Вести
Отворени досега запечатените простории во Собранието
По наредба на Јавен обвинител полициски службеници денеска ги скршија печатите и ги отворија вратите на прес-центарот во Собранието каде се одвиваа најголем дел од насилните инциденти минатиот четврток, кога беа нападнати дел од пратениците и новинарите, реагирајќи на изборот на Талат Џафери за нов собраниски спикер.
Полициските претставници не дозволија снимање во просторијата на прес центарот додека трае увидот, а новинарските екипи чија што техника настрада за време на насилствата си ги земаа своите работи.
Во Собранието се уште не се оддржуваат пленарни седници, но исчистени се просториите и собрани се сите остатоци од искршени предмети ноќта кога се случуваа нередите
види ги сите денешни вести
Стотици мотоциклисти во Белград ги поддржаа студентите на блокадите
Неколку стотици мотоциклисти учествуваа во хуманитарно возење низ Белград во знак на поддршка на студентите кои ги блокираа факултетите во саботата на 25 јануари.
„Тука сме да ги поддржиме студентите во тоа што тие го прават веќе некое време. Тука сме да се бориме за безбедна и слободна Србија“, изјави еден од мотоциклистите за Радио Слободна Европа.
Мотоциклистите им испратија посебна поддршка на студентките кои беа повредени за време на претходните студентски протести. Дваесетгодишна студентка беше тешко повредена на 16 јануари во центарот на Белград, кога во неа удри автомобил за време на блокада на раскрсница.
За време на протестот на 24 јануари беше повреден дваесет и петгодишен студент, кога автомобил налета на демонстрантите за време на протестот во Белград.
На дел од транспарентите што ги носеа пишуваше „На пат кон подобра иднина“ и „Нема да ги газите“.
Студентите во Србија повеќе од два месеци ја блокираа работата на повеќе од 60 факултети, барајќи одговорност за смртта на 15 лица во падот на настрешница во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Истовремено, на повик на студентите кои ги блокираат факултетите, речиси три месеци се протестира низ државата.
На 24 јануари имаше „генерален штрајк“ - акција во која се вклучија бројни бизнисмени, просветни работници, културни работници, адвокати, кои престанаа со работа во знак на протест.
Папата повика на ослободување на сите „неправедно затворени“ новинари
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, објави порака во која повика на ослободување на сите „неправедно затворени“ новинари по повод јубилејот на светот на комуникациите, кој се одбележува од 24 до 26 јануари во Рим.
Папата Франциск најпрво потсети на „сите оние кои биле затворени само затоа што биле верни на своите професии - новинари, фотографи, видеографи, сите оние кои сакале да ги видат настаните со свои очи и да му го пренесат на светот она што го виделе“, јави агенцијата АФП.
Тој оцени дека слободата на новинарите ја зголемува слободата и на сите останати.
„Барам, како што направив во многу претходни прилики и како што правеа моите претходници, да се брани и заштити слободата на печатот и слободата на изразување на мислите, како и основното право на информирање“, рече тој.
Папата ја осуди смртта на „сите оние кои ги жртвуваа своите животи во последната година, една од најсмртоносните години за новинарите“, пренесе АФП.
Еден ден претходно, тој ја осуди новата ера која се карактеризира со „дезинформации и поларизација, ера во која неколку центри на моќ контролираат невидена маса на податоци и информации“, во контекст на контроверзите за улогата на социјалните мрежи во денешниот свет.
Јубилејот на светот на комуникациите е првиот голем настан на Светата година. По тој повод во Рим се очекуваат илјадници новинари, експерти и комуникациски работници од целиот свет.
Светата година била воведена од Католичката црква во 1300 година и замислена да се слави на почетокот на секој век.
Хамас ослободи 4 израелски жени - војници во замена за 200 затвореници
Милитантите на Хамас, група означена како терористичка од страна на САД и ЕУ, му предадоа на Црвениот крст во градот Газа четири заробени израелски војници. Следуваше Израел кој ослободи 200 палестински затвореници во рамки на прекинот на огнот во Појасот Газа, јави агенцијата АП.
Ослободени беа израелските војници Карина Ариев (20), Даниела Гилбоа (20), Наама Леви (20) и Албаг (19), беа заробени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година со што почна војната.
За време на ослободувањето на израелските жени - војници, стотици луѓе ја гледаа драмата што се одвива на голем екран на плоштадот во Тел Авив.
Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху подоцна објави видео на кое се гледа како ослободените заложници беа пречекани во база на израелската армија.
Меѓу 200-те ослободени палестински затвореници има и 120 милитанти кои беа осудени на доживотни казни како извршители на смртоносни напади.
Толпата во Тел Авив, а исто и во градот Газа почна да се собира рано утрово во очекување на втората ваква размена меѓу Израел и Хамас откако минатиот викенд започна прекинот на огнот во Појасот Газа. Возбудата во Израел беше опиплива, со телевизиски станици исполнети со известувања во живо од насмеани водители на вести и новинари кои интервјуираа воодушевени пријатели и роднини на заложниците, пренесе АП.
Примирјето има за цел да ја прекине најсмртоносната и најразорната војна што некогаш се водела меѓу Израел и Хамас. Кревкиот договор досега се одржа, смирувајќи ги воздушните напади и ракетите и овозможувајќи зголемен проток на помош во малата крајбрежна територија.
Кога започна прекинот на огнот во неделата, тројца заложници држени од милитантите беа ослободени во замена за 90 палестински затвореници, сите жени и деца.
Во првата фаза од прекинот на огнот, кој започна на 19 јануари и ќе трае 42 дена, треба да бидат ослободени 33 заложници од Појасот Газа во замена за 1.900 Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори.
Во првата фаза од прекинот на огнот, која почна на 19 јануари и ќе трае 42 дена, треба да бидат ослободени 33 заложници од ПОјасот Газа во замена за 1.900 Палестинци кои се наоѓаат во израелските затвори.
САД ги замрзна програмите за меѓународна помош поради ревизија
Американскиот Стејт Департмент на 24 јануари одлучи да ја замрзне распределбата на средствата за речиси целата американска помош во странство, со исклучок на хуманитарните програми за испраќање храна и воена помош во Израел и во Египет, јави агенцијата „Асошиејтед прес“(АП).
Сеопфатната наредба суспендираше бројни проекти кои помогнаа на глобално ниво во сегментите на здравство, образование, развој, обука за работа и во други области.
Соединетите Држави обезбедуваат повеќе странска помош на глобално ниво од која било друга земја, околу 60 милијарди долари во 2023 година, или околу еден процент од американскиот буџет.
Извршната наредба повикува на 90-дневна пауза на американската развојна помош во странство за да се процени ефективноста и „конзистентноста со надворешната политика на Соединетите Држави“.
Државниот секретар Марко Рубио испрати порака до американските амбасади ширум светот во која се појаснува спроведувањето на извршната наредба, потпишана од новиот американски претседател Доналд Трамп на 20 јануари.
Во наредбата се наведува дека „никаква дополнителна американска странска помош нема да биде исплатена на начин што не е целосно усогласен со надворешната политика на претседателот на САД“. Понатаму, забранува понатамошно трошење на владата за постоечките програми, што значи дека тие можат да се спроведат само со готовина што е веќе достапна.
Стејт департментот во периодот на замрзнувањето ќе направи ревизија на илјадници американски програми за помош и ќе одлучи кои може да продолжат.
Хуманитарните групи, невладините организации, претприемачите, земјоделците и владите ширум светот со загриженост ги следат новите планови на Вашингтон.
Агенцијата АФП објави дека замрзнувањето на финансирањето потенцијално може да влијае на Украина, која доби милијарди долари за оружје за време на претходникот на Трамп, Џо Бајден.
Во Авганистан, замрзнувањето на американската странска помош би било „катастрофално“ за милиони Авганистанци на кои им е потребна, изјави Јан Егеланд, генерален секретар на Норвешкиот совет за бегалци, за Радио Слободна Европа
Запирањето на финансирањето „може да има последици на живот или смрт“ за децата и семејствата ширум светот, рече Аби Максман, шефица на организацијата „Оксфам Америка“.
„Со суспендирање на помошта за развој на странство, администрацијата на претседателот Трамп ги загрозува животите и иднината на заедниците во криза и го напушта долгогодишниот двопартиски пристап кон странската помош на САД што ги поддржува луѓето врз основа на потреба, без оглед на политиката“, изјави Максман.
Замрзнувањето следи по претходното ветување на Трамп и другите републиканци дека ќе ја зајакнат контролата на програмите за помош на САД.
Заменик-портпаролот на ОН Фархан Хак рече: „Ова се билатерални одлуки, но сепак ги очекуваме оние земји кои имаат способност великодушно да финансираат помош за развој“.
Републиканецот од Флорида Брајан Маст, новиот претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, вети дека оваа недела дека републиканците внимателно ќе го испитаат „секој долар и секој дипломат“ во буџетот на Стејт Департментот за да се осигураат дека ги исполнуваат нивните стандарди за строга неопходност.
Израел бара УНРВА да го напушти Ерусалим до 30 јануари
Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА) мора „да ги прекине своите активности во Ерусалим и да ги испразни сите простории во кои работи во тој град“ до 30 јануари, рече израелскиот претставник во Обединетите нации (ОН) во писмото до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, јави агенцијата АФП.
Законот за забрана на активностите на УНРВА на израелска територија и контактите со израелските власти стапува на сила на 30 јануари.
Израел го анектира Источен Ерусалим во 1967 година, анексија што не е признаена од поголемиот дел од меѓународната заедница.
Израел долго време ја критикуваше УНРВА, основана по војната во 1948 година која избувна во времето на создавањето на израелската држава, обвинувајќи ја за анти-израелска пристрасност.
Сенатот го потврди Пит Хегсет за министер за одбрана на САД
Американскиот Сенат го потврди Пит Хегсет за нов министер за одбрана на Содинетите Американски Држави (САД) со минимално мнозинство гласови, што претставува голема победа за претседателот Доналд Трамп по големото противење на демократите, дури и на некои републиканци, на неговата кандидатура.
Педесет сенатори гласаа за Хегсет за министер, а педесет беа против, јави новинската агенција Ројтерс.
Бидејќи резултатот од гласањето беше изедначен, исходот требаше да го реши потпретседателот на САД, ЏејДи Венс, кој гласаше во корист на Хегсет.
Хегсет (44), поранешен водител на „Фокс њуз“ и одликуван ветеран, ветува големи промени во Пентагон.
По објавувањето на неговата кандидатура критичарите ги доведоа во прашање неговите квалификации за работата, го посочија неговиот проблематичен темперамент и неговите поранешни ставови за жените во борбените единици.
Во текот на процесот на одобрување на неговата кандидатура, се појавија низа обвинувања против Хегсет.
На пример, неговата поранешна снаа рече дека Хегсет ја малтретирал својата втора сопруга, што Хегсет го негираше, додека неговата сопруга претходно негираше какво било физичко малтретирање.
Хегсет го обвинуваат и за прекумерно консумирање алкохол и лошо финансиско управување во организациите за ветерани.
Тој вети дека ќе се воздржи од алкохол доколку биде потврден како министер и призна грешки во финансиското управување, но негираше дека сторил нешто лошо.
Сите демократски сенатори гласаа против кандидатурата на Хегсет, но против беа и тројца републикански сенатори.
Меѓу нив е и Мич Меконел, кој до овој месец беше лидер на републиканците во Сенатот.
Ова беше тор пат во историјата за кандидат за министерско место да се одлучува со гласање на американскиот потпретседател.
Тоа се случи за прв пат во 2017 година кога Бетси ДеВос стана министерка за образование во администрацијата на Трамп.
Сообраќајот се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопштија од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Намалена видливост од 50 до 100 метри поради појава на магла има на патните правци Штип – Неготино, Неготино – Демир Капија – Удово, Велес – Скопје, Скопје – Велес, Скопје – Куманово, Куманово – Скопје и клучка Хиподром – Обиколница Скопје, до 100м. на патните правци Куманово – Страцин, Делчево – М. Каменица и Велес – Штип и од 20 – 50м. на патниот правец Скопје – Тетово.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата ќе трае до 15 март.
Временска прогноза: наутро магла, преку ден сончево и тивко
Времето претпладне по одделни котлини ќе биде магловито, а преку ден ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец, соопшти Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 8 до 16 целзиусови степени.
Во Скопје, претпладне ќе има магла, преку ден ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 12 целзиусови степени.
Според прогнозата на УХМР, наредните денови ќе продолжи периодот на стабилно и релативно топло време, особено на повисоките места и на планините.
Локални врнежи од дожд се очекуваат во среда.
Протераните активисти од Србија преговараат за заедничка жалба
Александар Маршалевски, кој обезбедува правна помош за државјаните на девет земји кои беа протерани од Србија на 21 јануари, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека преговараат за заедничка жалба против депортацијата. Меѓу протераните има и една државјанка на Северна Македонија.
Маршалевски, професор на Правниот факултет во Загреб, вели дека според процедурата во рок од 15 дена од протерувањето треба да се поднесе жалба до Управниот суд.
„Но, не верувам дека ќе успееме во таа постапка, бидејќи за жалбата одлучува српското Министерство за внатрешни работи (МВП)“, рече Маршалевски.
Активисти од неколку невладини организации, кои учествуваа на работилница во Белград, на 21 јануари беа испрашувани од српските власти за причините за нивниот престој и добија забрана за влез во земјата на една година бидејќи „претставуваат безбедносен ризик“.
Маршалевски најави дека доколку жалбата не биде прифатена во Србија, ќе ја испрати до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Станува збор за политички прогон на странци во врска со потрагата по надворешни непријатели кои се обвинети за протестите во Србија“, изјави Александар Маршалевски.
Како аргументи дека активистите биле незаконски депортирани, тој наведува дека биле приведени од полициски службеници без да им биде образложена причината и дека, како што вели, забраната за влез без соодветна правна основа и можноста за ефективно оспорување го нарушува нивното право на приватен и семеен живот.
„Со одлуката за нивно протерување, полицијата ги прекршила гаранциите во случаите на протерување странци бидејќи не биле исполнети законските услови за тоа. Конечно, нивниот третман бил дискриминаторски бидејќи биле мета како странски државјани без конкретни докази“, додава Маршалевски.
Српските министерства за внатрешни и надворешни работи и Безбедносно-информативната агенција (БИА) не одговорија на прашањата на РСЕ за овој случај.
Протераната македонска државјанка е Искра Росо, која е извршна директорка на Здружението на граѓани за поддршка на лица со попреченост „Солем“.
Македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија изрази загриженост за случајот, најави дека ќе бараа објаснување за ваквиот чекор на српските власти и очекува дека случајот „ќе биде разрешен на соодветен начин, преку дијалог и со присутна добра волја од двете страни“.
Хрватските власти, пак, соопштија дека се протерани петмина нивни државјани.
Затоа Загреб испрати протестна нота и им препорача на хрватските граѓани да ги одложат патувањата во Србија.
Српското Министерство за надворешни работи (МНР) ја оцени реакцијата на Хрватска како несоодветна и соопшти дека нејзините граѓани биле третирани во согласност со законските процедури и меѓународната пракса.
Европската унија (ЕУ), исто така, изрази загриженост за ваквиот потег на српските власти.
Протерувањето на претставниците на невладините организации доаѓа откако српските власти во текот на изминатата година постојано „ускратуваа“ гостопримството за странски државјани. Меѓу нив имаше јавни личности и политичари од земјите од регионот кои се критички настроени кон владата и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во последните недели, среде масовните антивладини протести и студентските блокади во Србија, највисоките државни функционери упатуваа обвинувања дека зад демонстрациите со цел соборување на српската влада стојат западни разузнавачки служби и нивните невладини организации.
Илјадници Словаци пак протестираа против проруската политика на Фицо
Десетици илјади граѓани на Словачка вечерва (24 јануари) повторно протестираа ширум земјата искажувајќи го гневот против владата на премиерот Роберт Фицо кој инсистира да одржува поблиски врски со Русија.
Во се понапнатата политичка атмосфера, протестите во главниот град Братислава и во градовите низ земјата траат со недели.
Фицо ја засили својата реторика во последните негови изјави, обвинувајќи ги демонстрантите за обид за „државен удар“.
Гласањето за недоверба на словачката влада што требаше да се одржи оваа недела откажано откако пратениците од опозицијата ја напуштија седницата на парламентот.
Но, на улиците борбата против Фицо продолжува.
Граѓанскиот колектив „Мир за Украина“ повика на собири за одбрана на „демократијата“ и членството на земјата во Европската унија.
Фицо изјави дека разузнавачки извештај ги потврдува неговите тврдења дека опозицијата планирала сценарио „Мајдан“, алудирајќи на масовните протести во Киев во 2014 година со кои беше соборен проруски лидер.
Тој ја обвини опозицијата и дека е подготвена „да ја окупира власта во соработка со странски држави и покрај изборните резултати“.
Фицо свика и седница на Советот за национална безбедност, на која зборуваше за „тешката“ и „невидена“ ситуација.
„Тоа е измислена приказна“, возвратија организаторите на протестот на социјалните мрежи.
Тие ја оценија изјавата на Фицо како обид за заплашување додека единствената нивна цел е, велат, мирно да го изразат несогласувањето со тоа во која насока се движи земјата.
Вистинската закана, велат тие, било „мешањето на пријателот (на Фицо) (Владимир) Путин“.
Фицо, еден од ретките сојузници на Кремљ во Европската унија, ја приближи Братислава до Москва откако се врати на власт во 2023 година.
Во декември, тој отпатува во Москва за да се сретне со претседателот Владимир Путин, каде што ја критикуваше одлуката на Украина да го затвори протокот на руски гас низ нејзината територија кон Европа.
„Наместо да се занимава со прашања дома, Фицо лета низ светот, им се поклонува на диктаторите и ужива во луксузот“, рече лидерот на опозицијата Михал Шимечка, мислејќи на неодамнешните патувања на премиерот во Русија и Виетнам.
На почетокот на овој месец, десетици илјади луѓе се собраа на протести низ Словачка под слоганот „Словачка не е Русија“.
Како што расте гневот во јавноста, некои навестуваат и можност за предвремени избори.
Според Павол Хардос, професор по политички науки на Универзитетот Комениус во Братислава, тенкото парламентарно мнозинство на владејачката коалиција е „кревко“.
Но, тој верува дека владејачката коалиција – која ја сочинуваат националистичката Словачка национална партија (СНС) и партијата Хлас – „веројатно ќе преживее“ засега.
Во случај на предвремени избори, тој предвидува дека Словачка ќе се соочи со „зголемена поларизација“. Тензиите достигнаа нови нивоа по обидот за атентат врз Фицо во мај 2024 година.
Во отвореното писмо, повеќе од стотина психијатри и психолози изразија загриженост за моменталната клима, барајќи од премиерот „да го промени своето однесување и да размисли за оставка“.
„Вашите постапки поттикнуваат негативна емоционална атмосфера и го делат општеството“, пишуваат авторите на писмото.
Тие ги осудија, како што наведоа, „манипулирањето со факти“, „лагите“ и повеќекратните „напади“ врз опозицијата и медиумите.
Исто така, осуда испратија и за, како што велат, сè по „авторитарната“ промена налик на соседна Унгарија под водство на Виктор Орбан, како и надворешната политика што е „против вредностите на ЕУ и НАТО“.
Во 2018 година, Фицо беше принуден да поднесе оставка по убиството на Јан Куцијак, новинар кој истражуваше корупција на високо ниво. Убиството ги предизвика најголемите демонстрации од падот на комунизмот во 1989 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете