Достапни линкови

Политичкиот антагонизам исплива на Кејот на Вардар


Кејот на Вардар.
Кејот на Вардар.

Градот Скопје и Општина Центар не соработуваат поради различната политичка определба на градоначалниците. Политичкиот антагонизам овојпат се прекршува на Кејот на Вардар, а граѓаните се жртви на тоа несогласување.

Политички антагонизам меѓу Градот Скопје и Општината Центар стои и зад последните случувања со изградбата на улицата во пешачката зона на Кејот на Скопје, велат упатените. Една од мерките со која Центар ќе разгледува како понатаму да се спречи градбата е денешната седница на Советот, а од Градот засега не кажуваат што ќе прават понатаму.

Стручните лица велат дека соработка меѓу Градот и општините е неопходна за да може граѓаните да имаат придобивки од локалната самоуправа. Несогласувањата меѓу Градот и Општината Центар се актуелни подолг период. Јавноста првично се надеваше дека тие може да соработуваат. Но, сега се страхува граѓаните да не бидат жртви на тие несогласувања.

„Политичката определба на градоначалникот на Центар и на градоначалникот на Скопје се различни. Она што законот и системот и воопшто цивилизираните средини го предвидуваат тоа е кооперативност и соработка од секаков вид на сите нивоа за општо добро, со што би добиле поени и едниот и другиот. Со ваквите судири си одмагаат“, вели Даница Павловска, поранешен претседател на Асоцијацијата на архитекти.

Објаснувајќи зошто Градот и Општината се уште имаат несогласувања за клучните теми, таа вели дека се работи за можноста да се спречуваат одлуките на локалната самоуправа, затоа што таа хиерархиски во општината е пониска од онаа во градот. Како што вели Павловска, тоа значи дека одлуките на градот се со поголема силина од одлуките на општината, нагласувајќи дека токму затоа тие треба да кореспондираат. Ако тоа не постои, тогаш тој антагонизам испливува многу често, вели таа.

Сега целта на Центар е со сите правни механизми да продолжи да го заштитува тој дел од Кејот на Вардар на кој Градот почна да гради улица Од Градот, пак, го прашуваат градоначалникот на Центар зошто порано не го сменил планот, ако не му се допаѓал. Меѓутоа според Центар, во постојниот ДУП за Мал ринг не е предвидена таква улица со која Градот сега сака да го узурпира шеталиштето, туку подземна сервисна улица. Изградбата на улицата на Кејот на Вардар не само што донесе препукувања меѓу Градот и Општината Центар, туку предизвика реакции и во стручната јавност која не се согласува шеталиштето да им биде одземено на граѓаните. Во однос на улицата, Павловска вели дека тоа е многу суптилен проблем кој треба да биде дел од сообраќајниот систем на градот.

„Тоа не може еднаш да има статус на надземна, а другпат на подземна улица, туку со структурите кои ги донесуваат сообраќајните решенија да се одлучи што е најкомпатибилно. Нормално никогаш нема да кажам дека треба пешачката површина, онаа што е за нас граѓаните, да се жртвува за сообраќај на автомобили и воопшто да се користи за возила и не го одобрувам подигањето на улицата под Кејот и на Кејот“, вели Павловска.

Инаку, засега од вчера се запрени градежните активности на шеталиштето на Кејот 13 Ноември. До ова дојде откако инспектор од Општината Центар им издал усна наредба на работниците кои заградиле двојно поголем простор и ги извадиле плочките од патеката во должина од 50-тина метри.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG