Достапни линкови

Вести

Ослободен рускиот активист Илдар Дадин

Дадин излегува од затвор
Дадин излегува од затвор

Рускиот политички активист Илдар Дадин е ослободен од затвор, јавуваат руските медиуми. Президиумот на Врховниот суд на 22 февруари ја укина пресудата против него за учество во повеќе ненајавени протести и нареди негово ослободување. Президиумот нареди затворање на случајот.

Додин беше затворен во регионот Алтај Крај во јужен Сибир. Руски и меѓународни организации сметаа дека е политички затвореник. Тој беше осуден на 2,5 години затвор според контроверзниот закон според кој човек не смее да учествува на повеќе од еден непријавен протест во рок од шест месеци. Тој беше затворен во декември 2015 година

види ги сите денешни вести

Собранието ќе одлучува за разрешување на петмина членови на Судски совет

Судски совет
Судски совет

Негативниот годишен извештај за работата на Судскиот совет е причината поради која пратениците одлучиле да ги отповикаат членовите во Советот кој ги назначува, изјави денеска (26 декември) претседателот на Собранието Африм Гаши.

Петмина членови на судскиот совет назначени од Собранието ќе бидат отповикани во Комисијата за именување и назначување.

„Тоа значи дека може да отпочне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови, како што е во Деловникот, како што биле назначени, така ќе бидат и разрешени“, изјави Гаши.

Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца ги предлага претседателот на државата, но изборот го врши Собранието. Еден од овие двајца членови треба да биде припадник на помалите етнички заедници.

Осум члена, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава. Двајца се само по функција членови, може да присуствуваат на седници, но немаат право на глас, тоа се претседателката на Врховниот суд и министерот за правда.

Во однос на делот кога може да се очекува разрешувањето на овие членови, Гаши не прецизираше, но посочи дека на дневен ред ќе биде ставено веднаш што се создадат услови за тоа.

Опозициската СДСМ обвини дека со ова се прави груба партизација на Судскиот совет и дека овие постапки се спротивни на договореното на власта со ЕУ за реформската агенда.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче обвини дека обидот за партиско заробување на државата се рефлектира и во најавата за распуштање на Судскиот совет, која е директен удар врз демократијата.

„Јас уште по првите чекори на оваа Влада најавив дека ВМРО-МВРО се враќа. Но вчерашната најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови, е чекор кон целосна контрола врз судството. Ова СДСМ нема да го дозволи. Ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон,“ истакна Филипче.

На ваквите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение возратија дека партизацијата на институциите настанала во претходната влада на СДСМ и ДУИ.

„Судскиот совет беше племенски совет меѓу Муртино и Зајас. СДСМ кои го поставија митаџијата Наќе Георгиев сега зборуваат за судството, која трагедија. СДСМ се партија која на чело на Судски совет ја имаа Весна Дамева од СДСМ“, се вели во нивното соопштение.

Во меѓувреме Судскиот совет нема претседател, затоа што Весна Дамева поднесе оставка од функцијата на 2 декември поради, како што изјави, политички притисоци и обиди за нарушување на нејзиниот интегритет од неколку политичари од власта, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски.

Членовите на советот побараа неколку дена за да размислат кого да предложат за нејзина замена, но по речиси еден месец, предлог во јавноста не соопштија.

Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2023 година беше поднесен во април годинава, но пратениците го разгледуваа минатата недела, и по него се изјаснија негативно.

Ангеловска-Бежоска: Стабилноста на денарот е загарантирана, се очекува стабилизирање на инфлацијата

Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на РСМ
Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на РСМ

Стабилноста на денарот е загарантирана, а девизните резерви годинава се околу 40 отсто над нивото од периодот пред пандемијата, вели гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Македонската телевизија. Таа додава дека се очекува постепено стабилизирање на инфлацијата и следната година.

Гувернерката, како што информира Народна банка, нагласила дека НБ преку своите мерки успеала да ја одржи макроекономската стабилност, како и стабилноста на курсот на домашната валута во однос на еврото.

Говорејќи за нивото на девизните резерви, како главен инструмент за одржување на стабилноста на курсот, гувернерката посочува дека тоа е значително повисоко во однос на претпандемичниот период и нагласи дека се должи на постојаниот откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар во изминатите две години.

Во однос на инфлацијата, гувернерката истакнува дека по просечната инфлација од 9,4 отсто минатата година, таа во првите десет месеци од оваа година изнесува 3,4 отсто и дека се очекува натамошно постепено забавување и следната година. Сепак, гувернерката посочува и на одредени ризици.

„Важно е да се истакне дека цените на примарните производи се под значително влијание на геополитичките случувања, а тој дел сè уште е ранлив, постои голема неизвесност и потребно е големо внимание. Дополнителни извори на ризици се секако домашните фактори, особено пазарот на трудот, на кој треба да му обрнеме особено внимание за да не се соочиме со нови бранови на инфлациски движења“, вели Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката истакнува дека поставеноста на монетарната политика и во иднина ќе биде условена од инфлацијата и девизниот пазар.

Сè уште не е позната причината за авионската несреќа во Казахстан, истрагата продолжува

Претседателот на Казахстанскиот Сенат на 26 декември изјави дека се уште не е позната причината за падот на авионот на Азербејџан ерлајнс на северот на Казахстан.

„Ниту една од овие земји - ниту Азербејџан, ниту Русија, ниту Казахстан - не е заинтересирана да крие информации. Сите информации ќе бидат достапни за јавноста“, рече Ашимбаев Маулен, пренесе Ројтерс.

Патнички авион „Ембраер“ се урна на 25 декември во близина на градот Актау во Казахстан, при што загинаа 38 лица.

Дописникот на Радио Слободна Европа (РСЕ) Ајнур Сапарова го посети селото Саикн Шапагатов во регионот Мангистау, местото на падот на патничкиот авион.

Полицијата која ја надгледува областа изјави дека „истрагата е во тек“ и го ограничи пристапот до местото на несреќата. Присутни беа експерти од азербејџанското Министерство за вонредни ситуации, но одбија да дадат изјави.

Во авионот кој летал од главниот град на Азербејџан Баку за Грозни во руската република Чеченија имало 67 лица.

Од се уште непознати причини, леталото скршнало кон Каспиското Море непосредно пред приодот за слетување, а подоцна се урнал во близина на крајбрежниот град Актау.

Заменик-премиерот на Казахстан Канат Бозимбаев на 25 декември изјави дека 38 лица загинале, а 29 преживеани се здобиле со повреди, многумина од нив со тешки изгореници.

Денеска (26 декември) во Азербејџан е национален ден на жалост.

Знамињата во Азербејџан се на половина копје, објави казахстанската новинска агенција Tengrinews, цитирајќи локални медиуми, додека културните настани закажани за 26 декември во театрите и концертните сали се одложени.

„Телата на починатите патници и членови на екипажот се враќаат во Азербејџан“, се наведува во заедничката изјава на авиокомпанијата и Министерството за вонредни состојби на Азербејџан на мрежата X.

Според Tengrinews, меѓу жртвите има и руски, азербејџански и киргистански државјани.

Девет повредени руски патници во тешка состојба, меѓу кои и едно дете, се пренесени со специјален авион за помош во Москва, пренесе руската државна новинска агенција Тасс.

Бајден му нареди на Пентагон да продолжи со испораката на оружје за Украина

Џо Бајден
Џо Бајден

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден побара од Министерството за одбрана да продолжи со големи испораки на оружје за Украина и го осуди рускиот божиќен напад врз некои украински градови и енергетскиот систем на земјата.

„Целта на овој срамен напад беше да се прекине пристапот на Украинците до греење и електрична енергија во текот на зимата и да се загрози безбедноста на нивната мрежа“, рече Бајден.

Во раните божиќни часови на 25 декември, Русија лансираше бранови ракети и беспилотни летала врз украинските градови и критичната енергетска инфраструктура.

„Во последниве месеци, Соединетите Држави испорачаа стотици проектили за противвоздушна одбрана на Украина, а уште повеќе се на пат. Наредив Министерството за одбрана да продолжи да испорачува оружје за Украина, а САД ќе продолжат неуморно да работат на зајакнување позицијата на Украина во нејзината одбрана од руските сили“, се наведува во соопштението објавено од Белата куќа.

Од руската инвазија на Украина во 2022 година, Вашингтон одвои 175 милијарди долари помош за Украина.

„Да бидам јасен: украинскиот народ заслужува да живее во мир и безбедност, а Соединетите Држави и меѓународната заедница мора да продолжат да стојат покрај Украина се додека таа не победи над руската агресија“, рече Бајден.

На 24 декември Русија го нападна украинскиот енергетски систем во некои градови со крстосувачки и балистички ракети и беспилотни летала, соопштија украинските власти.

Најмалку три лица беа ранети во тие напади во североисточниот регион Харкив, кој беше нападнат со руски балистички ракети.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот како „нехуман“ и ја обвини Москва дека се обидува да предизвика тотален „мрак“ во Украина.

Полициски час во Хомс, убиени 14 сириски полицајци

илустрација
илустрација

Четиринаесет припадници на сириската полиција се убиени за време на судирите со силите лојални на поранешниот претседател Башар ал Асад во провинцијата Тартус, соопшти преодната администрација.

Новиот сириски министер за внатрешни работи на Телеграм објави дека и 10 полицајци биле ранети од, како што ги нарече, „остатоците“ од владата на Асад во Тартус.

Тој додаде дека ќе се справи со секој кој ќе се осмели да ја поткопа безбедноста на Сирија или да ги загрози животите на нејзините граѓани.

Сириската полиција воведе полициски час во текот на ноќта (26 декември) во градот Хомс, објавија државните медиуми, по немирите поврзани со протестите што жителите им ги припишуваат на припадниците на малцинските верски заедници.

Некои жители ги поврзуваат демонстрациите со притисок и насилство насочено во последните денови против припадниците на алавитското малцинство, секта која се смета за лојална на поранешниот претседател Башар ал Асад, кој беше соборен од сунитските исламистички бунтовници на 8 декември.

Помали демонстрации беа одржани и во други области во близина на сирискиот брег, каде што живее најголемиот дел од алавитското малцинство во земјата, вклучувајќи го и градот Тартус.

Демонстрациите се одржаа околу времето кога на социјалните мрежи почнаа да кружат видео снимки од пожар во храм на алавити во градот Алепо, при што вооружени мажи влегуваа и позираа во близина на човечки тела.

Министерството за внатрешни работи на својот официјален профил на Телеграм објави дека видеото е од бунтовничката офанзива на Алепо кон крајот на ноември, а насилството го извршиле непознати групи. Исто така, објави дека некои членови на поранешниот режим ги нападнале силите на Министерството за внатрешни работи во крајбрежниот регион на Сирија во средата и дека нападот резултирал со неколку жртви и повредени.

Јужнокорејската опозиција ќе поднесе барање за импичмент на привремениот претседател

Привремениот претседател на Јужна Кореја, Хан Док-су
Привремениот претседател на Јужна Кореја, Хан Док-су

Главната опозициска партија во Јужна Кореја, Демократската партија, денеска (26 декември) ќе поднесе барање за импичмент на привремениот претседател Хан Дак-су, кој истовремено е и премиер, пренесе јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Партијата соопшти дека целта е гласањето за импичмент да се одржи утре, 27 декември.

Претходно, со ваква процедура беше сменет од функцијата претседателот Јун Сук-јеол, кој на 3 декември прогласи воена состојба во земјата. Тоа беше причина пратениците да гласаат за негово отстранување.

Иако е суспендиран, Јун останува на функцијата, а Уставниот суд ќе одлучи дали ќе го смени во следните шест месеци. Доколку биде сменет од функцијата, ќе бидат распишани вонредни избори.

Јун стана вториот претседател во историјата на Јужна Кореја кој беше успешно отповикан.

Најмалку 10 загинати во израелски напади во Појасот Газа

Појас Газа
Појас Газа

Најмалку 10 лица загинаа, а десетици се ранети во израелските напади врз Појасот Газа извршени доцна синоќа, соопштија локални медицински лица.

Пет лица загинале, а 20 се повредени во израелски воздушен напад врз станбен објект во населбата Зејтун во градот Газа, соопштија медицинските лица.

Во друг напад, пет новинари беа убиени кога нивното комбе беше погодено во областа на болницата Ал Авда. Новинарите работеа за телевизијата Ал Кудс Ал Јум, поврзана со Хамас.

Палестинските медиуми и локални известувачи рекоа дека комбето имало ознаки за медиумско превозно средство и го користеле новинари кои известуваат за ситуацијата во болницата и бегалскиот камп Нусејрат.

Палестинската исламистичка група Хамас и Израел вчера (25 декември) разменија обвинувања за неуспехот на напорите да се постигне договор за прекин на огнот и покрај напредокот постигнат во изминатите денови.

Косовскиот избирачки совет за жалби и наложи на Изборната комисија да ја потврди Српска листа

Српска листа - илустрација
Српска листа - илустрација

Избоирачкиот совет за жалби и претставки во средата ја укина одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) и и наложи да го одобри учеството на Српската листа на парламентарните избори во февруари.

ЦИК во понеделникот одби да ја потврди изборната листа на Српската листа, најголемата партија на Србите во Косово која ја има поддршката од српските власти за учество на изборите на 9 февруари, бидејќи претставници на владејачката партија, Себе - Движењето одлучност, во комисијата се спротивстави на верификацијата на истата партија, наведувајќи дека не ја признава државата Косово.

Изборачкиот совет за жалби и претставки во своето решение објавено во средата наведува дека Управата за регистрација, верификација и финансиска контрола на политичките субјекти препорачала проверка на Српската листа во согласност со Законот за општите избори и другите правила на ЦИК.

„Се укинува известувањето на Централната изборна комисија од 23 декември 2024 година и на ЦИК и се наложува по препорака на Управата за регистрација, верификација и финансиска контрола да го верификува политичкиот субјект Српски листа и кандидатите на тој политички субјект“, се наведува. решението што го објави Комисијата за жалби и претставки.

Српска листа, која поднесе жалба на одлуката на ЦИК, како одговор на наредбата на Избирачкиот совет изјави дека ги исполнила сите законски процедури

„Обидот за елиминирање на Српската листа од изборниот процес и изборниот инженеринг беше направен со цел да се фаворизира Курти (премиерот на Косово Албин) подобните Срби, како и дека сè е спроведено директно под негова наредба и политички мотивирано. наведе Српската листа, додавајќи дека „останува да се види дали ЦИК ќе продолжи да го крши законот и сопствените прописи и да дејствува под директен политички притисок од властите во Приштина“.

Според одлуката на Избирачкиот совет за жалби и претставки, Српската листа ги исполнила критериумите по доставување на „политичка изјава“, листа на кандидати и пријава за секој кандидат.

Судискиот совет соопшти дека, според Законот за избори, „ЦИК го заверува политичкиот субјект со право на учество доколку поднесе пријава на пропишаниот образец и на датумот утврден со деловникот на ЦИК“.

„Во конкретниот случај, Комисијата потврди дека Српската листа доставила пополнета апликација, согласно членовите 16 и 17 од Законот за општи избори, а ЦИК е должна да го потврди како завршен секој политички субјект кој ги исполнува законските услови. во случајов по Српска листа“, се вели во одлуката на избирачкиот одбор за жалби и поплаки.

САД, Германија и Европската унија изразија загриженост поради одлуката на ЦИК да не ја верификува изборната листа на Српска листа.

Познавачите на политичките настани во Косово по одлуката на ЦИК за РСЕ изјавија дека одлуката за неверификација на списокот на Српската листа е дел од предизборната кампања и предупредија дека Избирачкиот совет за жалби и поплаки ќе донесе одлука во корист на Српската листа и ја обврзуваат ЦИК да ја верификува таа партија.

Српската листа најави дека ќе учествува на изборите на 9 февруари по периодот на бојкот на политичките процеси на Косово.

Во 2022 година, членовите на т партијата колективно поднесоа оставки од институциите на Косово, како знак на противење на одлуките на косовските власти за проширување на јурисдикцијата на целата територија на земјата.

Поранешниот потпретседател на таа партија, Милан Радоичиќ, ја презеде одговорноста за нападот на 24 септември минатата година во Бањска кај Звечани, кога група вооружени Срби уби припадник на косовската полиција.

Косовските власти овој напад го сметаат за терористички акт и ја обвинуваат Србија за организирање и извршување, што Белград го демантира.

Членот на ЦИК од движењето „Самоопределување“, Сами Куртеши, на седницата во понеделникот рече дека Српската листа никогаш не го осудила нападот во Бањска и дека никогаш не се оградила од „терористичките акти што се случија на Косово“.

Мицкоски: Злоупотребите во Државна лотарија се поголеми од осум милиони евра

Христијан Мицкоски - премиер
Христијан Мицкоски - премиер

Злоупотребите направени во Државната лотарија се многу повеќе од осум милиони евра, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, не откривајќи повеќе детали. Мицкоски одби да ги коментира гласините во јавноста дека парите злоупотребени од државното акционерско друштво се инвестирани во криптовалути.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче, пак, денеска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договориле Груби да избега, наведувајќи дека сомневањата му се потврдиле по, како што рече, „контроверзните соопштенија на власта“.

„Прво беше соопштено дека заминал со дипломатско возило, па потоа дека ја поминал границата пеш и потоа дека не работеле камерите кои, рече, „знаеме дека не работат на батерии“. Сето тоа граѓаните го слушаат и секој здраворазумен ќе се посомнева дека има некаква позадина во сето тоа“, рече Филипче.

По поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами и екс вицепремиерот Артан Груби се трага по меѓународна потерница.

За двајцата, Кривичниот суд во отсуство им определи мерка притвор во траење од 30 дена, која ќе стапи во сила веднаш штом двајцата бидат уапсени.

Пред една недела, РСЕ објави дека истрагите за Државна лотарија не запираат по акцијата на МВР и ОЈО за случајот за набавката на ВЛТ апаратите. Институциите паралелно работат и на предметите за веќе раскинатиот закуп на деловен простор во Визбегово тежок 2,6 милиони евра и тендерите во акционерското друштво.

Антоанета Димовска не планира да се повлече од УО на Академијата за судии и јавни обвинители

Илустрација
Илустрација

Судијката Антоанета Димовска не размислува да се повлече од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители затоа што според неа нема судир на интереси.

На денешната седница на Судскиот совет, Димовска изјави дека не размислува да се повлече и да даде оставка од членството во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители по дописот од ДКСК за наводен судир на интереси, бидејќи смета дека не е повреден законот и нема судир на интереси.

„Доколку имав судир на интереси, доколку имаше забрана за мое членување, овде може да дискутираме дали сум јас судија или не. Јас сум судија, но во мирување, а никаде во законот нема забрана дека судија кому му е во мирување функцијата, не може да биде член на УО. Досегашната пракса да членуваат судии кои биле членови на Судскиот совет и на УО тоа го потврдува. Принципиелно не се повлекувам затоа што одговорно тврдам пред јавноста дека немам никаков судир на интереси. Можеби таму има некои членови кои имаат судир на интереси, тоа е нивна работа. Немам дете кое ми е во Академијата, немам никаква причина да не бидам член“, рече Димовска.

Претходно оставка од УО во Академијата даде Ханив Зендели.

Според Димовска, Зендели се повлечол и тоа е негова лична одлука, но, вели, не треба да навлегуваат во нејзините причини, затоа што не го прекршила законот.

„Доколку сметате дека треба да ме отповикате, тоа е ваше право. Доколку сметате дека треба да сум отповикана, ставете ја како точка на дневен ред, но јас лично сметам и тврдам дека нема причина“, подвлече судиката Димовска.

Судијата Александар Камбовски изјави дека очекувал двајцата членови од Судскиот совет да се повлечат од УО на Академијата.

Според него, не станува збор за прекршување или за судир на интереси, оти тоа го констатирале, но оти со повлекувањето само на едниот член, смета дека ќе се прати порака за неединственост во Судскиот совет, односно дека некои членови сметаат дека постои прекршување или судир на интереси, а други дека не постои.

Судиката Весна Дамева, пак, кажа дека оставката на Зендели, на минатата седница била прифатена и оти таа се смета за личен чин, и оти не е поради незаконитост или слично.

На 29 ноември започна со работа новиот состав на Управниот одбор (УО) на Академијата на судии и јавни обвинители, во атмосфера во која се оспоруваше мандатот на двајца нови членови како противзаконски, како и по низа скандали што ја следеа оваа институција во изминатите години.

Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК) двапати во ноември ги повика Судскиот совет и Советот на обвинители да ги отповикаат членовите што ги именуваа во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители затоа што смета дека именувањето е незаконско.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG