Достапни линкови

Зеленски предупреди на нов „ѕид“ во Европа, руските напади продолжуваат


Луѓето се обидуваат да го напуштат опколениот јужен пристанишен град Мариупол, Украина, 17 март 2022 година.
Луѓето се обидуваат да го напуштат опколениот јужен пристанишен град Мариупол, Украина, 17 март 2022 година.

Украинскиот лидер Володомир Зеленски ја обвини Москва за создавање на нов ѕид во Европа по Студената војна. Во меѓувреме во театарот во Мариупол се уште се трага по преживеани. Турскиот претседател Ердоган во телефонски разговор со рускиот колега Путин се понуди да организира средба со Зеленски.

Три недели од руската инвазија врз Украина украинските власти велат дека руските сили во средата бомбардирале театар во опколениот град Мариупол во кој се засолнувале цивили, а пред него бил испишан зборот „деца“, јавува агенцијата Франс Прес. И денеска властите соопштија дека сè уште не е можно да се процени бројот на можни жртви од нападот врз театарот во кој се смета дека стотици луѓе биле засолнети, јавува агенцијата Ројтерс.

„Вчера и денеска и покрај континуираното гранатирање, урнатините се расчистуваат колку што е можно и луѓето се спасуваат. Информациите за жртвите се уште се разјаснуваат“, соопшти градскиот совет.

Во соопштението нема информации и за бројката на спасени луѓе. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака на 17 март рече дека луѓето во театарот се криеле од гранатирања, а сега и тој е уништен. Русија негираше дека го бомбардирала театарот.

Градското собрание на Мариупол на Телеграм соопшти дека „околу 30.000 луѓе заминале со својот транспорт“, додавајќи дека „80 отсто од станбените станови се уништени“.

Дваесет и едно лице загинаа, пак, во напад на училиште и културен центар во градот Мерефа во близина на тешко погодениот источен град Харкив, соопштија регионалните власти.

Претседателот Зеленски се обрати пред германскиот парламент еден ден по говорот пред американскиот Конгрес. Тој потсети на апелот на поранешниот американски претседател Роналд Реган до последниот советски лидер Михаил Горбачов, да го урне Берлинскиот ѕид.

„Почитуван господине Шолц, урнете го овој ѕид“, му се обрати тој германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Тоа не е Берлински ѕид - тоа е ѕид во централна Европа меѓу слободата и ропството и овој ѕид станува се поголем со секоја бомба“, рече Зеленски.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, пак на денешната прес-конференција во Берлин со германскиот канцелар Шолц изјави дека „војната на Путин против Украина го уништи мирот и го шокираше светот“. Столтенберг ја пофали Германија за нејзината воена и хуманитарна поддршка за Украина, и иако напомена дека „НАТО има одговорност да спречи понатамошна ескалација на оваа војна“, ги предупреди членовите на безбедносниот блок дека „мирот и безбедноста не можат да се земаат здраво за готово“.

Во меѓувреме продолжуваат обидите за разговори за прекинување на воените дејствија. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба побара од Турција да биде гарант за каков било иден договор со Русија, заедно со петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија. Ова денеска го кажа турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу кој додаде дека видел дека Русија нема приговор и може да прифати таква понуда. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пак исто така денеска разговараше телефонски со неговиот руски колега Владимир Путин за да ја повтори понудата да биде домаќин на средба меѓу него и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Анкара или Истанбул. Ердоган ја подвлекол „неопходноста од отворање хуманитарни коридори“ за да им се овозможи на цивилите да избегаат од борбите, сопштија од неговиот кабинет.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG