Достапни линкови

Траекторија на западнобалканската криумчарска рута


Архивска фотографија, Деца мигранти и полицаец во Табановце, мај 2016
Архивска фотографија, Деца мигранти и полицаец во Табановце, мај 2016

Со затворањето на европските граници за мигрантите, се отвори патот на криумчарите кои заработуваат од човечката несреќа. Тие и натаму ја оддржуваат во живот западнобалканската рута.

Криумчарскиот бизнис со човечката трагедија е во пораст откако европските граници се затворени за мигрантите кои бегаат од војна. Мигрантите кои бараат подобра иднина за себе и своето семејство во некоја од западноевропските земји, веќе една година немаат легален начин за да стигнат до својот сон.

Помош бараат од криумчарите, кои на оние посреќните сонот за безбеден живот им го наплаќаат и по неколку илјади долари. Но, оние помалку среќни мигранти со влетувањето во криумчарската мрежа се заплеткуваат во ново страдање, им стануваат робови на своите таканаречени „спасители“, па за нив работат додека да го исплатат долгот кон криумчарот кој ги однел далеку од војната ама ги затворил во фабрика или некоја друга работилница каде за беспари го експлоатира нивниот труд.

Тука на овој нелегален бизнис како алка се надоврзува и трговијата со луѓе и новото модерно робство. Од друга страна не ретко се случува да станат заложници на криумчарите кои од нивните семејства изнудуваат и мало богатство.

Шансата за подобар живот во Европа привлече илјадници бегалци од Сирија, Авганистан, Пакистан, Мароко, Алжир и Тунис, на патување преку Медитеранот.

Милиони бегалци за една година поминаа низ Македонија во обид да стигнат до некоја западноевропска земја. Но по затворањето на границата, рутата ја оддржуваат во живот криумчарите, велат луѓето кои им помагаат на мигрантите во прифатните центри. При една од нашите посети на прифатниот камп за мигранти на Табановце се запознавме со Тиморша Барекзај, кој во земјава пристигна од Авганистан. Тој е градежен инженер по професија и побегнал од својот дом поради страв дека ќе биде жртва на талибанските милитантни групи. Со помошта на криумчари, нелегално, заедно со неговиот брат, влегол во Иран од каде патот го продолжил во Турција, Грција, па Македонија. Патот, како што нагласува бил тежок и бил уплашен за неговиот живот.

„Одевме по планини околу 28 часа и беше многу тешко за нас. Луѓето мислат дека ако патуваме со криумчари сме безбедни, но не е така. Мора да го ризикувате својот живот“, вели тој.

Тој вели дека на криумчарите по човек им платиле по 9 илјади долари,за да стигнат до Србија а по пат потрошиле и дополнителни илјада долари. Голем дел од групата со која патувал патот го продолжиле со помош на други криумчари до Србија.

Во прифатаниот центар на јужната македонска граница, во Винојуг, го запознавме Мурат Муадамер, Сириец со палестинско потекло. Тој во Македонија влегол со помош на криумчари, во потрага по неговата жена. Во кампот во Грција биле раздвоени и неговата жена со друга група стигнала до Србија.

„ И во Грција не е сјајно во кампот. Дојдов во Македонија со помош на криумчари, но не им доплатив, им побегнав. Требаше да доплатам 1500 долари за да ме однесат до Србија“ вели Муадамар.

Тој ни објасни дека со крумчарите ја поминал само границата, преку ниви, но не останал со нив, затоа што се сомневал дека ќе го исполнат ветувањето, односно дека ќе го пренесат до Србија.

Западнобалканската рута на мигрантите која покрај македонските железнички пруги водеше од Грција, преку Македонија до Србија годинава доби нови димензии. Кон мрежата се приклучија и македонските соседи, па мигрантите сега се обидуваат и преку Косово и Бугарија да влезат во Србија.

Арбнор Тефику од невладината организација Граѓански развој - Ваксинце, вели дека дел од новите „жители“ на кампот во Табановце се мигранти кои се вратени до Србија во Македонија, но на неофицијален начин.

„Има и такви случаи кога влегуваат од Бугарија во Србија, па Србија ги враќа во Македонија, но не ги враќа официјално во кампот, туку ги пушта во нивите, што е дополнителен проблем и за нас како држава“, вели Тефику.

Тој вели дека според информациите од терен балканската рута не е целосно запечатена, низ неа криумчарите успеваат да пренесат нелегално мигранти.

Според информациите на меѓународните организации кои се грижат за правата на мигрантите, забележано е дека во првите два месеца од годинава, низ земјава поминале 4 илјади луѓе. Оттаму велат дека не може да бидат сигурни за начинот на кој тие влегле и излегле од земјава, дали биле жртви на криумчари или пак сами успеале нелегално да поминат. Но токму оваа информација ја покажува сликата дека протокот на мигранти низ Македонија не е прекинат, само е намален и честопати се одвива со помош на криумчари.

Затворени граници, рај за шверцерите на Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:27 0:00

Од УНХЦР велат дека ваквиот вид на движење на мигранти со или без криумчари, со себе носи голем број на ризици и опасности, и тие се загрижени за ризиците со бегалците се справуваат. Според нивните податоци во земјава се останати 70 луѓе на кои може да им е потребна меѓународна заштита од кои од 40 во Табановце и 8 во Винојуг. Изминатава недела многу од фамилиите кои изминативе месеци престојуваа во прифатниот центар во Винојуг побарале од властите да бидат вратени во прифатните кампови во Грција.

Мерсиха Смаиловиќ од невладината Легис вели дека не може да се запечати границата и да се спречи еден нормален ток на миграција.

„Мигрантите наоѓаат други начини за да стигнат до својата цел, само со затворањето на границите се стимулира нешто што е незаконско и нехумано, а тоа е криумчарењето и трговијата со луѓе. Им се направи огромна услуга на криумчарите и на трговците со луѓе, на штета на една ранлива категорија, а тоа се бегалците. Тоа што може да го видиме е дека тие и понатаму се движат и успеваат да стигнат до Европа. Легис има хуманитарен пункт во Лојане и секојдневно забележуваме бројки на мигранти кои ги бараат услугите на криумчарите за да продолжат понатаму“, објаснува Смаиловиќ.

Дополнително загрижува фактот дека илјадници деца кои без придружба пристигнаа на тлото на земјите од Југоисточна Европа вклучително и во Македонија, патувајќи без придружба или без нивните родители, се изложени на опасност од трговија со деца, киднапирања или посвојувања без знаење на нивните родители.

Заменик народниот правобранител на Македонија, Васка Бајрамовска Мустафа, вели дека од почетокот на кризата располага со неодредена бројка меѓу осум и девет илјади непридружувани деца кои ја поминале земјава или стигнале на нејзина територија.

„Ние апелираме, постапката од инстуциите, интервјуто кое ќе се води со детето кое што е непридржувано, односно без родител, или без некој близок роднина да биде внимателно водена се со цел тоа дете да биде заштитено од било какви злоупотреби имајќи ги во предвид моменталните состојби и можни ризици од злоупотреба на ова дете или трговијата со овие деца,“изјави неодамна Бајрамовска Мустафа.

Криумчарењето е во пораст, особено по затворањето на границите во март минатата година и рестрикциите на движење, вели Претставникот на канцеларијата на УНХЦР во Скопје, Мохамед Ариф. Тој објаснува дека криумчарите се многу поактивни од претходно затоа што протокот продолжува само нелегално, што значи дека тие најчесто се движат со помош на криумчари и тоа им создава многу различни проблеми на луѓето кои влетуваат во криумчарската мрежа.

„Не само што треба да платат многу пари, туку ги предаваат своите животи во рацете на криумчарите. Еднаш кога ќе отидат во рацете на криумчарите, тие излегуваат од системот и криумчарите што и да посакаат да прават со нив можат да прават. Многумина од тие коишто се движат со помош на криумчарите честопати страдаат“, вели Ариф.

Според информациите од терен, мигрантите кои нелегално влегуваат во Македонија на одредени транзициски точки добиваат насоки како да се движат, криумчарите ретко патуваат со нив. Од Грција ги пречекуваат на македонската јужна граница, ги насочуваат да се движат по пругата кон северната граница или им организираат некаков превоз до северната македонска граница. Кога пристигнуваат во македонските погранични села, имаат два можни правца за движење. Првиот е преку селото Ваксинце кон косовско – српската граница кој во изминативе два месеци почесто го користат, а другиот преку пограничното село Лојане кон српскиот Миратовац, пат којшто сега поретко се користи поради зачестените погранични контроли од двете страни.

Според неофицијални информации од меѓународни организации, само во изминатава година, десетици мигранти, откако ја напуштиле земјава, се пожалиле дека биле заложници на криумчари, дека биле тепани и дека им биле изнудувани пари.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во изминатиов период се откриени над 70 случаи во кои е спречено криумчарење на речиси 2 илјади мигранти. Против 60 сторители на кривично дело „криумчарење на мигранти се поднесени кривични пријави е наведено во писмениот одговор на МВР. Според полициските билтени, најчесто за криумчарење се осомничени или обвинети возачи, но не и организатори на криумчарската мрежа.

Кога станува збор за жртви на криумчарската мрежа, според јавно достапните податоци, од ноември минатата година нивната бројка изнесува околу 5 илјади.

Според информациите од невладини организации кои им помагаат на мигрантите кои транзитираат низ земјава, само за пат од Турција до Грција мигратите на криумчари им плаќаат од 900 до 2 илјади долари, додека цените за транспорт од Грција преку Македонија до Србија се нешто пониски, достигнуваат до илјада долари.

Дополнително со проширување на балканската криумчарска мрежа во игра влегоа Косово и Бугарија. Последното истражување на бугарската академија на науки покажува дека шверцерите на бегалци и мигранти кои оперираат преку Бугарија и Србија дневно заработуваат по најмалку 100 илјади евра.

Според податоците од МВР, од официјалното затворање на европските граници на 8 март годинава до 14 февруари, полицијата спречила 26 566 мигранти да влезат од Грција во Македонија. Со договор за реадмисија со ЕУ вратени се 8 лица во Грција, се вели во писмениот одговор од МВР.

Според последното истражување на Еуропол, во криумчарскиот бизнис со мигранти учествуваат околку 20 илјади луѓе само на европското тло. Криумчарите за да ги пренесат мигрантите најчесто ги користат рутите преку кои претходно шверцувале дрога и оружје. Криумчарите на мигранти од човечката трагедија годишно на глобално ниво инкасираат околу 2,5 милијарди долари, речиси колку еден годишен македонски буџет.

Затворени граници, рај за шверцерите на Балканот

Грчката полиција деновиве соопшти дека на Крит уапсила деветнаесет членови на меѓународна група која шверцувала мигранти. Во исто време беше објавено дека било запленето големо каличество амфетамини наменети за Блискиот исток. Затворените граници на Балканот не важат и за шверцерите.

Гоце Атанасов

Групата организирала шверц на недокументирани мигранти до земјите членки на Европската унија. Таа оперирала во Египет, Грција и Италија. Шефот на полицијата на Крит Костас Лагудакис, наведувајќи дека во тоа бил вклучен и еден полицаец рече: „Активностите на криминалната група се состоеше во олеснување на странски државјани да ја напуштат Грција преку море, како и да го олеснат нивното влегување во нашата земја од Египет преку Крит“.

Притоа биле уапсени над стотина мигранти од Сирија, Сомалија, Иран и Египет кои се криеле во куќи и пештери во планините. Полицијата запленила пиштоли, пушки и опрема што ги користеле шверцерите.

„Надоместот што го наплаќаше криминалната организација за шверц на странски државјани беше од 2 илјади до 4 илјади евра по човек“. Дека станува збор за големи суми пари што шверцерите ги зароботуваат од овој нелегален сервис потврдуваат и самите бегалци.

Мохамад Рахим Башхи, бегалец од Авганистан кој по 13 месеци пристигна во Унгарија вели: „Кога го почнавме нашето патување од Иран, платив 2 ипол илјади долари за ској член од семејството. Потоа од Грција до Србија, платив по илјада и триста долари за секој член на семејството. Заедно со другите трошоци што ги имав во Турција, Грција и Србија сето ме чинеше од 25 илјади до 27 илјади долари“.

Башхи смета дека добро ги инвестирал парите и се надева дека ќе успее во неговата цел мирен живот за неговите. Како и да е, шверцерските патишта имаат и обратна насока. Но, најчесто не за луѓе. Деновиве грчката полиција заплени повеќе од половина милион таблетки амфетамин наменети за Блискиот Исток. Шефот на грчката финансиска полиција Лукас Данабасис вели дека станува збор за синтетичката дрога „каптагон“: „Произведените капатагон таблетки требало да бидат пренесени преку морски пат до Турција со брз чамец што го најдовме во една работилница. Можната крајна дестинација беше Блискиот Исток“. Уличната вредност на таблетките изнесува над 10 милиони евра. Двајца Грци, Турчин и Албанец беа приведени на испитување.


Патеката на мигрантите започнува со бегство од војна, од разурнати и гранатирани домови и целосно избришани градови од лицето на земјата. Во почетокот тие се раселуваат низ државата бегајќи или од војската или од бунтовниците, продаваат сè што имаат за ниска цена, и нелегално ја напуштаа државата. Над 9 милиони луѓе се раселени од Сирија во која се води 6 годишна граѓанска војна. Бегалците од Сирија на пример имаат две опции за да стигнат до Европа, едната е преку Египет а другата е преку Турција.

Според известувањата на светските новински агенции, условите за живот во Египет за мигрантите се лоши, откако во 2013 државата реши да не дозволува влез на нови бегалци. Во египетските кампови се сместени околу 130 илјади бегалци од Сирија. Секое движење низ земјата значи ризик за депортација, па оттука бегалците со помош на криумчарите преку море се обидуваат да најдат земја во која ќе може мирно да работат и живеат. Сонот за таков живот е како пловење по немирно море, криумчарите за двојно повеќе пари, односно за од 5 до 7 илјади долари им ветуваат на бегалците дека ќе ги сместат во еден брод кој ќе ги однесе преку медитеранот. Но вистиснката слика е дека тие влегуваат во преполни бродчиња кои честопати се превртуваат. Според подотоци од Обединатите нации до декември во медитеранот се удавиле околу 5 илјади бегалци.

Од друга страна,пак, во Турција живеачката ќе им биде поскапа но за некоја нијанса подобра. Во Турција како прв сосед на Сирија во пограничните делови има капмпови за мигрантите во кои се сместени над 2,5 милиони бегалци. Но тоа се кампови од затворен тип, каде што е ограничено движењето, а со тоа и можностите за живот. Освен чекање, во тие кампови немаат услови за нешто друго. Од Турција преку копно се обидуваат да стигнат до западнобалканската рута.

Според информациите кои дел од мигрантите кои пристигнале безбедно во Македонија, шверцот од Турција до Грција ги чини околу 3 илјади долари по човек како аванс, со ризик, криумчарот и да не се појави на договореното место, па парите и надежта да пропаднат.

Јасмин Реџепи од невладината организација Легис вели дека криумчарењето на мигранти зема замав од ноември минатата година, кога почнаа првите рестрикции за економските мигранти, а се засили во март годинава кога се затвори европската врата за бегалците. Со секоја забрана каде што нема алтернатива, се раѓа нелегалниот начин за справување со истиот проблем, вели тој.

„Еден дел се како што беа сите бегалци досега, тоа што го имале го продале или што го заштедиле го земале со себе и тргнале на пат. Кога се затвори границата немале друга можност да поминат освен да ги дадат тие пари на некого и да им ја направи таа услуга за да можат да поминат“, вели тој.

Најдобрата превентива и заштита на мигрнатите и бегалците од криумчарите е Владата да преземе одговорност и да не дозволи да функционираат криумчарските мрежи во оваа земја.

„Тоа е одговорост на секоја влада. Криумчарската мрежа не е само во оваа земја, таа е во целиот регион, па и во целиот свет и нивната мрежа е многу силна, но морам да кажам дека нивната мрежа не е посилна од Владата. Владата е посилна, таа мора да си ја заврши својата работа, да обезбеди дека криумчарите нема да може да работат и да предизвикуваат страдање на ова тло. Тоа е одговорност на секоја Влада во секоја земја, да нè осигураат дека криумчарите нема да бидат активни и човечките животи нема да бидат оставени во рацете на криумчарите“, вели Ариф за Радио Слободна Европа.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG