Достапни линкови

Деблокирање на Собранието - клучот е кај Вељаноски


Продолжение на конститутивната седница на деветиот парламентарен состав. Собрание.
Продолжение на конститутивната седница на деветиот парламентарен состав. Собрание.

Политичарите тврдат дека бараат решение за деблокирање на работата на Собранието, но не откриваат детали. Правните експерти, пак, се скептични дека постои сигурен начин како тоа да се случи.

Поголемиот дел од пратениците од СДСМ ја напуштија собраниската сала во која осми ден се расправа за точката избор на членови на Комисијата за избори и именувања. Се откажаа од репликите и го обвинија претседавачот со седницата Трајко Вељаноски дека носел огромна одговорност поради тоа што работел неделовнички. Во салата останаа неколку пратеници од СДСМ, а другите ќе бидат во собраниската зграда, но нема да учествуваат во дебатата.

„Клучот на оваа разрешница е во Вељаноски и тој ја носи целата одговорност за тоа што се случува денес. Ако работеше строго деловнички, на над 99 отсто од пратениците зборот ќе им беше одземен, ќе изберевме претседател на собранието и ќе дебатиравме за новата влада на Република Македонија“, рече пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски.

Претседавачот со седницата Вељаноски, заедно со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ја одолговлекува седница и дозволува дебати надвор од темата - изборот на комисијата, смета и Осман Кадриу, професор по право на Факултетот за општествени науки. Затоа тој сугерира дека парламентарното мнозинство треба да изгласа друг претседавач со седницата.

„Парламентарното мнозинство треба да донесе одлука, не мора да биде прифатена од Вељаноски, седницата да продолжи со претседавање на најстариот пратеник. На друг начин не гледам решение“, вели Кадриу.

И од партиите не откриваат детали за тоа како ќе ја забрзаат работата. Од СДСМ повторуваат дека демократските процеси во најбрзо време ќе продолжеле со избор на нов претседател на Собранието и мандат за формирање нова Влада, но не откриваат како тоа ќе се случи. Од ДУИ, пак, кои минатата недела имаа седница на централното претседателство со две точки - излегување од сегашната техничка влада со ВМРО-ДПМНЕ и локалните избори, исто така не кажуваат што планираат. Портпаролот на партијата Бујар Османи во дебата за телевизијата 21 рече дека не е точно дека повлекување на една третина од министрите на ДУИ од Владата ќе значи деблокада на Собранието, тоа немало да има правни последици, туку ќе било само политичка порака.

Стравувањата кај дел експерти се дека во ваков случај нема како собранието да ги верификува нивните оставки, поради тоа што не е завршена конститутивната седница и тоа практично не е конституирано, па замениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжат да ја вршат работата на министрите.

„Дефинитивно, реални се таквите стравувања, таа можност е отворена и би одела во прилог на ВМРО-ДПМНЕ. Во таков случај може да дојде до уште поголемо окупирање на институциите“, вели Ана Чупеска Станишковска од Правниот факултет.

Опцијата претседателот Ѓорге Иванов да ја смени одлуката и да го даде мандатот на претседателот на СДСМ Зоран Заев засега останува невозможна. Тој повторно и по средбата со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск рече дека останува на својата одлука. Од денеска пак, Иванов замина во работна посета на Турција каде што учествува на 20. Евроазиски економски самит.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG