Достапни линкови

Вести

На двојните избори, граѓаните ќе можат да дојдат на гласање само еднаш

Граѓанин гласа на првиот круг од претседателските избори, 24 април 2024 година
Граѓанин гласа на првиот круг од претседателските избори, 24 април 2024 година

Државната изборна комисија донесе упатство со кое на граѓаните со право на глас им се укажува дека ако гласаат само на едните избори, потоа во текот на денот доколку се предомислат нема да можат да се вратат на гласачкото место и да гласаат на другите избори.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека на граѓаните треба да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори, но и право да одлучат дали ќе гласаат само за парламентарните или само за претседателските избори.

Ова, вели Дашевски, мора добро да се објасни бидејќи за претседателските избори има ценсуз, односно за да биде изберен претседател во вториот круг, излезеноста треба да биде 40 отсто од вкупниот број на запишани гласачи во единствениот избирачки список.

„Граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избори и кога ќе дојде постапката е следна: прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди да гласа. Претпоставувам дека најмногу ќе гласаат за двата избори, а може да се случи и само за парламентарните, бидејќи знаеме дека излезноста и интересот таму е многу поголем. Но не смее да се доведе човекот во заблуда, бидејќи ако ве прашаат прво дали сте за едните, па за другите вие може да кажете, па јас сум за парламентарни. Значи, треба добро да се објасни дали сте за претседателски, дали сте за парламентарните и дали сте за двата, за човекот да не помисли дека поважни му се едните од другите, туку да знае дека има право да гласа и за двата избори и така да направиме и цензус“, вели претседателот на ДИК во интервјуто.

Даштевски очекува дека и на 8 мај вечерта, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ, имајќи ги предвид промените што ДИК ги направила во изминатиот период, но и искуството од изминатите избори. Тој потенцира дека за да се забрза изборниот процес во избирачките места во секое време ќе има по седум наместо пет лица, како претходно, а за броењето на резултатите ќе бидат присутни сите.

Претседателот на ДИК апелира до гласачите да придонесат за слободни, фер и демократски избори и се надева на мирни и демократски избори.

На 8 мај во земјава се одржуваат двојни избори, вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори. На првиот круг од претседателските избори најмногу гласови освои кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, пред кандидатот на СДСМ и актуелен претседател, Стево Пендаровски кој се најде на второ место по освоени гласови.

види ги сите денешни вести

МВР: Кривична против градоначалник, вршел исплати за време на претходните претседателски избори

Илустрација
Илустрација

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство - Гевгелија поднесе кривична пријава против градоначалник на една општина поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „противзаконито располагање со буџетски средства за време на избори" по член 165-в од Кривичниот законик.

Како што се наведува во соопштението на МВР, пријавениот извршил нередовни исплати на еднократна парична помош на 38 физички лица во вкупен износ од 195.000 денари согласно програмата за мерките и активностите на општината во областа на социјална заштита од буџетски средства за 2019 година.

„Пријавениот ги извршил исплатите на 15.02.2019, 18.03.2019 и 12.04 2019, односно во период кога се распишани Претседателските избори 2019 година, со што постапил спротивно на член 8-а став 1 алинеја 2 од Изборниот Законик и член 34 став 1 алинеја 2 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси“, пишува во соопштението.

Жестоки судири во Рафа

Раселени Палестинци чекаат ред за вода пред привремениот камп во Рафа на 17 мај 2024 година.
Раселени Палестинци чекаат ред за вода пред привремениот камп во Рафа на 17 мај 2024 година.

Жестоки судири и гранатирање го потресоа градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, изјавија очевидци.

Извештаите пристигнаа кога израелската војска објави дека првите 310 палети хуманитарна помош влегле на опколената територија преку дига изградена од САД.

Кувајтската болница објави дека во текот на ноќта во израелски напад загинале две лица во кампот за раселени лица во Рафа, а очевидци велат дека имало силно пукање и гранатирање во југоисточниот дел на градот.

Борбени авиони ги гаѓаа источните области на градот, пренесе Агенцијата Франс Прес.

Повеќе од десет дена откако израелската армија започна „ограничена“ операција во Рафа, борбите меѓу израелските сили и палестинските милитанти повторно се разгореа на северот на Појасот Газа.

Интензивни судири се случија во текот на ноќта во бегалскиот камп Џабалија, на северот од палестинската територија, откако израелската армија во петокот објави „можеби најлошото“ насилство во областа во повеќе од седум месеци војна.

Војната во Појасот Газа започна кога екстремистите на Хамас извршија напад без преседан врз Израел на 7 октомври, при што според израелските власти загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили.

Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 се уште се заробени во Појасот Газа.

Израел потоа започна офанзива на Газа во која досега загинаа повеќе од 35.300 луѓе. Две третини од нив жени и деца и рани повеќе од 79.260 лица, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас.

Зеленски ја отфрли идејата за примирје за време на Олимписките игри

Претседателот на Украина Володимир Зеленски (архивска фотографија)
Претседателот на Украина Володимир Зеленски (архивска фотографија)

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли идејата за „прекин на огнот“ во војната со Русија за време на Олимписките игри во Париз, за што се залага францускиот претседател Емануел Макрон.

Тој додаде дека примирјето „ќе му користи на непријателот“.

„Да замислиме за момент дека има прекин на огнот. Прво, ние не му веруваме на рускиот претседател Владимир Путин. Второ, тој нема да ги повлече своите војници. Трето, кој гарантира дека Русија нема да ја искористи можноста да ја донесе својата војници на нашата територија“, рече Зеленски во интервју за Агенцијата Франс Прес.

Макрон повикува на светско примирје за време на Олимпијадата. Париз е домаќин на Летните олимписки игри од 26 јули до 11 август.

Зеленски, исто така, рече дека очекува руската армија да ја прошири офанзивата на северот и истокот на Украина со цел да го заземе Харков.

„Тие започнаа операција која може да се состои од неколку бранови, а ова е првиот бран“, рече Зеленски.

Тој посочи дека и покрај руските напредувања во регионот Харков во последните денови, ситуацијата за украинските сили е подобра отколку пред една недела, кога силите на Кремљ ненадејно ја преминаа границата.

Според украинскиот претседател, Русија сака да го нападне Харков, вториот по големина град во земјата.

Зеленски рече дека кога станува збор за системите за противвоздушна одбрана, Украина денес има „25 отсто од она што и е потребно за да ја одбрани Украина“.

„На Украина ќе и требаат 120 до 130 Ф-16 или други борбени авиони за Русија да нема воздушна супериорност. Се наоѓаме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната, но, во исто време не сака Украина да изгуби“, смета украинскиот претседател.

Според АФП, Русија го постигна најголемиот територијален напредок од крајот на 2022 година, со околу 257 квадратни километри освоени само во регионот Харков.

Најмалку три лица загинаа, а 28 се ранети во бомбардирањето на Харков во петокот попладне, изјави градоначалникот Игор Терехов.

Во Авганистан најмалку 50 лица загинаа во новите поплави

Слика по поплавите во авганистанската провинција Баглан, 12 мај 2024 година.
Слика по поплавите во авганистанската провинција Баглан, 12 мај 2024 година.

Најмалку 50 луѓе загинаа во нови силни дождови и поплави во централен Авганистан.

Засега нема прецизни информации колку лица се повредени во поплавите предизвикани од дождот што почна во петокот и предизвика прекин на сообраќајот на многу патишта во провинцијата Гор.

Во оваа област, 2.000 куќи беа целосно уништени, 4.000 беа оштетени, а повеќе од 2.000 продавници беа под вода во Фероз-Кох, главниот град на покраината.

Минатата недела поројните поплави предизвикани од обилните дождови опустошија села во северен Авганистан, при што загинаа 315 луѓе, а повеќе од 1.600 беа повредени, соопштија властите.

Авганистан често е изложен на природни катастрофи, а Обединетите нации ја сметаат за една од земјите најранливи на климатските промени.

Сите седум тужби од „Европски фронт“ се неосновани, одлучи Управниот суд

Управен суд - Скопје
Управен суд - Скопје

Управниот суд синоќа ги отфрли како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на парламентарните избори.

Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на парламентарните избори. За сите беа оформени предмети и закажани во текот на вчерашниот ден.

Од коалицијата „Вреди“ ги поздравија одлуките на Управниот суд.

„Оваа одлука уште еднаш докажува дека надежта за граѓаните во државата доаѓа, а манипулациите и криминалот на оваа хибридна моќ паѓаат“, се вели во нивното соопштение.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.

Претходно, ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај.

Од вкупно 27 поднесени приговори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица.

Тошковски: Уапсена вработена во МВР - земала 12.500 евра за наводно посредување за социјални станови

Панче Тошковски
Панче Тошковски

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски на неговиот Фејсбук профил објави дека вработена во МВР како виш аналитичар во скопска полициска станица е лишена од слобода под сомнение за сторено кривично дело измама. Вработената се товари дека измамила три лица за наводно посредување за добивање социјални станови.

„Наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12 500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија. Во врска со кривичното дело извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи“, објави Тошковски на неговиот Фејсбук профил.

Како што наведува техничкиот министер, при извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, било пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција, кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.

Тошковски пишува и дека МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници.

Десетици повредени во насилство во Бишкек

Демонстрации во Бишкек
Демонстрации во Бишкек

Киргистанската влада соопшти дека 28 лица се повредени, меѓу кои и тројца странци, во инцидент што се случи во Бишкек ноќта меѓу 17 и 18 мај.

Насилството било предизвикано од видео снимка што кружеше на социјалните мрежи од тепачка во дворот на хостел во Бишкек во која учествувале „странци“.

Шефот на Државниот комитет за национална безбедност на Киргистан, Камчибек Ташиев рече дека по тепачката вечерта на 17 мај, 500-700 локални граѓани на возраст меѓу 18 и 25 години се собрале во центарот на градот за да протестираат како што велат поради зголемување на бројот на мигранти кои работат во Киргистан.

Полицијата за борба против нереди опколи делови од градот каде што се собраа демонстрантите.

Ташиев рече дека Киргистан се бори со приливот на илегални мигранти кои доаѓаат во земјата, главно од Пакистан и Бангладеш, додавајќи дека многу од нив „го прекршуваат законот“.

„Идентификуваме најмалку 20-30 или 50 илегални мигранти дневно и се обидуваме да ги протераме од земјата. Врз основа на официјалната статистика, повеќето од странците кои го прекршуваат законот се државјани на Пакистан и Бангладеш. Од нив, вративме околу 1.500 луѓе од Пакистан и околу 1.000 луѓе од Бангладеш во нивните земји“, изјави тој.

Министерот за здравство, Алимкадир Беишеналиев рече дека тројца странски државјани по судирите се на лекарска помош во болница, без да ја каже нивната националност.

Исто така, пакистанската амбасада соопшти дека 14 пакистански државјани се повредени во инцидентот, но ги негираше информациите дека тројца Пакистанци се убиени.

Лагумџија: Усогласен конечен текст на резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Златко Лагумџија (архивска фотографија)
Златко Лагумџија (архивска фотографија)

Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Обединетите нации (ОН) Златко Лагумџија во петокот објави дека е усогласен конечниот текст на резолуцијата за геноцидот во Сребреница.

Измените во текстот на резолуцијата се однесуваат на делот - по „според меѓународното право“ и пред „не е колективна“, сега се пишува зборот „индивидуална“, рече Лагумџија, кој конечниот текст на резолуцијата го даде на Радио Слободна Европа.

„Молчевме пред негаторите на геноцидот додека тие славеа и закажуваа, а потоа ги откажуваа непостоечките седници на Генералното собрание на ОН, како и додека тие „се пресметуваа“ со резолуцијата за геноцидот во Сребреница од 1995 година пред да ја прочитаат и додека текстот не беше ни завршен“, објави Лагумџија во објава на мрежата Икс.

Како што изјави, „ нив ги мачеше само еден збор – геноцид“.

„Сребреница е вратена на глобалната сцена во последните месеци - симбол на борбата за правда, вистина, помирување, учење, спречување на геноцидот и на крајот симбол на борбата против негирањето на геноцидот. Никој не може да избега од тоа веќе“, порача Лагумџија.

Како што наведе, усогласената конечна верзија на резолуцијата, која на 23 следниот четврток (23 мај) ќе им биде претставена на сите членки на ОН „не доведе до уште подобро „испеглан“ текст со два амандмани кои станаа интегрален дел од документот за кој ќе се гласа“.

„Првиот амандман ги покренува аргументите на лажните патриоти кои промовираат непостоечка вина на „нациите од геноцид". Текстот гласи: „Повторуваме дека кривичната одговорност според меѓународното право за злосторството геноцид не може да се однесува на ниту една етничка, религиозна или друга заедница како целина“, наведе амбасадорот на БиХ во Обединетите Нации.

Кога станува збор за вториот амандман, „вториот укажува на зајакнување на единството во различностите, што не е само мотото на Европската унија, туку и природата на нашата земја како европска држава заснована на такви традиции. Текстот гласи: „Ја повторуваме нашата цврста определба за одржување и зајакнување на единството во различностите во Босна и Херцеговина“, наведува Лагумџија во објавата на мрежата Икс.

Тој потоа го сподели конечниот текст на резолуцијата, со порака: „Направивме се што знаевме и можевме. Нема да застанеме. Ви благодариме на сите што беа со нас“.

На 23 мај, Генералното собрание на ОН ќе гласа за предлогот за резолуција за прогласување на 11 јули за „Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година“.

Резолуцијата се повикува на фактите утврдени со пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата, како и на домашните судови за геноцид на најмалку 8.372 Бошњаци и други воени злосторства во регионот на Сребреница, повеќе од 50 луѓе беа осудени на околу 700 години затвор.

Пресудите, меѓу другото, го осудуваа на доживотен затвор воениот претседател на ентитетот Република Српска и врховниот командант на армијата на Република Српска, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

Временска прогноза - топло и облачно, можно невреме со врнежи и град

Илустрација
Илустрација

Сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне и кон крајот на денот наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за појава на краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Максималната температура ќе достигне 27 степени. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме, најавуваат од УХМР.

Изгласана новата влада на Хрватска

Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска, 17 април 2024 година.
Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска, 17 април 2024 година.

Хрватска во петокот вечер доби нова влада, откако парламентот и изгласа доверба на третата влада која ќе ја предводи актуелниот премиер Андреј Пленковиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

По целодневна, десетчасовна дебата, 79 претставници гласаа за поддршка на владата на ХДЗ и Движењето Татковина, еден беше воздржан, а 61 беа против.

Претседателот и членовите на Владата се заложија совесно и чесно да ја извршуваат својата должност, да ги почитуваат Уставот, законите и правниот поредок и да се залагаат за напредок на државата.

Во петокот пред Собранието беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на пет приоритети - успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска.

Во новиот мандат, Владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра и отворање на 125.000 нови работни места.

Се предвидува и олеснување на стопанството за дополнителни 135 милиони евра неданочни и парафискални давачки, поттикнување на приватни истражувачки и развојни проекти во износ од над 250 милиони евра. Шест милијарди евра ќе се инвестираат во железничката инфраструктура во следните десет години за модернизирање на железничкиот транспорт.

Третата влада на Пленковиќ, исто така, планира да ја удвои еднократната финансиска поддршка за новороденче, на мајките да им даде една година пензија за секое родено дете и да го зголеми финансискиот надоместок за користење на правото на родителско отсуство за вработени и самовработени родители.

До крајот на мандатот, пензиите се предвидува да се зголемат за најмалку 30 отсто, а просечната пензија ќе изнесува најмалку 750 евра.

Новата влада, наместо досегашните 16, ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG