поддржи проектот“, рече тој.

Министрите за одбрана на четирите европски земји лоцирани на источното крило на НАТО се состанаа во петокот во латвиски град, за да разговараат за финансирањето на проектот.

Тие не прецизираа колкава финансиска помош ќе бараат за проектот од Брисел.

„Руската војна против Украина покажа дека создавањето физички пречки на отворен терен без природна одбранбена покривка е најважно дури и во технолошките напредни војување“,се вели во нивната заедничката изјава.

Министрите рекоа дека надворешните закани на балтичко-полската граница се зголемуваат и дека засилувањето на утврдувањата долж границата со Русија и Белорусија „останува висок приоритет што придонесува за нашето ветување да ја браниме секоја педа од територијата (НАТО).

Одбранбената линија ја исклучува крајбрежната одбрана на Балтичкото Море што ја делат четирите земји.

Во Естонија, најмалата од четирите земји со население од 1,3 милиони жители, се планира воспоставување на граничната одбранбена линија во три фази, почнувајќи од 2025 година, соопшти Министерството за одбрана.

За Нетанјаху убиството на Насрала бил неопходен чекор, додека Иран бара итен состанок во ОН

Оштетени згради по израелските напади на 27 септември врз Бејрут
Оштетени згради по израелските напади на 27 септември врз Бејрут

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека убиството на долгогодишниот водач на милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, е неопходен чекор кон „промена на рамнотежата на силите во регионот во годините што доаѓаат“.

Во меѓувреме Техеран побара итен состанок на ОН. Советот за безбедност и САД повикаа на деескалација во регионот.

Во својата прва изјава откако израелските сили и Хезболах ја потврдија смртта на лидерот на Хезболах Хасан Насрала во масовните воздушни напади врз Бејрут на 27 септември, Нетанјаху предупреди на тешки денови што доаѓаат.

Нетанјаху смета дека Насрала не бил само еден обичен терорист, туку, како што вели, клучниот терорист, водач на група која беше означена како терористичка организација од САД и ставена на црната листа на Европската Унија.

Нетанјаху го обвини Насрала за убиство на многу Израелци, но и стотици државјани на други земји, и рече дека го засилил опасното влијание и политиката на главниот спонзор на Хезболах, Иран.

Либанската ескалација доаѓа кога израелската војна во Газа се приближува на една година од нејзиниот почеток. На 7 октомври лани милитатнтаната група Хамас, која е означена како терористичка од САД и ЕУ, започна прекуграничен напад во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе во Израел, од кои многумина цивили.

Постојат стравувања од брзо проширување на конфликтот што може да вклучи израелска копнена офанзива во Либан и на крајот да ги вовлече Иран и САД директно во борбите, јавува новинската агенција Ројтерс.

Либанските власти соопштија дека при израелските воздушни напади врз нивната територија на 28 септември загинале 33 лица, а 195 други биле ранети.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека „смртта на Насрала од израелски воздушен напад е мерка за правда за неговите многубројни жртви, вклучително и илјадници Американци, Израелци и либански цивили“.

„Вашингтон целосно го поддржува правото на Израел да се брани од Хезболах, Хамас, Хутите и сите други терористички групи поддржани од Иран,“ изјави Бајден.

Тој додаде дека САД ја зајакнуваат својата одбранбена позиција на Блискиот Исток „за да ја одвратат агресијата и да го намалат ризикот од поширока регионална војна“.

Додека продолжија шпекулациите околу тоа дали Израел ќе испрати копнени трупи во својот северен сосед Либан, Бајден рече: „Време е за прекин на огнот“.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, наводно, бил одведен на побезбедна локација во таа земја.

Хамнеи прогласи петдневна жалост во Иран за Насралах.

Иранските медиуми објавија дека при израелските напади на 27 септември во Бејрут бил убиен и висок командант на иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).

Драстичен пад на температурите неделава

Илустрација, дождливо време во Скопје
Илустрација, дождливо време во Скопје

Низ македонската територија се забележа промена на температурите, откако потпадна под влијание на влажна и постудена воздушна маса од север.

Во утринските часови во северните делови на земјата имаше повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи.

Во текот на денот се очекува да дува силен ветер, на некои делови и над 70км/ч. Силни ветрови се очекува да дуваат и в понеделник.

Дневната температура значително ќе се намали (во недела за 6 до 8, а во понеделник за уште дополнителни 4 до 6 степени).

Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен ветер од северозападен правец.

Минималната температура ќе се движи во интервал од 10 до 18°C, а максималната од 20 до 27°C.

Најмалку 50 луѓе загинаа и милиони останаа без струја, последица од ураганот Хелен во југоисточниот дел на САД

Илустрација
Илустрација

Најмалку 50 луѓе загинаа и милиони останаа без струја во југоисточниот дел на Соединетите држави како последица од моќниот ураган Хелен. Огромните дождови од моќниот ураган Хелен ги оставија луѓето заглавени, без засолниште и чекаа спас на 28 септември.

Ураганот Хелен помина низ брегот на Флорида како ураган од четврта категорија. Неговото движење започна доцна во четвртокот со ветрови со брзина од 225 км на час, а потоа брзо се движеше низ Џорџија, Каролина и Тенеси, при што остави откорнати дрвја, распарчени куќи и создаде потоци и реки низ улиците .

Западниот дел на Северна Каролина беше отсечена поради лизгање на земјиштето и поплавите кои принудија затворање на многу автопати.

Зошто зачестија екстремните временски промени?
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:47 0:00
Директен линк

Во Источен Тенеси десетици пациенти и персонал беа извлечени со хеликоптер од покривот на болницата во петокот. А спасувањето продолжи и во саботата во Северна Каролина, каде дел од градот Ешвил е под вода.

„Да се каже дека ова нè фати неспремни би било потценување“, рече Квентин Милер, шерифот на округот.

Имаше смртни случаи во округот, но директорот на службите за итни случаи, Ван Тејлор Џонс, во саботата рече дека не е подготвен да соопшти детали, поради проблеми кои настанале со прекините на комуникацијата.


Невремето, сега посттропски циклон, се очекуваше да лебди над долината Тенеси во сабота и недела, соопшти Националниот центар за урагани.

Но тоа создаде поплави кои што се најголеми во изминатиот век во Северна Каролина. И во Атланта, каде што само покривите на автомобилите ѕиркаа над поплавите во некои населби. Тоа е најмногу што градот видел во текот на два дена од почетокот на пишаната евиденцијата од 1878 година.


Претседателот Џо Бајден во саботата го нарече уништувањето предизвикано од Хелен „огромно“ и рече дека неговата администрација е посветена да му помогне на огромниот дел од Југоисточниот дел погоден од бурата да се опорави.

Хелен е најсмртоносната тропска бура во Јужна Каролина откако ураганот Хуго уби 35 луѓе кога се појави на брегот северно од Чарлстон во 1989 година. Смртни случаи се пријавени и во Флорида, Џорџија, Северна Каролина и Вирџинија.

Според првичните проценки се очекува имотна штета од 15 до 26 милијарди долари.

Откако Хезболах ја потврди смртта на Насрала, се разгореа нападите во Либан и Израел

Илустрација
Илустрација

Неколку часа откако милитантната група Хезболах, сојузничка на Иран, потврди дека нејзиниот водач, Хасан Насрала, е убиен во масовен израелски воздушен напад, насилството повторно се разгоре. Сирени се огласија во Тел Авив, а израелските сили продолжија да погодуваат цели во Бејрут и во јужен Либан.

Израелската војска на 28 септември соопшти дека сирените за воздушен напад се активирале на аеродромот во Тел Авив додека премиерот Бенјамин Нетанјаху се враќал од Соединетите Држави по неговиот говор во Обединетите нации, при што официјални лица велат дека биле пресретнати проектили истрелани од јеменските бунтовници Хути поддржани од Иран. Засега нема информации за повредени.

Не е познато дали ракетниот напад конкретно бил насочен кон Нетанјаху, кој го прекина своето патување со САД поради последното насилство, кое се интензивираше на 27 септември кога Израел започна масовен напад врз јужен Либан, при што беа убиени Насрала и неколку други водачи на Хезболах, организација означена како терористичка од САД.

Израелските сили на 28 септември продолжија со воздушните напади на локациите за кои рекоа дека се сместени команданти и оружје на Хезболах, вклучително и, како што рекоа, „прецизен напад“ на локација во Бејрут.

Со помош на Иран, Хасан Насрала го претвори Хезболах во моќен политички и воен ентитет во Либан и главен регионален играч.

Хезболах го потврди претходното тврдење на израелската војска дека при нападот на 27 септември загинал Насрала, при загинаа и неколку други високи членови на организацијата.

„Хасан Насрала, генералниот секретар на Хезболах, им се придружи на своите големи, бесмртни соборци маченици, кои ги водеше околу 30 години“, се вели во соопштението на Хезболах на 28 септември.

Хезболах вети дека ќе ја продолжи својата борба против Израел и покрај смртта на неговиот долгогодишен лидер, при тоа не даде никакви индикации за тоа кој би можел да го наследи Насрала.

Американските власти рекоа дека не биле информирани пред нападите од блискиот сојузник Израел и дека немале никаква улога во акцијата.

На 28 септември, американското Министерството за одбрана соопшти дека секретарот Лојд Остин му рекол на израелскиот колега Јоав Галант дека САД се решени да ги спречат Иран и групите поврзани со Иран да ја искористат ситуацијата во Либан или да ги прошират непријателствата.

Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, рече дека Остин изразил целосна поддршка за правото на Израел да се брани и „јасно стави до знаење дека Соединетите Држави остануваат посветени да ги заштитат американските сили и објекти во регионот и во одбраната на Израел“.

Москва, во меѓувреме, го осуди убиството на Насрала, а Министерството за надворешни работи го означи како „уште едно политичко убиство“.

„Оваа насилна акција е полн со уште поголеми драматични последици за Либан и за целиот Блиски Исток“, се вели во руската реакција.

На почетокот на 28 септември, израелската војска соопшти дека го убила Насрала во серија напади во Бејрут еден ден претходно.

Најмалку 17 луѓе се убиени при престрелка во Јужна Африка

Илустрација
Илустрација

Најмалку 17 луѓе од кои 15 жени се убидени во две масовни престрелки што се случија во непосредна близина во рурален град во Јужна Африка, соопшти полицијата на 28 септември.

Полицијата соопшти дека во тек е потрага по осомничените.

„Уште едно лице е во критична состојба во болница“ се вели во нивното соопштение.


Престрелките се случиле во петокот вечерта во град во југоисточна Јужна Африка. Видеото објавено од полицијата покажа дека пукотниците се случиле во две куќи во истата населба.

Во едната куќа се убиени 12 жени и еден маж, а во другата се убиени три жени и еден маж, соопшти полицијата.

Јужна Африка има една од највисоките стапки на убиства во светот, а масовните пукања стануваат сè почести во последниве години, понекогаш насочени кон луѓето во нивните домови.

Десет членови на истото семејство, од кои седум жени и едно 13-годишно момче, беа убиени во масовно пукање во нивниот дом во соседната провинција КваЗулу-Натал минатиот април.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG