Достапни линкови

Иванов не му го даде мандатот на Заев, ќе ја брани државата


Обраќање на претседателот Ѓорге Иванов
Обраќање на претседателот Ѓорге Иванов

Образложението кое доцна попладнето го даде претседателот Ѓорге Иванов е дека постоела една формално-правна пречка, но и еден посуштествен проблем - постизборната политичка платформа, како што нагласи, од туѓа држава. Заев вели дека Иванов извршил државен удар.

По два дена мислење, претседателот Ѓорге Иванов одлучи да не му го даде мандатот на претседателот на СДСМ Зоран Заев кој во понеделникот му го достави бараниот доказ за најмалку 61 пратеник.

Образложението кое доцна попладнето го даде претседателот е дека според правните експерти постоела една формална правна пречка, но и еден посуштествен проблем - постизборната политичка платформа, како што нагласи, од туѓа држава.

За време на средбата што ја имал денеска со Заев, рече Иванов, побарал јавно и јасно да ја отфрли и осуди таа платформа, додавајќи дека разговарање за содржината или преговарање за платформа на туѓа држава било спротивно на Уставот на Република Македонија.

„Сè додека сум Претседател на Република Македонија, нема да дадам мандат ниту на човек ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за рушење на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија“, рече Иванов.

Заев - Иванов изврши државен удар

По обраќањето на Иванов, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција рече дека Иванов извршил државен удар.

„Иванов ја внесува Македонија во длабока криза со несогледливи последици, прави уставно-државна криза со што ја негира волјата на мнозинството граѓаните и потписите на 67 пратеници. Тој спречува легален и легитимен трансфер на власта. Иванов се става во улога на заштитник и соучесник на Никола Груевски“, рече Заев.

Тој порача дека Иванов мора да ја повлече одлуката и да им го даде мандатот, оти како што вели, така е според Уставот.

Заев вели дека немаат донесено одлуки за следните чекори.

Иванов ја предупреди и меѓународната заедница

Во обраќањето Иванов побара и од меѓународната заедница јасно и јавно да ја осуди таквата платформа која претставува, како што рече, бескрупулозно мешање во внатрешните работи и редефинирање на унитарниот карактер на државата.

„Мојата порака е јасна. Штом се воздржа од осудување на платформата што ја загрозува сувереноста и унитарноста на државата Република Македонија, сега меѓународната заедница треба исто така да се воздржи и од наметнување решенија кои би биле во спротивност со државните интереси на Република Македонија“, вели Иванов.

Во однос на формална правна пречка што ја спомена додаде дека проблем биле роковите од член 90 од Уставот за трансферот на власта да бил легален и легитимен. Но, Иванов нагласи и дека ова прашање било лесно надминливо и за тоа постоеле решенија, особено сега кога е веќе создадено и обезбедено мнозинство во Собранието.

На Заев му препорачал да се држат до воспоставената практика од 1992 година, кога и во трите обиди за формирање на Влада се почитувани уставно утврдените рокови од 10 дена.

„Ме информираа дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија останува на ставот дека роковите во Уставот и воспоставената практика од 1992 година не се пречка за доделување на мандатот и бараа доделувањето на мандатот да биде веднаш“, рече Иванов.

Оваа одлука на Иванов предизвика реакции во јавноста бидејќи тој кога му го даде мандатот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не побара гаранции за мнозинство ниту пак гаранции дека нема да преговара за платформата на албанските парламентарни партии.

Таа беше потпишана на шести јануари, а мандатот Груевски го доби на деветти јануари. Преговорите што ги водеше со ДУИ дваесет дена не успеаја, а од ДУИ тврдат дека тој ги прифатил речиси сите нивни барања освен за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. Од ВМРО-ДПМНЕ го негираат тоа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG