Со полна опрема, полицијата претпладнево пристигнаа пред Собранието. Безбедносната состојба во централното градско подрачје сега е нормализирана, велат од МВР. Атмосферата денеска е мирна по вчерашното насилство во македонскиот парламент, во кое според МВР повредени се над 80 луѓе, а осуммина се приведени. Улицата пред Собранието е блокирана за сообраќај. Полицијата го затвори пристапот до Собранието. Од една страна поставен е полициски кордон пред Труимфалната капија, од друга страна полиција на семафорите покрај Градската болница не дозволува пристап со собраниската зграда.
Во меѓувреме во тревникот на Собранието сè уште има пет шатори во кои ноќта ја поминаа десетина демонстранти, приврзеници на движењето „За заедничка Македонија“, кое ги предводи демонстрациите, кои синоќа прераснаа во безредија и насилство.
Симпатизерите на граѓанската иницијатива, која се противи на изборот за претседател на парламентот и на новата влада, шаторите ги поставија ноќеска и најавија дека ќе останат таму „колку што е потребно“, за да ја „одбранат Македонија“.
По вчерашниот насилен упад во Собранието, денеска се врши полициски увид и не е дозволено влез во зградата.
Инаку, министерот за внатрешни работи Агим Нухиу денеска посочи дека директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, е одговорен што МВР задоцнето реагираше. Тој објасни дека во МВР бил формиран оперативен штаб, кој требало да биде подготвен да се справи со сите можни сценарија, а главен на штабот бил Чавков.
„Сакам да потенцирам дека за жал е очигледно дека во структурите на МВР политичкото влијание има голема улога, што е за секаква осуда. Дел од вработените, наместо да ги почитуваат законите и да ги извршуваат обврските, постапуваат по наредби на политички центри. Нешто што е за најсилна осуда и мора да биде санкционирано. Внатрешната контрола е вклучена и ќе бараме одговорност за сите што не постапиле согласно законите вклучително и сите од оперативниот штаб“, рече Нухиу.
Нухиу изјави дека синоќешните настани беа нечовечки и за секаква осуда.
„Чувствувам морална одговорност затоа што за овие четири месеци колку што сум на чело на МВР не успеав да го тргнам влијанието на политиката во раководните структури во МВР, затоа ќе барам мое повлекување и ќе направам сè за трансфер на власта и ќе барам законска и кривична одговорност на раководството на МВР за вчерашните настани“, рече тој.
Синоќа демонстрантите кои беа на протестот организиран од иницијативата „За заедничка Македонија“ насилно влегоа во Собранието откако новото парламентарно мнозинство го избра Талат Џафери од ДУИ за претседател на Парламентот. Со качулки на главите, дел од демонстрантите влегоа насилно во прес-салата на Собранието каде што претходно лидерот на СДСМ Зоран Заев одржа прес-конференција.
Пратениците беа нападнати со столици, со држачи за камера, а дел од новинарите кои беа внатре известија дека имало и вооружени лица. Потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска беше влечена за коса, додека нејзините сопартијци поминаа со дупнати глави, скршени носеви и расеченици. Влатко Ѓорчев и Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ беа едни од ретките пратеници кои во тоа време се обидоа да им помогнат и да ги спасат своите колеги од новото парламентарно мнозинство. Околу половина час пратеници, новинари и сниматели беа заробени од група напаѓачи, кои добија аплауз од демонстрантите по излегувањето од прес-салата.
Во меѓувреме тензиите растеа. Полицијата во тој период делумно дозволуваше слободно движење на демонстрантите низ собраниската зграда. Во големата собраниска сала на врз говорница се качија и иницијаторите на „За заедничка Македонија“ од каде што порачаа дека ова е народното собрание.
Додека дел од демонстрантите го уништуваа собранискиот инвентар, надвор растеше бројот на демонстранти. Тие ги блокираа сите подземни и надземни излези од Собранието и не дозволуваа полицијата и лекарите да ги изнесат повредените од Собранието. Околу 22 часот полицијата се засили и тогаш почна сериозно да постапува. Со употреба на шок бомби ги потиснаа демонстрантите од споредниот влез на Парламентот.
Меѓу повредените имаше и новинари.
По употребата на шок бомби, атмосферата делумно се смири. Доцна во ноќта демонстрантите се разотидоа, а тие што останаа поставија пет шатори во кои десетина од нив останаа да кампуваат.