Продлабочувањето на политичката криза влијае негативно врз разрешувањето на долгогодишните проблеми во судството, затоа што судството е учесник во самата криза велат аналитичарите . Контроверзен годишен распоред на судии, нè постапување на Уставниот суд по претставката за прашањето „дали е уставно УБК да прислушува преку телекомуникациските оператори“, оддолговекување на рочиштата за двата обвителни акта на Специјалното јавно обвинителство, неспроведување на реформите на Прибе, се само дел од проблемите чие решавање зависи делумно од разрешувањето на политичката криза.
Поранешниот судија и професор на Факултетот за општествени науки Осман Кадриу вели дека од една страна состојбите во судството ја разгоруваат и продлабочуваат политичката криза, додека од друга страна, пак, самата политичка криза влијае врз оддолговлекувањето на изнаоѓање на правен лек за проблемите во судството. Тој објаснува дека станува збор за правна криза, составена од лоша состојба во судството и несудењето на кривични дела во кои се инволвирани и претставници од власта.
„Фактички правната криза која е присутна во судството е партиципиент во политичката криза. Македонија тешко ќе може да излезе од политичката криза, ако немаме прво правна разврска од овие кривично правни предмети“, вели Кадриу.
Тој додава дека без утврдување на кривично правната одговорност за сите предмети за кои во овој период се на ниво на основано сомневање, без одземање на имотот кој е стекнат со кривични дела во земјва нема да имаме мир и стабилност.
„Не може да зборуваме за политичка криза без да ги наведеме и другите кризи во земјава кои не само што партиципираат, туку и се причинители на политичката криза. Имаме ние правната криза, моралната криза, економската криза и доаѓаме до заклучок дека целото општество ни е во државна криза,“ вели Кадриу.
Дел до судиите почнаа да се бунат против состојбите во судството. Некои погласно, некои потивко, низ институциите бараат промени. Во овие три дена дел од судиите имаат право да поднесат жалби за годишниот распоред. Од Врховниот суд велат дека по истекот на рокот за поднесување на приговори ќе биде известена јавноста за бројот на приговори.
Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, на една средба со новинарите пред донесувањето на распоредот истакна дека не очекува жалби, затоа што според него тој, а и според в.д. претседателот на Основниот суд Стојанче Рибарев рапоредот е донесен по желбите на судиите. Сепак во јавност се појавија информации дека десетина судии ќе се жалат по ваквата одлука.
Иако официјално распоредот не е достапен за јавноста, во дел од медиумите се пишуваше дека одредени судии против кои СЈО води постапки за изземање поради нестручно судење, повторно се ставени на клучни позиции со кои ќе можат и натаму да ги одбиваат барањата на СЈО за притвори, претреси и замрзнување на сметки, Дополнително се тврди дека судиите кои им овозможија одобрување за две мерки притвор и претреси на СЈО, меѓу кои и влезот во УКБ, се дискредитирани и поставени да судат предмети од прекршочни постапки.
Аналитичарите стравуваат дека токму ваквите проблематични распореди во Судот ќе ги врзат рацете на СЈО и ќе им ја отежне работата.
СЈО во последниот извештај наведе десетици примери со кои се жали дека институциите особено судот не соработува со нив. Од друга страна, пак, претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, во телевизиската емисија Топ Тема на Телма состојбата со судството ја оцени со преодна оценка, но додавајќи дека негативните слики за состојбата во судството се само перцепција. Тој објаснуваше дека не може се што ќе побара обвинител судот да дозволи, иако таквото правило важи за Основното јавно обвинителство.