Достапни линкови

Меј: местото на нападот во Лондон не е случајно


Терористичкиот напад во Лондон со јасна цел
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:25 0:00

Терористичкиот напад во Лондон со јасна цел

Лондонската полиција соопшти дека најмалку пет луѓе биле убиени, вклучувајќи го и напаѓачот, а 40 други биле ранети во вчерашниот терористички напад кај британскиот парламент. Британската премиерка Тереза Меј осудувајќи го нападот ги повика граѓаните да им се вратат на вообичаените активности.

Полицијата верува дека нападот го извел еден човек, но продолжува истрагата и не се исклучува можноста во нападот да биле инволвирани и други лица.

Шефот на антитеростичката служба на лондонската полиција Марк Роули изјави дека постои сомневање оти причина за нападот бил исламскиот екстремизам и дека бил познат идентитетот на напаѓачот.

„Имаме стотици полицајци во оваа истрага и тие се фокусирани врз мотивите на осомничениот, подготовките и неговите соработници“.

повредени во нападот во Лондон, 22.03.2017.
повредени во нападот во Лондон, 22.03.2017.

​Се почнало кога напаѓачот најпрвин со автомобил почнал да гази пешаци на Вестминистерскиот мост преку реката Темза, а потоа со нож сакал да влезе во дворот на британскиот парламент при што убил еден полицаец.

Тогаш тој бил застрелан од полицајци во цивилна облека, а во болница им подлегнал на повредите.

Британската премиерка Тереза Меј го осуди, како што рече, „болниот и изопачен терористички напад“ во Лондон, додавајќи дека Британија нема да му се предаде на теророт.

„Локацијата на овој напад не е случајна. Терористот одбра да удри во срцето на нашиот главен град каде што луѓе од сите националности, вери и култури доаѓаат заедно да ги слават вредностите на слободната демократија и слободата на говорот“.

Тоа го нагласи и градночалникот на Лондон Садик Кан:

„Вреди да се потсетиме дека има многу добра причина зошто терористите сакаат да го напаѓаат нашиот начин на живот и да го уништат нашиот начин на живот. Тие не можат да го поднесат фактот дека тука во Вестминстер, тука во Лондон имаме успешна демократија и уживаме граѓански слободи и човекови права“.

Премиерката Меј, повикувајќи ги граѓаните да им се вратат на вообичаените активности додаде дека нивото на опасност од терористички напади останува непроменето, односно на четврто од вкупно петте нивоа на опасност.

Ова беше најсмртоносен напад во Лондон од јули 2005 година кога четворица британски исламисти во самоубиствени бомбашки напади убија 52 патника во лондонското метро.

До вчерашниот напад дојде на првата годишнина од нападите на исламските милитанти кога во Брисел беа убиени 32 лица.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG