Достапни линкови

Вести

Киев тврди дека руската војска го користи „Старлинк“ на Маск

Антена на терминалот „Старлинк“ во близина на градот Изум во Харкивската област, Украина, 25 септември 2022 г.
Антена на терминалот „Старлинк“ во близина на градот Изум во Харкивската област, Украина, 25 септември 2022 г.

Украинските одбранбени претставници во неделата објавија дека руските сили во окупираните области на источна Украина ги користат терминалите на сателитскиот интернет сервис „Старлинк“ на Илон Маск.

Главната разузнавачка управа на украинското Министерство за одбрана на Телеграм објави аудиоснимка од пресретнат разговор меѓу двајца руски војници, наведувајќи дека тоа е доказ оти „Страрлинк“ се користи „системски“, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Компанијата „Спејс Икс“, која управува со терминалите „Старлинк“, на 8 февруари на платформата Икс соопшти дека „не соработува на кој било начин со руската влада или нејзината војска“ и дека нејзиниот сервис не работи во Русија.

Разузнавачката агенција соопшти дека на аудиоснимка објавена на Телеграм, се слушаат војници од 83-та воздушно-јуришна бригада на Русија како разговараат за поставување терминал во источна Украина.

Во соопштението не се дадени детали за степенот на наводната употреба или како се добиени терминалите. Портпаролот Андриј Јусов во саботата изјави за украинските медиуми дека употребата на „Старлинг“ „почнува да добива системски карактер“.

„Старлинк“ е мрежа од повеќе од 2 000 сателити кои орбитираат околу Земјата во комуникација со илјадници терминали на земјата. Тој беше активиран низ Украина кон крајот на февруари 2022 година, откако интернет услугите беа прекинати поради руската инвазија.

Присуството на „Старлинк“ во Украина се покажа како непроценливо не само за борбите во првите редови, туку и за обновувањето на енергетската и комуникациската инфраструктура која е мета на Русија. Сепак, остануваат прашањата за тоа колку е посветен неговиот сопственик, милијардерот Илон Маск, да ги поддржи воените напори на Украина.

Маск рече дека спречил украински напад врз руската поморска база во 2022 година со тоа што го отфрлил барањето на Киев да го активира пристапот до Интернет во Црното Море во близина на Крим, кој е анектиран од Русија.

Тоа откритие во септември 2023 година предизвика остра осуда од Михаило Подољак, висок помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека тоа е „цената на коктел од незнаење и големо его“.

Инцидентот за кој станува збор се однесува на планот на Украина кон крајот на минатата година да ја осакати руската Црноморска флота со седиште во Севастопол.

Маск на почетокот на септември на мрежата Икс објави дека украинските власти испратиле барање за „активирање на ’Старлинк‘ до Севастопол“.

„Ако се согласев со нивното барање, тогаш „Сепјс Икс“ експлицитно ќе беше соучесник во голем чин на ескалација на војна и конфликт“, рече Маск тогаш.

види ги сите денешни вести

Македонската ракометна репрезентација се пласираше на Светското првенство

Македонски навивачи, илустрација
Македонски навивачи, илустрација

Македонската ракометна репрезентација со 34:26 ја победи селекцијата на Фарските Острови и се пласираше на Светското првенство во 2025 година, по натпреварот што на 12 мај се одржа во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

По првите 30 минути Македонија водеше со 19:15, во 37 минута ги имаше посакуваните плус седум разлика, а во неколку наврати водеше и со девет разлика.

Жарко Пешевски со осум погодоци беше најефикасен во победничкиот состав. Се истакнаа и Филип Кузмановски со седум, Марко Митев со шест и Мартин Серафимов со пет погодоци.

Следната година ќе се одржи 29 Светско ракометно првенство, во Хрватска, Данска и Норвешка, во периодот од од 14 јануари од 2 февруари.

ЕУ изрази жалење што Сиљановска-Давкова не го употреби уставното име на Северна Македонија

Петер Стано, портпарол на Европската унија (ЕУ)
Петер Стано, портпарол на Европската унија (ЕУ)

Европската унија (ЕУ) изразува жалење поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, претседателката Сиљановска -Давкова, не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија кога даде заклетва, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

„ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција“, изјави Стано.

Гордана Сиљановска-Давкова денеска(8 мај) положи свечена заклетва во Собранието, по што го почна мандатот како претседателка на државата откако победи на претседателските избори на 8 мај. При давање на заклетвата, повторувајќи по претседателот на Собранието, Јован Митрески кој го користеше уставното име Република Северна Македонија, Сиљановска-Давкова употребуваше само Македонија.

Претходно и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во објава на мрежата Икс (порашен Твитер) порача дека „за Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

Шарл Мишел, претседател на Советот на ЕУ, ѝ го честита изборот на Сиљановска-Давкова и кажа дека „иднината на Северна Македонија и Западниот Балкан е во ЕУ“.

„Со нетрпение очекувам да соработувам со вас на унапредување на патот на Северна Македонија кон ЕУ, преку спроведување на реформите и обврските“, рече Мишел.

Реагираше и грчкото министерство за надворешни работи (МНР). Во соопштението што го пренесе агенцијата МИА, од грчкото МНР велат дека „билатералните односи со соседната земја и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име“.

„За време на денешната заклетва во Собранието и покрај фактот што во официјалниот текст на заклетвата што ѝ беше диктиран, земјата беше под името „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Сиљановска - Давкова, одбра земјата да ја нарече „Македонија. Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски“ соопштија од грчкото МНР.

Во обраќањето пред пратениците со говор што го посвети на жените, Сиљановска-Давкова повика на единство и вети дека ќе биде претседателка на сите.

„Ќе го почитувам овој Парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги паметам само добрите. Ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив, ниту по етничка, по верска, по полова, ниту по која било друга основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови“, рече Сиљановска-Давкова.

На 8 мај во Северна Македонија се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори, во кој влегоа Сиљановска-Давкова и актуелниот претседател Стево Пендаровски. Сиљановска-Давкова издвојува убедлива победа со 561.000 гласови, наспроти 251.899 гласови што ги освои Пендаровски.

Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде првата жена и шести претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Мишел и Фон дер Лајен: Очекуваме соработка на европскиот пат на земјата

Белгија - Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија и Шарл Мишел, претседател на Советот на ЕУ, на Самитот ЕУ-Западен Балкан, 13 декември 2023 година
Белгија - Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија и Шарл Мишел, претседател на Советот на ЕУ, на Самитот ЕУ-Западен Балкан, 13 декември 2023 година

Претседателите на Европската комисија и на Советот на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел упатија честитки до претседателката Гордана Сиљановска - Давкова по повод нејзиното официјално стапување на функцијата претседателка на Северна Македонија, нагласувајќи ја определбата за соработка во продолжување на европскиот пат на земјата.

„Честитки Гордана Сиљановска-Давкова, првата жена претседател на Северна Македонија. Вашето лидерство доаѓа во клучен момент, додека вашата земја ги унапредува своите реформи и продолжува на патот кон ЕУ. Со нетрпение очекувам да соработувам со вас“, напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).

Честитки упати и Мишел.

„Со нетрпение очекувам да соработувам со вас на унапредување на патот на Северна Македонија кон ЕУ, преку спроведување на реформите и обврските. Иднината на Северна Македонија и Западниот Балкан е во ЕУ“, наведе Мишел во објавата.

Фон дер Лајен во посебна објава на Икс порача и дека „за Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

На 8 мај во Северна Македонија се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори, во кој влегоа Сиљановска-Давкова и актуелниот претседател Стево Пендаровски. Сиљановска-Давкова издвојува убедлива победа со 561.000 гласови, наспроти 251.899 гласови што ги освои Пендаровски.

Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде првата жена и шести претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Грчко МНР: Европскиот пат на Северна Македонија зависи од спроведување на договорот од Преспа и од уставните измени

Северна Македонија - свечена заклетва на Гордана Сиљановска-Давкова, новата претседателка на Северна Македонија, Скопје, 12 мај 2024 година
Северна Македонија - свечена заклетва на Гордана Сиљановска-Давкова, новата претседателка на Северна Македонија, Скопје, 12 мај 2024 година

Билатералните односи со соседната земја и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција по инаугурацијата на Гордана Сиљановска, новата претседателка на Северна Македонија, пренесе МИА.

Во реакцијата од грчкото МНР пишува дека „за време на денешната заклетва во Собранието и покрај фактот што во официјалниот текст на заклетвата што ѝ беше диктиран, земјата беше под името „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Сиљановска - Давкова, одбра земјата да ја нарече „Македонија“.

„Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски“ соопштија од грчкото МНР.

Од таму посочија дека грчката Влада, и покрај приговорите што ги искажа како опозиција, го почитува Договорот како ратификуван меѓународен договор, кој надвладува која било друга законска одредба.

„Грција, во овој контекст, категорично изјавува дека дополнителниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија, како и европскиот тек на земјата зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно од употребата на уставното име на земјата, соопштија од грчкото МНР“, пренесе МИА.

На 8 мај во Северна Македонија се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори, во кој влегоа Сиљановска-Давкова и актуелниот претседател Стево Пендаровски. Сиљановска-Давкова издвојува убедлива победа со 561.000 гласови, наспроти 251.899 гласови што ги освои Пендаровски.

Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде првата жена и шести претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Лога: Непочитувањето на уставното име ја прави ништовна заклетвата на Сиљановска-Давкова

Кренар Лога, министер за правда во техничката влада на Северна Македонија
Кренар Лога, министер за правда во техничката влада на Северна Македонија

Кренар Лога, министерот за правда во техничката Влада и генерален секретар на Алијансата на Албанците (АА) од крилото на Зијадин Села, во реакција на денешниот говор на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова оцени дека таа не го испочитувала уставното име на државата и оти со тоа „нејзината заклетва е ништовна“.

„Или повторување на постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митревски (претседател на Собрание), напиша Лога во реакцијата објавена на Фејсбук и споделена во соопштение до медиумите.

Сиљановска-Давкова, при давањето свечена заклетва, не го употреби уставното име на земјава – Република Северна Македонија, туку користеше Македонија.

На 8 мај во Северна Македонија се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори, во кој влегоа Сиљановска-Давкова и актуелниот претседател Стево Пендаровски. Сиљановска-Давкова издвојува убедлива победа со 561.000 гласови, наспроти 251.899 гласови што ги освои Пендаровски.

Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде првата жена и шести претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Адеми: Сиљановска-Давкова во говорот го прекрши Уставот

Северна Македонија - Арбр Адеми, претседател на пратеничката група на Демократска унија за интеграција(ДУИ) во Собранието
Северна Македонија - Арбр Адеми, претседател на пратеничката група на Демократска унија за интеграција(ДУИ) во Собранието

Новата претседателка Гордана Сиљановска - Давкова го прекрши Уставот при положувањето на нејзината заклетва, повика на единство а спомнала само двајца лидери на партии, не кажа ништо суштинско и не се осврна на евроинтеграциите, рече координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, на прес-конференција по инаугурацијата на Сиљановска-Давкова за претседателка на Северна Македонија.

„Изразуваме жалење за говорот на Сиљановска - Давкова. Го згази Уставот уште на прва реченица неспомнувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации што ги има тоа. Рече време е за единство, а спомна само двајца лидери од македонскиот блок, исклучувајќи ги сите останати“, рече Адеми.

Тој оцени дека таа имала „говор за 8 март“, во кој не се спомнува НАТО и членството на Република Северна Македонија во НАТО, како и сите предизвици кои претстојат, не се спомнуваат Европската унија и евроинтеграцискиот процес Преспанскиот договор, уставните измени, договорот за добрососедство со Бугарија ниту меѓуетничките односи.

„Намерно не ја спомна честитката на претседателката на Република Косово за нејзиниот избор, иако не недостасуваа апострофирања на жени лидери кои и честитаа за изборот. Со првата нејзина реченица веќе создаде криза помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција“, рече Адеми.


Сиљановска-Давкова во нејзиното обраќање пред присутните пратеници во Собранието, дипломатскиот кор, како и претставниците на политичкиот и општествениот живот, рече ќе биде претседателка на сите граѓани и нема да прави разлика меѓу нив ниту по етничка, ниту по верска, ниту по полова или било каква друга разлика.

Нејзиниот говор таа им го посвети на жените поради кои се нафатила да се кандидира, затоа што сака да ги инспирира жените, посочувајќи на „оние кои на Балканот често не се претседателки на држави“.

Порача дека е време за единството „кое може да значи и женска филозофија, женска автентичност, бидејќи ние умееме да се грижиме не само за себе, туку пред се за сите останати“.

На 8 мај во Северна Македонија се одржаа парламентарни и втор круг претседателски избори, во кој влегоа Сиљановска-Давкова и актуелниот претседател Стево Пендаровски. Сиљановска-Давкова издвојува убедлива победа со 561.000 гласови, наспроти 251.899 гласови што ги освои Пендаровски.

Гордана Сиљановска - Давкова ќе биде првата жена и шести претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Во поплавите во Авганистан загинаа 315 луѓе

Поплави во провинцијата Баглан, Авганистан, 12 мај 2024 година
Поплави во провинцијата Баглан, Авганистан, 12 мај 2024 година

Поројните поплави предизвикани од обилните дождови опустошија села на северот на Авганистан, при што загинаа 315 луѓе, објави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на локални вести.

Во поплавите повеќе од 1.600 луѓе беа повредени, илјадници куќи беа оштетени, а значителен број добиток беше изгубен.

Хуманитарните организации предупредуваат дека последиците од поплавите би можеле да бидат уште поголеми со оглед на тоа што се оштетени здравствените установи на северот од Авганистан, но и критичната инфраструктура, како што е водоснабдувањето, додека улиците се покриени со кал.

„Ројтерс“ јави дека во областа Нахрин во провинцијата Баглан, луѓето ги носеле починатите за да ги погребаат на блиските гробишта.

„Немаме храна, вода за пиење, засолниште, буквално немаме ништо, поплавите уништија сè“, изјави за Мухамед Јахкуб, кој загуби 13 членови на семејството, меѓу кои и деца, за „Ројтерс“.

Талибанскиот министер за економија Дин Мухамед Ханиф апелираше до Обединетите нации, хуманитарните организации и приватните компании да обезбедат помош за погодените.

„Поројни поплави рикаа низ селата, збришаа домови и убиваа добиток“, рече Аршад Малик, директор на огранокот на „Спасете ги децата“ во Авганистан, пренесе „Ројтерс“.

Според неговите проценки, 310.000 деца живееле во најтешко погодените области.

Авганистан е земја во која често има природни катастрофи и Обединетите нации ја сметаат за една од земјите најранливи на климатските промени.

Авганистан се соочи со недостиг на странска помош откако Талибанците ја презедоа власта во 2021 година по повлекувањето на меѓународните сили.

Дотогаш, развојната помош од странство го формираше столбот на владините финансии.

Претседателски избори и референдум во Литванија

илустрација
илустрација

Литванците денеска (12 мај) ќе гласаат на претседателски избори кои се одржуваат во време кога руската офанзива во Украина ги подгрева страхувањата од Москва во стратешки важниот балтички регион, јавува Асошиејтед прес (АП).

Во трката за претседателскиот мандат се осум кандидати, меѓу кои и актуелниот претседател Гитанас Науседа, кој важи за фаворит на изборите. Доколку победи, ќе обезбеди уште еден петгодишен мандат.

Сепак, АП пренесува дека бројот на кандидати го отежнува Наузеда и другите кандидати да ги соберат 50 проценти од гласовите потребни за победа во првиот круг од претседателските избори. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство, вториот круг од изборите ќе се одржи на 26 мај.

Право на глас во Литванија, која е членка на Европската Унија и НАТО и една од трите балтички земји, имаат речиси 2,5 милиони гласачи.

Главните задачи на претседателот во политичкиот систем на Литванија се да ја надгледува надворешната и безбедносната политика и да ја извршува функцијата врховен командант на вооружените сили.

Важноста на претседателските избори во Литванија е и поради фактот што таа се наоѓа во стратешки важен дел и го претставува источното крило на НАТО, во светло на руската инвазија на Украина, која трае од февруари 2022 година.

Руската ексклава Калининград на Балтичкото Море е сместена меѓу Литванија на север и исток и Полска на југ. Во Литванија, како и во соседните Латвија и Естонија, постои голема загриженост поради најновата офанзива на руските сили во североисточна Украина.

Сите три балтички држави прогласија независност по распадот на Советскиот Сојуз и зазедоа одлучувачки курс кон Запад, приклучувајќи се и на Европската Унија и на НАТО.

Актуелниот претседател во трката за уште еден претседателски мандат, пишува АП, е умерен конзервативец кој една недела по изборите полни 60 години. Еден од неговите главни предизвикувачи е четириесет и деветгодишната Ингрида Шимоните, актуелна премиерка и поранешна министерка за финансии, која ја победи во вториот круг од претседателските избори одржани во 2019 година со 66 отсто од гласовите.

Игнас Вегеле, адвокат кој стекна популарност за време на пандемијата со Ковид-19 спротивставувајќи се на ограничувањата и вакцините, исто така е кандидат на изборите.

Гласачите во Литванија, покрај тоа кој ќе биде претседател, гласаат и на референдум за тоа дали треба да се измени Уставот на земјата за да се дозволи двојно државјанство на стотици илјади Литванци кои живеат во странство.

Според сегашниот Устав, Литванците кои ќе стекнат друго државјанство мора да се откажат од своето литванско државјанство. Меѓу другото, ова е една од причините поради која бројот на жители во Литванија падна од 3,5 милиони на 2,8 милиони денес, пренесува АП.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) првпат ја отфрли поканата на Литванија за набљудување на изборите.

Владата на Литванија сакаше да ги исклучи набљудувачите од Русија и Белорусија, обвинувајќи ги двете нации, обете членки на 57-члената организација, дека претставуваат закана за нејзините политички и изборни процеси.

Продолжуваат нападите врз Газа, ОН и Западот го критикуваат планот на Израел за инвазија на Рафа

Појасот Газа, 12 мај 2024
Појасот Газа, 12 мај 2024

Во неделата, на 12 мај, Израел продолжи да спроведува воздушни напади врз Газа, откако ја продолжи наредбата за евакуација на Рафа на југот на Газа, пренесе АФП.

Обединетите Нации (ОН) предупредија дека директната инвазија на пренаселениот јужен град ризикува да доведе до катастрофа од „епски“ размери.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на итен прекин на војната меѓу Израел и Хамас во Газа, враќање на заложниците и испорака на хуманитарна помош на опколената палестинска територија.

„Го повторувам мојот повик, повикот на светот за итен хуманитарен прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници и поголема испорака на хуманитарна помош“, рече Гутереш во видео обраќањето на меѓународната донаторска конференција во Кувајт на 12 мај.

„Но, прекинот на огнот ќе биде само почеток. Тоа ќе биде долг пат назад од уништувањето и траумата на оваа војна“, додаде тој.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон изјави дека Израел не треба да започне офанзива врз градот Рафа во Газа без „јасен план“ за заштита на цивилите.

„За да има голема офанзива во Рафа, треба да има апсолутно јасен план за тоа како ќе спасите животи, како ќе ги тргнете луѓето од патот, како ќе бидете сигурни дека тие се хранат, дека имаат лекови, засолниште и сè друго“, рече Камерон за телевизијата Скај њуз, пренесе АФП.

„Не видовме таков план... затоа не ја поддржуваме офанзивата на тој начин“, додаде тој.

Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека двајца лекари биле убиени во неделата во централниот град Деир ал-Балах, додека дописниците на АФП јавија за интензивни судири и силни пукотници од израелски хеликоптери во близина на градот Газа.

Предвремени парламентарни избори во Каталонија

илустрација
илустрација

Во Каталонија денеска (12 мај) се одржуваат регионални парламентарни избори, кои се сметаат и за тест за тоа колкава поддршка имаат сепаратистичките сили меѓу гласачите во таа шпанска покраина.

Учество на предвремените избори најави и поранешниот премиер на Каталонија, Карлес Пучдемон, кој живее во егзил од 2017 година и кој би ризикувал веднаш да биде уапсен доколку влезе во шпанска територија.

Пучдемон ја напушти Шпанија откако по него беше распишана потерница поради организирање на нелегален референдум за отцепување на Каталонија во 2017 година.

Дури откако левичарската шпанска влада на премиерот Педро Санчез го усвои контроверзниот закон за амнестија на опозицијата, во кој беа вклучени Пучдемон и стотици други поддржувачи на каталонската независност, му беше дозволено да учествува на изборите на 12 мај.

На регионалните избори, кандидатот на социјалистичката ПСОЕ на Санчез, Савлвадор Ила, моментално води во сите анкети, пред Пучдемон и неговата партија Заедно за Каталонија, и актуелниот покраински премиер Пере Арагонес и неговата републиканска левица од Каталонија (ЕРЦ).

Арагонес распиша предвремени регионални избори откако владејачката коалиција не беше во можност да донесе нов буџет.

И популистичката партија на Пучдемон Заедно за Каталонија и социјалдемократската ЕРЦ ја поддржуваат независноста на Каталонија. Ила освои најмногу гласови на регионалните избори во 2021 година, но не успеа да ја спречи коалицијата на сепаратистичките партии, предводена од РКЕ, да го задржи парламентарното мнозинство.

На непризнатиот референдум на 1 октомври 2017 година, 92 отсто од граѓаните се изјаснија за отцепување, но излегоа само 43 отсто од запишаните гласачи.

Во пресрет на референдумот, откако шпанскиот Уставен суд го прогласи за незаконски, покраината беше зафатена од бран протести и судири меѓу полицијата и поддржувачите на независноста. Тогашната конзервативна влада во Мадрид ја распушти покраинската влада и воведе присилна управа во Каталонија, а водечките организатори на референдумот беа осудени на долги затворски казни.

Пучдемон побегнал од Шпанија со неколку негови соработници и оттогаш живеел претежно во Белгија. Тој пред извесно време се пресели од Белгија во село на југот на Франција, веднаш до границата со Шпанија, каде веќе одржа неколку предизборни собири за приврзаниците од Каталонија.

Новите анкети покажуваат дека сега 50 отсто од Каталонците се против независноста, додека 42 отсто ја поддржуваат. Во времето кога Пучдемон ја напушти Шпанија, во 2017 година, според тогашните анкети, 49 отсто од граѓаните биле за независност, а 43 отсто биле против.

Каталонија е една од 17-те регионални автономни заедници, како што се нарекуваат провинциите во Шпанија. Како и некои други шпански провинции, Каталонија има своја специфична историја, култура и јазик што е малку поинаков од шпанскиот

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG